Зоран Стефановиќ - биографија

Зоран Стефановиќ (роден на 21 ноември 1969 во Лозница, Србија) е српски писател, издавач и меѓународен културен активист.  Дебитира во театарот и филмот 1987. Дипломирал во 1994 година на Факултетот за драмски уметности (Универзитетот за уметност во Белград). Живее во Белград.

Уметничко дело

Голем дел од неговиот уметнички опус спаѓа во фантастиката - во театарот ("Словенски Орфеј", "Сказна за космичкото јајце / Скаска о космичком јајету"), стрипот ("Третиот аргумент / Трећи аргумент", врз основа на приказната од Милорад Павиќ, "Под волчјиот печат / Под вучјим жигом"), прозата ("Преку Дрина, со искра во окото / Преко Дрине, са искром у оку", "Време на бучава и бес / Време буке и беса") и во филмот и телевизијата ("Тесни патеки / Уске стазе").

Останатиот дел од неговиот опус е од документарна природа, како ТВ-серијата "Јанусовото лице на историјата / Јанусово лице историје", или филмовите "Животите на Коста Хакман / Животи Косте Хакмана" и "Музика на тишината / Музика тишине".

Неговите театарски драми, проза и графички романи се преведени на македонски, романски, словенечки, англиски, француски и полски.

Културна работа

Тој е основоположник на неколку меѓународни културни мрежи и издавачки проекти: "Проектот Растко" (мрежа на дигитални библиотеки), "Дистрибуирани коректори Европа" (меѓународна дигитализација на културното наследство), "Проектот Гутенберг Европа" (бета верзија, јавни дигитални библиотеки), и слични заедници и потфати во областа на издаваштвото, дигитализацијата, лексикографијата, а поп-културата.

Не ограничувајќи се само на Интернетот, беше активен и во бројни културни, научни и издавачки проекти во Евроазија од 1993 година, особено во земјите на поранешна Југославија, Романија, Бугарија, Грција, Украина, Русија, Полска, вклучувајќи ги и потфатите за зачувување на малцинските и племенските култури на Евроазија или иницијативата за "Балканска културна мрежа" (заедно со грчкиот културен активист и музички продуцент Никос Валканос и со други колеги).

Неговите општествени ставови вклучуваат и силно застапување на филозофијата на "отворени извори" и слободно знаење, како "цивилизациски темели на секое човечко општество". Активно поддржува неколку регионални Википедии, особено во Источна Европа, уште од нивното основање.

Награди и признанија

Како писател, драматург и сценарист беше национално и меѓународно наградуван и номиниран околу петнаест пати, вклучувајќи ги и номинациите за наградата "Prix Europa" во Берлин и "Prix Italia" во Рим.

За својата културно-издавачка работа национално и меѓународно е признаен дваесетина пати, вклучувајќи ги и: номинацијата за "United Nations World Summit Award", три пати годишната награда на Друштвото на информатичарите на Србија и десет "YU Web Top 50" (сега "SR Web Top 50") признанија.

(П. М.)

Извори


Текстот е достапен под условите на Creative Commons Attribution/Share-Alike License и GFDL; можат да важат и дополнителни услови. Видете ги условите на употреба за детали.

На Растку објављено: 2009-12-11
Датум последње измене: 2010-03-08 13:55:53
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија