Зоран Рујак

Цареви кули

Во мугрите на летните денови, додека градот сеуште спие, осветлени од првите зраци на сонцето, Цареви кули се издигаат над Струмица како светилник над плодното Струмичко поле. Денес, скриено длабоко во својата потсвест, Струмичани го носат сеќавањето на величенствените победи остварени во деновите кога цврстите неосвоиви yидини на Цареви Кули ја одлучувале судбината на градот. Во своите творби Струмичани својот град ќе го овековечат како „градот под Царевите кули“ или како во песната „Еден прекрасен мајски ден, под кулите на Струмица...“. Царевите кули ќе го најдат своето место и во легендите, како онаа за љубовта и предавството на убавата Струма. Со години младите поколенија ги играле своите игри во рушевините на славната тврдина, често замислувајќи ги времињата кога тврдината била во својот најголем подем. Неодамна, градот повторно доби прилика уште еднаш да се заблагодари на своите Цареви кули, а воедно и да се обиде да ги прочита страниците кои се пишувани неколку илјади години и кои зборуваат за нашето минато.

Благодарение на Европската агенција за реконструкција, Локалната самоуправа и НУ Завод и Музеј од Струмица, на 01 јуни 2007 год. се започна со истражувања на локалитетот Цареви Кули, со цел да се откријат елементите на фортификацијата, заради поверна реконструкција на тврдината. Имено, истражувањата се само еден од важните елементи за остварување на крајната цел, а до неа ќе се дојде и со градење на инфраструктура, конзервација и реставрација како и соодветна презентација на тврдината.

Со започнувањето на истражувањата имавме огромен интерес кај населението од Струмица и Македонија, па дури и пошироко, кај луѓето од Америка, Австралија, Канада, Холандија, Турција... Сите беа восхитени од местоположбата на тврдината од која се овозможуваат најубавите глетки кон плодното Струмичко поле, и сите ги поставуваа истите прашања коишто и самиот си ги поставував пред да започнам со истражувањата. Што се тоа Цареви Кули?

 Кулите на ридот полека го отвораа своето лице пред јавноста, а понекогаш вешто ги прекриваа информациите, кои несомнено го вбројуваат нашиот град во плејадата на најстарите градови на Балканот. И самото сонце како да не дозволуваше да изнедрат илјадавековните тајни на тврдината светлејќи и леејќи ги своите зраци како никогаш досега и загревајќи го челикот со кој се соочуваше утробата на земјата со над 60° Ц. Кога сонцето се здружуваше со ветерот правејќи вистински пустински луњи коишто немилосрдно ги шибаа сите оние кои копаа по недрата на акрополот, на моменти ни се чинеше дека навистина ја губиме битката со времето. Но упорноста и желбата да се раскажат приказните за животот меѓу бедемите и акрополот, на крајот блеснаа во целосна светлина, повторно испишувајќи ги страниците на историјата на Струмица.

Судбината на Цареви Кули, како што се покажа, е тесно поврзана со судбината на градот Струмица. Без разлика дали е тоа славниот Астраион, Тивериопол, Естреон или Уструмџе, Цареви кули секогаш стоеле тука и дури многу порано, длабоко во праисторијата кога овде цутела богата култура од времето на доцниот енеолит и раната бронзова епоха. Со истражувањата добивме многу податоци кои се однесуваат на секојдневниот живот во праисторијата, како и за духовниот и материјален живот на популацијата која ги населувала ридовите. Појавата на праисториски женски фигурини „Божици на плодноста“ е како некоја реминисценција на средновековното култно средиште на Пресветла Богородица по која често е нарекувана оваа област.

Меѓутоа, почетокот на континуирано живеење на ридот ќе отпоче во времето кога на оваа почва се појавува првата постојана населба којашто кај римскиот историчар Тит Ливиј ќе биде спомната како град Астраион. На ридот од тоа време се појавија траги кои упатуваат на еден богат и развиен живот со сите свои особености кои ги познава македонско-хеленистичкиот период. Еден од најинтересните е и појавата на монета на претпоследниот македонски крал Филип V кована помеѓу 186-183/2 п.н.е со претстава на праотецот на македонската кралска лоза - Херакле и двете легнати кози кој го дале името на првиот македонски град Ајга (коза). Не помалку се интересни и другите наоди: теракотни претстави на Хермес, светилки, мегарски пехари - на кои е прикажан сетилниот живот на нашите претци. Всушност, богатството на наоди фасцинира во својата разноликост.

Не помалку е интересен и периодот на римското владеење со нашиот град или поточно, втората половина на третиот век, којашто исто така изненадува со своето движно богатство (појавата на различни монети - македонски КОИНОН, монети на Диоклецијан и неговите наследници и совладари од тетрархијата) како и мноштвото садова керамика од тој период, што речито зборува за животот на градот во тоа време. Но веќе во времето на царот Константин, првата доцноантичка тврдина на Цареви кули ќе блесне во сиот свој сјај, држејќи го во прегратки древниот Тивериопол. Истражувањата зборуваат дека речиси целото плато било опкружено со дебели yидини, а внатре во самата тврдина се наоѓале многу објекти кои служеле на стационираниот гарнизон. Истражувањето на некрополата уште поблиску ни го приближи животот во тоа време, а најмногу нé изненади материјалната потврда за една од најраните христијански популации кои живееле на овие подрачја, оличена во ранохристијански надгробен споменик каде починатиот, држејќи крст во својата десна рака и заблагодарувајќи се за својот живот, себеси се нарекува „роб божји“. Впрочем, за тоа зборува и Житието на Св. Петнаесет Тивериополски Маченици на Теофилакт Охридски кој зборувајќи за страдањето на мартирите во Тивериопол во времето на Јулијан Отстапник (361-363 год.) запишувајќи дека во градот христијанството веќе одамна било длабоко вкоренето и прифатено од речиси секој граѓанин. Другите атрибути пронајдени кај населението, како појавата на мали крстови-приврзоци, уште повеќе ја потврдуваат оваа констатација.

За жал, со досегашните истражувања периодот на Самоиловите војни и понатаму останува нејасен. Неколкуте фрагменти на садова керамика и неколкуте парчиња накит коишто датираат од X-XII век, можеби укажуваат на овој период. Засега овој дел од историјата нема цврста материјална потврда, но се надевам дека идните истражувања ќе дадат појасни одговори, коишто, ценејќи според историските податоци, се очекуваат на ова подрачје.

Од друга страна, во XII век тврдината блеснува со нов, уште поголем сјај што трае речиси до првата половина на XV век. Се чини дека периодите на самостојните владетели Стрез, Хрс, деспот Слав и протосевастот Хреља, имаат свои поткрепи во рамките на самата тврдина. Имено, Комненовскиот период е јасен и цврсто документиран со појавата на нови фортификациони елементи од кои најмногу се издвојува централната пирг-кула со својот колектор за атмосферска вода длабок над 8 м. и со најмалку три ката во самата кула и уште еден во дрвената конструкција над кулата. Пирг-кулата и по својот полигонален облик е уникатна на Балканот. Единствена аналогија има во донжон кулата од Вишеград - седиштето на унгарските кралеви. Посебно се издвојува бедемското платно коешто, според истражувањата, непрекинато го обиколува целото плато. Истражувањата покажаа дека тврдината покрај централната пирг-кула имала уште најмалку шест кули кои служеле за одбрана и набљудување на патните комуникации. Дознаваме дека во тврдината имало најмалку два главни влеза (на североисточната и југозападната страна на платото) и два споредни: едниот западен, кој водел до објектот и кај месното население познат како црквичка, а всушност е објект што најверојатно служел за брза евакуација и сокривање на дел од командниот кадар на тврдината, и источен, кој најверојатно водел до југоисточната тераса од платото на којашто посадата на тврдината најверојатно садела градинарски култури или винова лоза. Со ваквите истражувањата се пронајде и се реши функцијата на големата цистерна за вода издлабена во карпа, која во времето кога била активна, имала длабочина не помалку од 10 м. Меѓутоа, најинтересен е податокот дека на североисточната страна на тврдината се појави мала еднокорабна црква со припрата на северниот и мала капела на јужниот дел. За жал, над централниот кораб на црквата се наоѓа куќичката на репетиторот за радиодифузен сигнал, па се прават напори за нејзина дислокација. Сметам дека ваквиот чекор е неопходен, зашто зачувувањето на културното наследство секогаш има приоритет. Од самата црква, иако мала по димензии, изнедри богатство од наоди оличено во фрагментираниот фрескоживопис со богата пигментација и колорит, како и делови на сцени од светители, ореоли, букви, делови од облека и други елементи што ќе бидат предмет на анализа во деновите кои доаѓаат. Наодите на монети ковани за време на Латинското царство во XIII век, пронајдени во црквата и гробовите вкопани околу црквата, зборуваат за нејзиното подигање кон крајот на XII и почетокот на XIII век. За жал, црквата најверојатно насилно настрадала, зошто насекаде во самата црква откривме траги од опожарување. Интересен е и наодот од олтарниот простор на црквата кадешто ја пронајдовме едната половинка на крст-енклопион кадешто е прикажан светител (најверојатно ѓакон) и натпис ГЕОРГИО, што можеби укажува на посветата на црквата на Св. Ѓорѓи, на што впрочем наведува и црквата во с. Баница која, исто така, е подигната на ридот. Знаеме и дека во средниот век црквите во тврдините често биле посветувани на некој од воените светители, како Св. Ѓорѓи, Св. Димитриј итн. Истражувањето на архитектурата и движните наоди зборуваат за опстојувањето на тврдината сé до доаѓањето на Османлиите кон крајот на XIV век кога тврдината повторно ќе биде користена и доградувана (во првата половина на XV век) за да набргу го изгуби своето значење, откога ќе остане длабоко во Османлиското царство коешто ќе се прошири сé до портите на Виена.

Но и во тоа време имаме материјални потврди и пишани извори, коишто зборуваат дека тврдината била сеуште активна. На целото подрачје на тврдината најдовме неколку садови-стомни кои укажуваат дека можеби во времето кога тврдината повеќе не била активна, колекторите за вода сеуште функционирале. Исто така, знаеме дека набргу потоа, големата цистерна и колекторот за вода во пирг-кулата биле намерно посипани со земја и камења, пополнувајќи ги длабоките дупки. Претпоставувам дека тоа било направено со цел да се спречат можните несреќи, или едноставно од практични причини, по рушењето на поголемиот дел на тврдината за време на Османлискиот период, за спречување на побуни кај населението или заради евентуалната можност истото население да се засолни во сигурните бедеми на тврдината.

Денес кога отпочнавме еден нов цивилизациски однос кон нашето минато и кон вредностите на нашето културно наследство, можеме слободно да се гордееме со материјалното и духовно богатство од нашиот крај. Цареви Кули заедно со лок. Св. Петнаесет Тивериополски Маченици, култниот простор на лок. Орта Џамија, лок. Мачук, Доцноримското лекувалиште во Банско, заедно со црквата Св. Четириесет и црквите Св. Леонтиј во Водоча и Св. Богородица Елеуса во Велјуса, нудат огромен потенцијал за развој на културниот туризам којшто во последната деценија бележи голем пораст во туристичките понудите. Овој потенцијал треба да биде препознаен од страна на приватниот сектор којшто исто така, треба активно да учествува со вложување во истражувањата и конзервацијата на културното наследство.

Истражувањето, конзервацијата и реставрацијата на одредени сегменти на тврдината Цареви Кули ќе овозможат повторно оживување на овој прекрасен објект наследен од нашите претци, кога ноќите над Струмица ќе добијат ново значење за убавината на градот, со што, верувам, ќе се мотивираат следните генерации Струмичани со инспирација за нови творештва од слоевите коишто ги напластиле културите стари неколку милениуми, длабоко всадени во нашето битие. Секој Струмичанец треба да се гордее со Царевите Кули зашто на тој начин тој ќе му се оддолжи на својот град, вyидувајќи уште еден камен во Царевите кули. Кули кои денес, наместо во минатото, се воздигнуваат кон иднината.

На Растку објављено: 2008-02-07
Датум последње измене: 2008-02-09 19:34:57
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија