Димитар Г. Молеров

Змеова невеста

оперна идила во три дејствија

ЛИЦА:

  • МИЛКА
  • ЗМЕЈ
  • ДРУГ ЗМЕЈ
  • ЗМЕИЦА
  • МИЛКИНА МАЈКА (48 год.)
  • МИТАНА (47 год.)
  • СТОИЦА (момче другоселец)
  • ВИТАН (брат на Милка, 26 г.)
  • МИЛЕНА (Витанова невеста, 24 г.)
  • СТОЈНА (44 г.),
  • ДЕНКА (40 г.), Милкини тетки
  • МИЛЕН,
  • ВЕНО, момчиња, Милкини братучеди
  • ЈАНА,
  • РАДА,
  • ДОБРА,
  • МАГДА,
  • МАРА, Милкини другарки
  • КИТАН,
  • БОЈАН, момчиња
  • ЦАНКО (Милкино братче, 11 г.)
  • ДРУГО МОМЧЕНЦЕ
  • СТОИЦОВИОТ ТАТКО
  • КУМ
  • I-ВО ОВЧАРЧЕ
  • II-РО ОВЧАРЧЕ
  • МАЖИ
  • ЖЕНИ
  • МОМИ
  • МОМЧИЊА
  • ЗМЕЈОВИ
  • ЗМЕИЦИ
  • СВАДБАРИ
  • СВАДБАРКИ

I   д е ј с т в и е

Пространа градина во село, заградена со низок плет. Се расцветале разни цвеќиња: црвена латинка, бел и црвен мак, ситен каранфил, разни невени, треперушки, трендафил, сончоглед, бел крин, маргаритки и мн. др. На столче, во сандаче, бујно го разлистало своето стебло кадравото поледиче, чија што роса светка како брилијантин. Овошни дрвја, по кои прелетуваат и пеат славеи, ластовички и др. птици. Се синеат неколку леи расцветан лен. Зад ленот има уровиште (срушена градба), големи камења, коприви, бленика, татул, трње и др. плевел и запуштен бунар, зинат злокобно. Далеку се гледа баир, на кој има ливада, половината окосена. Моми и момчиња со гребла и вили на купишта го собираат исушеното сено. Косач го коси неокосениот дел. На ливадата има китнест бор, на кој е закачена лулка од цедалка, во која спие детенце. Девојченце ја лулее лулката. Време пред ручек. Сонцето грее, а од време на време се јавуваат и облачиња.

МИЛКА (18-годишна, многу убава црноока девојка, со црна кадрава коса, во прекрасна селска носија, тажна, замислена, го плеви ленот.)

МОМИ И МОМЧИЊА: (На ливадата пеат.):

Будим Јано, безродна невесто,
Изгради Јана до три нови ана,
До три ана Јана на три друма,
Кој помине за лек да го праша,
Да распраша билја за раѓање.
Распрашала риба златокрила.
Ако јаде десното ѝ крило,
Ќе си роди едно машко дете,
Ако јаде левото ѝ крило,
Ќе си роди една лута змија.

МИЛКА: (Ја прифаќа песната.):

Забравила, та изела левото ѝ крило,
Та родила машка рожба - змеј горски,
Што му нема нигде убост, ни сила голема.

(Сонцето влегува во облак.)

МИЛКА: (Гледа во облакот.) Ах, каков чуден облак!.. (Сè гледа.) Ете, стана како момче... Каква коса!..

(Пее жално, откако си ги избришува очите со бела крпа, навезена по краиштата со аспри и ситни сини монистра.):

Ој лене, лене, син зелен лене,
Мили убави очи Змејови!
Како ми растеш висок, та тенок,
Кога ќе дојдат коледни ноќи,
Да те испредам за танки дарои,
Та кога Милка дар ќе дарува?!.

ЗМЕЈОТ: (Има облик на 18-годишно необично убаво момче, од кое блика мажественост и сила. Гологлав, без мустаќи, очите му се сини како лен, косата бујна, руса и кадрава. Со неопределени копринени алишта, половината (од крстот нагоре) сини, а од крстот надолу зелени, како убавата зелена боја на гуштерот, со блескотни златни аспри по задниот раб на ракавите. На грбот му се развејува наметка со боја на облаци. На градите си има чудесно убав шарен цвет, кој нема име, а исто и голем полумесец од брилијанти. Тој се појавува необичен, прекрасен, од високиот плевел ѝ пее.):

Сè кога ќе дојдам, Милке, сè тебе ќе те најдам,

Сè тебе ќе те најдам, Милке, каде си плачела.

Та зошто плачеш, мори, та зошто жалиш?

Ти омрзна ли веќе змејовото либе?

МИЛКА: (Исполнета со љубов го погледнува. Лицето ѝ се развеселува, и на него се јавува радост. Таа со него се среќава не за првпат.):

Ден да те, Змејко, не видам,
Два дена болна тагувам
Од таа болест неверна.
Ти ќе ми, мило, омрзнеш,
Кога ќе омрзне сонцето
На сончогледот в градина,
На пчела цветна ливада,
Гора на брза кошута,
Поток на пиле славејче,

На поледиче* росица.

(Го покажува бујното поледиче, блиску до неа.)

*Поледиче - цвеќе, секогаш опсипано со роса.

ЗМЕЈОТ: (Седнува на камен во уровиштето.):

Милчице, ситна билчице,
Доста сме, Милке, оделе
Далечни, мори, разделени;
Ајде веќе да се зближиме,
Ајде двајцата да се земеме.

(Оди по уровиштето.)

МИЛКА:

Уште сме млади, млади зелени,
Кој наутро рано ќе не буди
И кој навечер ќе не приспива?
Де гиди лудо младо
Убаво,
Пустата младост, џанам,
Не стига!

ЗМЕЈОТ:

Имам си, Милке, два двора,
Во двата двора два бора,
На двата бора две птици,
Две птици, две кукавици;
Едната пее пред изгрев,
Втората пее по залез:
Првата ќе не разбудува,
Втората ќе не приспива.

МИЛКА И ЗМЕЈОТ:

Та каква беше таа пуста средба,
Та која беше таа волшебничка,
Волшебничка, врела магесничка,
Та што маѓепса и мене и тебе?!
Та што ми се толку омилело,
Омилело, толку в очи влегло,
В очи влегло, на срце легнало?!
Гиди младост, џанам, гиди убост -
Гергина в градина!

ЗМЕЈОТ:

Волшебничка, мила Милке,твое бело лице
Голема магесничка, мори, твои црни очи.

МИЛКА:

Поглед чуден, очи сини како лен в градина
Коса руса, та кадрава - куин-детелина.

ЗМЕЈОТ:

Знаеш ли, Милке моме,
Помниш ли,
Кога бе жетва, мори,
Весела?
Ти со мили друшки нежно
Пееше,
Бел ти крем по лицето
Цутеше...
Над вас ечеше чудно
Гората...
Пак јас се криев горе
На борот,
Сè тебе те гледав, мори,
И слушав...
Ој, моме, моме, од врба фиданка,
Од врба фиданка, мори, од дуќан гајтан!

МИЛКА (Плеви. Змејот од плевелот откинува маргаритка, од која едно по едно ги откинува венечните листенца.)

МОМИ И МОМЧИЊА: (На ливадата.):

Та што си толку, бре варај лудо, убаво?
В градина ли си, мамино чедо, никнало,
Или те писатели, китен невене, пишувале,
Или златари, бре сив соколе, леале,
Од Бога ли си, севдо голема, паднало?

МИЛКА: (Тажна.):

Проклет денот, кога си ме видел
Триш клет часот, кога те сретнав,
Та однесе мое клето срце!
Леле Змеју, леле Змеју, леле таго голема!..
Цело село без ум ќе остане,
Мила рода в таги ќе потоне,
Жална мајка од болка ќе умре:
Каде се чуло и видело
Селска мома со змеј да бега!
Та каков ли дом ќе завртиме,
Та какво ли гнездо ќе си свиеме,
Та каква ли рожба ќе добиеме?!
Пусти жалби, пуста мамо, пуста црна вдовице!..

(Пауза.)

ЗМЕЈОТ:

Ќе добиеме машка рожба, дете нишанлија,
На чело му јасен месец, ѕвезди на градите.
В пусто горе тилилејско змејови сараи,
Змејови широки дворои - полјани зелени
Сред горите чудни, дивни, сред цвеќе насмеани.
Еден сум син у мајка, мајчица змеица;
Легло таа ќе ни направи од лилјан и здравец,
Ќе ни стави меко зглавје - сината тентјава,
А покривка ќе ни биде змејовото цвете.

(Го покажува цветот на своите гради.)

МИЛКА:

Кога ме болест налегне,
Нема да дојде мајка ми
Понуда да ми подаде
И да трепери над мене
Како лист зелен над вода.

ЗМЕЈОТ:

Си гледала ли орлица
На таа карпа „Острица“,
Како над орленца трепери?
Така ќе трепери мајка ми
Над тебе, Милке убава;
Јас ќе ти носам водица
Од поледиче росица
И ќе ти давам понуда
Од дива коза сиренце,
А од кошута масленце,
Од срна млеко квасено.

(Пауза. Милка плеви. Змејот едно по едно кине од венечните листенца на сината цикорија.)

МИЛКА: (Тажна.):

Бог наредил Змејот да земе Змејица,
Милка да го земе од друго село Стојица.
Па ја го земам, ја не го земам,
Ќе видиме:
Манастир има, и таму може
Да одам.

ЗМЕЈОТ И МИЛКА:

Разни патишта - еден е мој,
Друг твој;
Од нас се бара секој да тргне
По свој.

(Трчаат по градината Цанко и друго момченце, кое се направило страшно, фантастично чудовиште. Змејот исчезнува во плевелот.)

МИЛКА: (Ги погледнува и се насмевнува.) Кој е тоа, Цанко?

ЦАНКО: Бабугер, змеј, вампир. Сега ќе видиш како ќе ги исплашиме оние таму. Држи ја добро бре торбичката со пепел! (Го прескокнуваат плетот и се губат. Змејот се појавува од плевелот.)

МИЛКА:

Како ќе тргнеш, миличок Змеју,
По патот свој.

Та кому мене клета оставаш
Во светот?!.

ЗМЕЈОТ:

Те оставам на мајка ти вдовица,
Те оставам на козарот Стоица.

МИЛКА:

Мојот пат е надолу,
Во гробиштата под село,
Крај „Тажната могила“...
Леле таго голема!..

(Работниците на ливадата седнуваат под дрвото за да јадат.)

ЗМЕЈОТ:

Не го кажувај, Милке, тој збор:
Ти си уште млада, зелена.
Колку ми коса на глава,
Толку момчиња во село,
И селски и од други села,
Убави, мори, наконтени.
Ти ќе си ја најдеш ликата,
Ликата и приликата;
Мене ќе ме, Милке, заборавиш,
Друго лудо ќе заљубиш -
Козарот, мори, Стоица,
Во туѓо село ќе одиш.
Кога со песни ќе тргнете,
Со песни, Милке, и свирки,
Јас ќе сум долу крај село
При таа „Тажна могила“,
На високата топола.
Ќе дојдам да те испратам
И жално да си поплачам.

(И тој и Милка ронат солзи, Милка ги забришува очите со бела крпа, а Змејот - со сина.):

Каде ќе, Милке, да бегаш,
Та како ќе, мило, замркнеш
По тој долг дервен,
По таа тесна клисура?!.

МИЛКА:

Милка тебе, миличок Змеју, ќе те заборави,
Кога во поле стеновит камен продума,
Кога риба во Црно-море ќе пропее,
Кога морето, севдо голема, ќе се вливади,
Зелена трева - ситен босилек да никне,
Момчиња да дојдат, сено да косат в ливада,
Моми да дојдат со песни да збират сеното.
Таму јас ќе ја најдам мојата лика, прилика
И ќе си сплетам венец од цвеќе бленика.

ЗМЕЈОТ:

Дали ти е тебе толку мило,
Колку ми е, Милке, мене за тебе!..
Кога би можела срце да отвараш,
Та да видиш в срцето како ми е...

МИЛКА:

Ја гледаш ли онаа планина,
Под планината гората,
А под гората маглата?
Така ми е за тебе,
Така ми е на срце
И на срцето коренот...

ЗМЕЈОТ:

Зошто не сакаш, Милке, да одиме,
Каде заоѓа тоа јасно сонце,
В пусто горе, мори, тилилејско?
Да ми видиш дворци и градини,
Да ми видиш змејово цвете,
Да си видиш моја мила мајка,
Како ме чека на друм на раздрумје
Да ме стисне и да ме прегрне.

МИЛКА:

Вистина ли, Змеју ле,
В тилилејскиот осој,
Во змејовите дворови,
Кога е сред ноќ, полноќ,
Потајно доба кога е,
Црни комачки вреснале,
Кукумјавки писнале,
Зловешто бухат бувови,
Месецот страшен надничи?..

(Работниците ја напуштаат ливадата, по која се издигаат неколку копи сено, а на другата половина се гледаат откоси од трева.)

ЗМЕЈОТ:

Зошто мразиш, Милке мори, птица кукумјавка?
Поубави од нејните очи каде има?
Која друга птица пее така меланхолично,
Како бувот в ноќна доба, сред горите пусти?

МИЛКА:

Ете друшка каде иде,
Скриј се, Змејко, од неа:
Ќе не види, ќе не каже.

ЗМЕЈОТ: (Навлегува во плевелот.)

Кога да слегнам, Милке, од врвот на планината,
Тебе да те најдам, мори, жетва да жнееш,
Да ти донесам, Милке, змејово цвете?

МИЛКА:

Леле Змеју, леле таго, леле севдо голема!
Пуста жетва, пусти друшки, пусти песни без тебе!..

(Се погледнуваат со голема љубов и тој исчезнува во високиот плевел.)

МИЛКА: (Воздивнува длабоко.) Си отиде...

ЈАНА: (Со фурка на појас, се појавува на плетот и го прескокнува.) Милке, колку ти е убав ленот! Само го плевиш и вадиш. Нашиот е во билје обраснат.

МИЛКА: Најубаво ми е кога наутро влегувам во градината да го плевам мојот убав лен. Гледаш, Јано, каква е тоа убавина, како се сини цветчињата! Ти се бендисуваат ли такви очи?

ЈАНА: На Димо Канев такви се очите.

МИЛКА: (Станува одново тажна, молчалива, смеата и е изнасилена, колку за пред луѓето.) Сосема не се, Јано. Ти не си видела такви очи.

(Се покажуваат и го прескокнуваат плетот: Рада со фурка на појас, Добра и Магда, кои плетат чорапи.)

РАДА: Ја, зарем уште од утро ленот го плеват. Ах, каков убав лен! Како се расцветал! Колку ги сакам таквите очи!

ЈАНА: Токму за тоа прикажуваме. Нели се Радо, очите на Димо Канев како тој лен?

РАДА: Еј, ама го кажа!

ДОБРА: Тебе ти се гледаат, Јано, како лен во градина.

(Се смеат. Милка ја одделува фурката од ленот и почнува да преде.)

ЈАНА: (Навредена.) Човек да не проговори ништо.

МАГДА: (Се смее и запејува, а по неа и другите освен Милка.):

Недините очи сини како лен в градина,
Ме горат, мила мамо, токму три години.
Иди, мамо, попитај ја за кого ги пази,
Дали за друг, мила мамо, или се за мене.

(Се појавува Мара, која плете чорапи, и го прескокнува плетот. Додека Мара зборува, песната не запира.)

МАРА: Луѓето си пеат, а јас цело утро барам еден петел по градините. Најпосле и тука да видам. (Разгледува и потоа пее со другите.)

МОМИТЕ: (Без Милка, продолжуваат.):

Ако за друг оди, мамо, да ја благословам:
Бели биле, мамо, мила мамо, како темјанушка,
А црвени како иглика в гора зелена!
Дом забрале, дом собрале како прав на тапан,
Зародиле, заплодиле како јаребица,
Отхраниле, одгледале како, кукавица!

МАГДА: Леле, изгорев за вода.

МИЛКА: (Ја забуцува фурката во ленот.) Сега ќе одам да донесам. (Излегува.)

ЈАНА: Мори, колку е тажна таа Милка!

МАГДА: Ни зборот и е збор, ни смеата - смеа.

ДОБРА: Можеби в куќи нешто да се расправаат.

РАДА: Знам јас зошто е, знам.

ЈАНА: Зошто?

РАДА: Знам јас.

ЈАНА: Е па кажи, штом знаеш.

РАДА: Не е за кажување.

ЈАНА: Не било за кажување! Како божем јас сега ќе тргнам по селото да брборам.

РАДА: Подобро е човек да си молчи.

ЈАНА: А зошто тогаш потфрлуваш?

МАГДА: (Таинствено.) И била направена магија, магија.

РАДА: Ами, магија. Таа е болна, болна.

МАГДА: И тоа каква болест!..

ЈАНА: Каква?

МАГДА: Ја мори некаква мора. Припаѓала.

ЈАНА: Дали е нешто обсенена, дали?!

РАДА: (Таинствено.) Нагазила под некое змејово ли, самовилско ли дрво, нагазила кутрата. И се причинуваат сè некакви сенки, духови...

ЈАНА: Таа светица ли е?

РАДА: Не е светица, ма, инакви сенки и духови гледала.

ДОБРА: Подобро за тоа да не разговараме; кој ги споменува, кај нив оделе.

ЈАНА: Куршум им в уши, игли им в уста, по море да им е леглото!

МАРА: Ах, вие такви клукарки. Како не ви е жал, нели ви е грев од господ, да прикажувате така за момичето?! Се зборува ли, мори, такво нешто за мома?

МАГДА: Молчете, доаѓа.

МИЛКА: (Донесува стомна, целата зелена, со усте како човешка глава. Им подава пијат.) Студена - мраз. Сега ја донесе Цанко.

ДОБРА: (Ја позема стомната.) Мале, каква стомна!

МИЛКА: Јас ја купив во градот. Зелената боја најмногу ми се бендисува.

ЈАНА: (Ја позема стомната.) Целата зелена! Вистински змеј.

МИЛКА: (Трепери.) Каде си видела ти змеј, Јано?

ЈАНА: Ах Милке, каква си па ти! Нели пеат во песните „зелен змеј“...

МАГДА: (Почнува да пее, а по неа и сите, и Милка.):

Денка е Змеја љубела,
Љубела Денка, водила,
И му се милно молила:
„Змеју ле, змеју син зелен,
Води ме, змеју, во село
У мила мајка на гости“.
„Денке ле пуста изгоро,
Ќе те заведам при мајка,
Кога ќе идеш крај Дунав
И ќе видиш врба зелена,
Кај бело грозје родила.
А ракитата - цреши“.
Денка се жалба нажали.

ЈАНА: (Ја прекратува песната.) Ух, оставете ги пак тие песни.

МИЛКА: Кои, Јано?

ЈАНА: Тие, за змејовите.

МИЛКА: Што лошо има во нив?

(Сите ја погледнуваат зачудено. Додека уште пеат, Китан и Бојан потпрени на плетот слушаат. Го прескокнуваат плетот.)

КИТАН: Сакате ли момичиња, гости?

ЈАНА И МАГДА: Кој бега од такви гости?

БОЈАН: Еј што работни момичиња! Прстите не им се догледуваат од брзо предење.

(Плетот го прескокнуваат уште моми и момчиња.)

МОМЧИЊА: Ете каде биле сокриени убавите моми.

БОЈАН: (Го гледа поледичето.) Ех, колку убаво поледиче има Милка! Како бујно се разлистило, како му блескоти росата на сонце!

КИТАН: Но, сепак не е поубаво од момите. Еј, пејте де, зошто запревте?

МОМЧИЊА: За нас молкнаа.

РАДА: Сега редот е ваш.

БОЈАН: Та ние како сме гласовити!

(Милкиното братче Цанко и друго моченце, донесуваат ортома и прават дулка на едно дрво, на која се лулаат. Доаѓа Стоица, обично момче другоселец, со кожен калпак на глава, по бела кошула, со царвули и овчарски стап. Се потпира на плетот.)

СТОИЦА: Луѓето се истоштуваат од работа, а тука песни и веселби. Добар ви ден на сите!

МОМИ И МОМЧИЊА: Дал ти бог добро, Стоица! Ела, де, ела.

СТОИЦА: (Откако го прескокнува плетот.) Да се поразладам во градината, зашто каква жега е! Кај „Змејовиот извор“ си починав под борот. Ама, ви велам, таква вода - нигде ја нема. (Милка го погледнува зачудено.)

БОЈАН: Жега е, Стоица; леб се пече.

КИТАН: Каков пат те нанесе во нашето село?

СТОИЦА: Одам во градот, патот ми е оттука.

РАДА: Знаеме ние колку патот ти е од тука, туку...

БОЈАН: Кажи си право барем, оти сакаш да се видиш со Милка.

МИЛКА: (Се насмевнува тажно и пренасилено.)

РАДА: Ами, ќе ја пуштиме ли ние да оди во друго село. Ќе му помине на Стоица како на Гуна Гагова за жолта шамија. (Сите се смеат.)

СТОИЦА: Нема што, во туѓо село сум, ќе трпам.

КИТАН: Та мина ли преку гората.

СТОИЦА: Да, преку гората, преку „Змејовиот извор“.

(Милка трепери и го погледнува зачудено.)

БОЈАН: Е, ајде момчиња, викнете некоја, де.

ЈАНА: Песните да ги оставиме за жетвата. Ќе дојдете да ни жнеете горе во падината кај студениот извор. Па кога ќе донесам една баница... само сирење и јајца.

ЕДНО МОМЧЕ: Ох, како сум гладен сега!

КИТАН: Нè изморуваш ти на жетва, Јано; многу долги пости тераш.

(Бојан запејува; Китан засвирува со кавал, а по нив пеат сите, освен Милка, која брзо преде.)

МОМЧИЊА И МОМИ:

Терај, Јано мори, долги пости,
Долги пости, та широки;
На крај од постот, мори, сенка има,
Сенка има од капина,
Од капина, Јано, за двамина,
За двамина, за мене со тебе.

(Сите се смеат.)

МАГДА: (Се смее.) Јано, оди ли напред работата.

БОЈАН: Ех, та да е тоа, јас со господ сум вечерал... Но, таа за мене не се грижи.

ЈАНА: Не се знае кој за кого се грижи.

БОЈАН: Де, де, не го гледам Бојан. Но, и јас не сум подолен од Димо Канев, Јано.

ЈАНА: Ах, Бојане, па ти каков си!

СТОИЦА: Е, таа не се грижи за тебе, Бојане, но Милка пак за мене воопшто не мисли.

МИЛКА: (Тажно, студено.) Кој ти внел во главата такво нешто, бре Стоице?

СТОИЦА: Ех, пасам кози, но јас не пасам трева. Гледам јас.

РАДА: Така тебе ти се чини, Стоица.

СТОИЦА: Таа мисли оти е друго село, та... Па ене го таму зад гората, има нема еден час. А нашето село е поубаво од вашето.

ЈАНА: Стоица, тоа уште еднаш да не сум го слушнала.

СТОИЦА: Соколов дол е ем поголемо село, ем има пошироко поле, повеќе простор. Вас тука ве прегрнале тне вечно замислени, мрачни борови шуми. (Го погледнува ленот.) Гледате како ленот ви посинел!

МИЛКА: Ги сакаш ли сините цветови, Стоица?

СТОИЦА: (Со гримаса на одвратност.) Поради сините очи, засекогаш сум намразил секаков син цвет.

БОЈАН: Како се козите оваа година?

(Рада седнува во лулката, Јана ја лула.)

СТОИЦА: Многу добро; млеко, масло, сирење... Милке, ја подај ми ја стомната да се напијам водица. (Милка му ја подава стомната.) Ехе, каква стомна! Целата зелена! Со човечка глава!

МИЛКА: И зелениот цвет не го сакаш, Стоица.

СТОИЦА: Козите него најмногу го сакаат.

БОЈАН: Ја гледајте, оние се лулаат.

(Сите доаѓаат околу лулката. Момите ги забодуваат фурките во ленот. Јана седнува во лулката, а момите ја лулаат и пеат. Милка не пее.)

ЧЕТИРИ МОМИ:

Кавал ми свири во густа гора
Кај моми, лудо младо, убави.

ЧЕТИРИ МОМЧИЊА:

Та која ќе ми ја дадете,
Да дојдам, мили моми, да дојдам.

МОМИТЕ:

Ќе ти ја дадеме убава Јана,
Ти дојди, млад Бојане, сам дојди.

(Сите се смеат. Речиси на сила момите ја поставуваат Милка во лулката и ја лулаат.)

ДВЕ МОМИ:

Тих ветер вее од гора,
Зелено перо однесе,

МОМИ И МОМЧИЊА:

Та на кого го занесе?
На Милка го занесол.
Та кој и го испратил?
Стоица и го испратил.

(Сите се смеат. Во лулката седнува Стоица. Го лулаат.)

МОМИ И МОМЧИЊА:

Долетало сиво пиле
Од гори далечни
Да си грабне пауница
Од нашите двори.
Тоа не било сиво пиле -
Млад ми е Стоица,
Та не ми е пауница -
Милка е момица.

(Се смеат. Во лулката седнува Китан. Го лулаат.)

МОМИ И МОМЧИЊА:

Рада ми е вита ела у гора зелена,
А Китан е китен јавор во поле широко;
Ела ечи, јавор трепти за ела зелена

(Се смеат. Во лулката се качува малиот Цанко и се лулаат со другото момченце. Сите одат кај ленот. Милка и другите моми почнуваат да плеват.)

КИТАН: Работни момичиња, бре! Минута не пропуштаат. Ние тука си се протегнуваме.

СТОИЦА: Јас да одам веќе; градот е богами далеку.

КИТАН: До вечер пак ли оттука ќе минеш, Стоице?

БОЈАН: Нели на Милка ќе и донесе подарок од градот?

СТОИЦА: Не ви реков ли оти Милка не мисли на мене. Откако јас дојдов, таа не е весела.

МАРА: Така само ти се чини тебе, Стоице; таа секогаш си е таква.

СТОИЦА: Не, ни ме погледна, ни...

МИЛКА: (Плеви.) Ленот сака плевење, Стоице; ќе требаат дарови.

МАРА: А тој цвета ли, цвета...

МИЛКА:

Ќе приготвам, мили друшки,
Ленена кошула,
Ќе ја пратам да се ткае
Во Солуна града.

МИЛКА И МАРА:

Во Цариград ќе се шие
Сè со бела коприна,
На бел Дунав ќе се бели
На мраморна плоча,
На мраморна плоча, друшки,
Со златна пиралка.

БОЈАН: За кого ли ќе биде таа чудна кошула?

СТОИЦА: Триж благословено тоа момче, што ќе ја носи.

ТРИ МОМЧИЊА:

За кого пазиш, Милке, белото ти лице?

МОМЧИЊА И МОМИ:

Белото лице, мори, црните очи?

МИЛКА:

Го пазам, лудо младо, за манастирот,
По манастирот, лудо, за црна земја.

МОМИ И МОМЧИЊА:

Црната земја, Милке, сполај не вика:
Дај ги на мене, мори, сполај да кажам.

(Смеата и радоста исчезнуваат од сите. Настапува мрачно расположение. Пауза.)

СТОИЦА: Ох, јас да одам веќе. (Тргнува.) Милке, што да ти донесам од градот?

МИЛКА: Зелена шамија.

СТОИЦА: Непремено ли зелена шамија?

МИЛКА: Непремено зелена.

РАДА: Таа зеленото најмногу го сака.

ЈАНА: И синото.

(Цанко и другото момченце се гонат по градината и се губат зад плетот. Почнува да грми.)

СТОИЦА: (Го прескокнува плетот.) Кога ќе минам покрај нивите, ќе ти наберам цвеќа: афион, маргаритки, каклица...

МИЛКА: Не, само синчец, синчец.

СИТЕ: Збогум, добар пат! Ајде и ние веќе. (Девојките ги вадат фурките од ленот. Сите го прескокнуваат плетот.) Остани со здравје, Милке!

МИЛКА: Одете си со здравје!

(Сите исчезнуваат.)

МИЛКА: (Сама, гледа кон уровиштето, кон местото обраснато со плевел.) Господи, каква разлика меѓу двајцата-козарот и змејот!.. А до козарот е мојот пат...

(Ја вади фурката од ленот. Светкавиците се многу силни и грми.)

(Завеса)

I I   д е ј с т в и е

Широка, пријатна приземна селска соба На страната карши публиката е огништето, а од двете негови страни се два големи прозорци и врата, која води до градината. На огништето врие грне, над кое на верига виси црно котле. Преку прозорците грее сонце и се гледа планина со густи борови шуми. Милка и мајка и седат на сниски столчиња и предат на фурки.

МИЛКИНАТА МАЈКА:

Милчице мила, мамина,
Што ти е чедо на срце
И на срцево корено,
Та нѝ се смееш, нѝ пееш,
Ниту весело погледнуваш?
              Често ни идат стројници
Од блиску и од далеку,
Та завидливи комшии
Комшии лоши душмани,
Виделе и завиделе,
Та си магија сториле.
               Јас ќе соберам, мамина,
Од девет бора врвои,
Од девет змии срцата,
Од девет реки водица,
Од девет сестри косица
И девет јајца од штрк,
Та ќе те, мамина, полеам
На девет друма, раздрума,
Да се магија растури.

МИЛКА:

Миличка жална мајчице,
Не оди, мамо, не собирај:
Скоро ќе без мене останеш (Плачат и двете.)
Кога ќе ме, мамо, скриете
Долу при „Тажна могила“,
На високо ме положете,
Кон планината да гледам,
Каде сонцето заоѓа.
Па иди в гори самотни,
В тилилејскиот осој,
Каде ми буфот буха;
Ќе најдеш змејов цвет,
Та го посади на гробот;
Полеј го со солзи, мајчице,
И тоа ќе се зафане.
Посеј ми уште на гробот
И лен, и синчец, мајчице
И таа сина темјанушка...
                  Кога ќе дојдеш утредента
Свеќа да ми запалиш
И со измир-темјан да кадиш,
Погледни, мамо, угоре
Кон високата топола
Да чуеш, мале, да видиш
Како пиле стапнало,
Каква песна запеало...
А јасно сонце ќе грее...
По нив и по синори
Како што расцветал синчецот!..

МИЛКИНАТА МАЈКА:

Ти си ми млада, зелена:
Гревота е од Бога
Такви зборои да зборуваш.
Тебе ќе те оженам
За козарот Стоица.
Овци, кози имаат, мори,
Пчели и градини,
Ниви и ливади, чедо,
Амбари пченица.

(Пауза.)

Ти в туѓо село ќе бегаш,
А болест од тебе ќе бега
В тилилејскиот осој,
Каде петел не пее.

ЦАНКО: (Влегува.) Мамо, ми се јаде.

МИЛКИНАТА МАЈКА: Ела да ти сипе мајка. Дај, Милке, чинијка.

(Милка од полицата зема чинијка, од лажичникот - лажица, а од долапот вади леб, пресекува рибанка и му ја дава на Цанко, кој дува и лакомо јаде.)

МИЛКИНАТА МАЈКА: Дувај мило, да не се попариш. Јади, ќе те пратам на батко ти да му однесеш вечера на нивата: тој таму ќе спие.

ЦАНКО: Мамо, и јас таму ќе спијам. Ех, колку е убаво под стариот бор!

Вечер буфот од карпите:
Буху-хуу, буху-хуу!
Наутро рано мили птички:
Чивири-чичи, чивири-чиј!
А на борот кукавичка:
Ку-ку-ку ку-ку-ку-ку!

(Кучето лае во дворот.)

МИЛКИНАТА МАЈКА: Иди, Цанко, иди, чедо, види кој иде. (Цанко пие од зелената стомна вода.) Немој, мамин, не пиј вода по толку врело јадење. (Цанко излегува.) Чекај јас да видам кој е. (Излегува.)

МИЛКА:

Ниту болест фанала, ниту магија:
Мили се тагите, мајко ле, слатки се маки!
Ако е магија,
Немој да ја растуриш,
А при вражарка оди, мамо, голема магесничка,
Втора да направи, мале, втора пак таква.

(Пауза. Бара нешто по полицата)

Пуста останала, мајко ле, куќа богата,
Овци и кози, мајко ле, пчели и градини,
Кога нема, таго ле, Змејови очи!
Де гиди Змеју море син, зелен,
Де гиди таго голема!..
Без тебе тамно ќе ми е,
Потемно и од темнина,
Попусто и од пустелија,
Пострашно и од гробишта...

(Гледа низ прозорецот. Се слуша како некаде пеат.)

МОМИ И МОМЧИЊА:

Каде се чуло, видело
Сред зима грмотевица да грми,
Сред зима, сред Големина!
Дали е на смртна болест по луѓе,
Или на скапа година?

МИЛКА: Кај Денкини пеат.

МОМИ И МОМЧИЊА: (Продолжуваат.)

Ниту е смртна болест по луѓе,
Ниту на скапа година -
Стојна е мома бегала
Со тоа лудо презморче,
Со змеј, мамо, син, зелен,
Јасно му сонце на чело,
Месечина му на гради.

МИЛКА:

Колку се големи
Маките, тагите,
Кога не смееш
Никому да кажеш
За што копнееш!

(Пауза. Го дополнува грнето на огинот.)

МИЛКА:

Престори ме боже, буф птица,
Да прелетам в гори тилилејски,
Да го најдам в чудните градини,
Слатко заспал в змејовиот цвет,
Таму да паднам ниско на колена,
Да ги прегрнам милите му нозе
И да чујам умни, слатки зборои,
Да ги погледнам чудните му очи,
Да проронам солзи ситен бисер,
Од сè срце прошка да побарам!

(Бавно се отвара вратата, преку која се гледа прекрасна градина со цвеќе, дрвја, по кои прелетуваат и пеат славеи и многу други птици. Дрвјата шумат и се нишаат од ветерот. На вратата се покажува чудесната змејица со сини очи, распуштени руси коси и зелени алишта.)

МИЛКА: (Со големо восхитување.)

Рода ли си му, мори, не си ли,
Та очи имаш негови?
Јас му срцето, моме, отрув
Со зборои тешки, горчливи;
Брза се коња стига, достига,
Брзиот збор не се стига...

(Рони солзи.)

ЗМЕЈИЦАТА: (Насмеана.)

Не плачи, мори моме убаво,
Не рони солзи два реда:
Ти ќе го видиш, моме, во гората,
Кај „Змејовото изворче“...

(Исчезнува. Милка стои и гледа кон градината како скаменета.)

ЦАНКО: (Влегува.) Ух, каква самовила е надвор! И вратата ја отворила. Ќе ја затворам, ами како.

(Милка ја затвара вратата. Влегуваат Милкината мајка и Митана со фурка на појас. Цанко седнува пак да јаде од чинијата.)

МИТАНА: Добар ден, Милке!

МИЛКА: (Бледа.) Добар ден, стрино Митано! Ние како сме се расфрлале... (Симнува од каселата шарена волнена черга и ја постила. И поставува на Митана ниско столче.) Заповедај, стрино Митано.

МИТАНА: (Седнува, ја гледа чергата.) Тоа чеиз ли е?

МИЛКИНАТА МАЈКА: Чеиз е чеиз. И други има. Со сè сме веќе готови, невесто Митано. Уште некои други дарови и...

(Седнати на ниските столчиња, сите предат.)

МИТАНА: Знаете ли што? Јас нема повеќе да обиколувам, туку направо ќе ви кажам зошто сум дојдена. Ете и Милка е тука. Пак по онаа работа сум испратена, стројничка сум. Какин Стоица ум изгубил по Милка. Ниту е болен со болните, ниту е здрав со здравите. Па и убаво е момчето, чедо: умно, работно, спретно, младо зелено - фидан в градина. Вино и ракија в уста не става. Куќа полна и преполна: млеко, сирење, масло, сланина, мед, полни амбари пченица. Кака и чичо како родена ќерка ќе те имаат. Што поубаво од тоа сакаш? Ајде, чедо, прекрсти се, ајде, миличка, кажи да биде, не се двоуми повеќе. Може да имате збор и со некој друг, но заборави го тој другиот: како Стоица ретко се наоѓа.

МИЛКА: Но сепак козар, стрино Митано. Јас копнеам за друго, за друго... Нешто убаво, нешто... некакво... (Прави движење.)

МИТАНА: А каде ќе го најдеш? Не си го познаваме ли селото?

МИЛКА: Јас ќе го најдам, ќе го пронајдам...

(Излегува кон градината. До вратата пее.):

Дај ми, Боже, мили Боже, крила лебедови,
Крила лебедови, леле, очи соколови!
Да прелетам планините и Црното море
И да одам, каде зимуваат тажните кукавици,
Каде цвета по полето зеленото цвеќе,
Та прилика да си најдам, Боже, спрема мене...

МИТАНА: Зелено цвеќе...

МИЛКИНАТА МАЈКА: Го има!

МИТАНА: Колку убаво пее!

МИЛКИНАТА МАЈКА: Песните и се такви.

МИТАНА: Како е бледа! Да не ви е нешто да е болна?

МИЛКИНАТА МАЈКА: Сè си е таква. И јас чудно се чудам. Мори невесто Митано, сè си мислам да не би некој пак магија да и направил. И сè туку се канам да отидам во „Зелен брег“ кај вражарката.

МИТАНА: Таа кога ќе го земе Стоица, сè ќе се среди.

МИЛКИНАТА МАЈКА: Нешто туку блада ноќе, се сепнува, се стреснува. Уште од малечка си е таква. Во неделен ден ќе ѝ кажам: оди, чедо, оди и ти и поиграј си со другарките на полјаната. А таа  сè низ градината, сè цвеќињата ги гледа... Читаше некакви приказни. Го помниш ли она убаво младо даскалче со руса кадрава коса и сини очи?

МИТАНА: Како да не го помнам! Колку убаво момче беше!

МИЛКИНАТА МАЈКА: Та тој им даваше на децата да читаат некакви чудни приказни. Се сеќавам, кога беше мала, спиевме на нивата. Бевме легнале под стариот бор.

МИТАНА: Под стариот бор!

МИЛКИНАТА МАЈКА:

Ветар дрвјата ги нишаше,
И борот чудно ечеше,
Гората страшна пееше,
Месец гледаше преку борот -

МИЛКИНАТА МАЈКА И МИТАНА:

Таинствена беше доба - полноќ...
Злокобно буф бухаше...

МИЛКИНАТА МАЈКА:

А таа ми рака стискаше:
„Погледни, мамо, нагоре:
Момче нè варди од борот,
Сè во сребро, мамо, и во злато,
И со јасен месец на чело!“

МИТАНА:

Се ноќева ли, мори, се преспива ли,
Под старото дрво, мори, во такво доба?!

МИЛКА: (Влегува со убави цветови во косата.) Во градината се расцветале цветови бели, жолти, црвени, шарени, сини...

МИТАНА: Зелени нема... (Пауза.) Ела, Милке, седни, чедо. Ете, таква те сакам, со цвеќиња. Сега за тебе се цвеќиња, песни, ора... Младоста, чедо, не е доста. Таа поминува како утринска роса. Зошто си така замислена, тажна, како кукавица? Што ти натежнало?

МИЛКА: Што ми натежнало? Стрино Митано, што прави вашата Мара?

МИТАНА: Добра е, Милке. Ти што не дојдеш да ја видиш?

(Кучето во дворот лае, Милка излегува.)

МИЛКИНАТА МАЈКА: Ја изучивме тука во селото, а татко и - господ да го прости, туку здравје и живот - и во град сакаше да ја праќа во големо училиште, да стане учителка во селото, но не би.

МИТАНА: Друг и легнал на срце. Се гледа. Ништо, ќе ја помириме: човекот е како вода; каде ќе ја управиш, натаму тргнува. А вие тоа место немојте да го пропуштите; тука во нашето село подобар нема.

(Влегуваат Милка и двете нејзини тетки Денка и Стојна, кои плетат чорапи.)

ДЕНКА И СТОЈНА: Добар ви ден!

ДРУГИТЕ: Добар ден, добар ден!

МИЛКА: (Става ниски столчиња.) Седни, тетко Денке, седни и ти, тетка Стојно.

СТОЈНА: (Седнува.) Каков ветер е надвор!

МИЛКА: Се засилува.

МИТАНА: Таква самовила на сè е знак.

(Кучето пак лае. Милка излегува.)

ДЕНКА: Што правиш ти, како?

СТОЈНА: Вчера беше празник, а тебе во црква те немаше.

МИЛКИНАТА МАЈКА: И помагав на Милка да развие баница.

ДЕНКА: А каде е невестата?

МИЛКИНАТА МАЈКА: Отиде со малото на гости кај мајка и. Ах, пак тоа излезе по таков ветер!

СТОЈНА: (Го милува Цанко.) Мило на тетка, мило на тетка! Кога ќе ми дојдеш дома? Само да знаеш какво нешто сум ти спремила.

(Влегуваат Милка и Мара со фурки.)

МАРА: Добар ви ден! Сакате ли гости?

МИТАНА: Ти Маро, сè по мене. Како малечко дете, не можеш без мајка. Заклучи ли дома?

МАРА: (Засрамена, преде.) Буља и батко си дојдоа.

(Влегуваат Милен и Венко, синови на Денка и Стојна)

ВЕНКО И МИЛЕН: Добар ви ден!

ДЕНКА И СТОЈНА: Ете ги и нашите.

ДЕНКА: Право вели тетка Митана. Ги следат мајките како малечки деца.

(Милка им поставува шарени возглавници и момчињата седнуваат.)

МИЛЕН: Дојдовме да го побараме батко Витан да го прашаме како се ора, има ли влага.

СТОЈНА: Или е тоа, или сте виделе оти влегува Мара. (Се смее. Мара го погледнува Милко и се насмевнува. Влегува Витан.)

ДЕНКА: Прикажуваме за волкот, а волкот на вратата.

МИЛКИНАТА МАЈКА: Зошто се врати, бре синко? Ние спремавме вечера да ти пратиме.

ВИТАН: (Седнува на возглавницата, што Милка му ја поставува.) Ветерот не ме остави мамо, гората бучи.

МИТАНА: Таков ветер обично е предзнак.

МИЛЕН: Има ли батко, влага?

ВИТАН: Имаше, но тој ветер ќе ја исуши. Каде е мамо, Милена?

МИЛКИНАТА МАЈКА: Со Пенчо отиде кај мајка и.

ВИТАН: По тој ветер, во таа самовила!..

(Ветерот ја треснува вратата откај градината. Дрвјата се превиваат. Цвеќињата се кршат. Едно дрво се откршува со тресок, се наведнува и паѓа. Цанко ја затвара вратата.)

МИЛЕНА: (Влегува со фурка на појас. Со убава бела цедалка, убаво нашарена, а на грбот нарамила пеленаче.) Боже, каква самовила! Ја, колку гости сме имале, јас пак таква поселуша. Добар ви ден. Та и тетките се тука, и братучедите, и стрина Митана, и Мара.

МИТАНА: Сите сме се собрале, невесто, сите. Само за арно да идеме.

(Витан оди зад Милена и го гали детенцето на нејзиниот грб.)

МИЛЕНА: (Преде.) Што има? Дали некаква радост, дали...

МИЛКИНАТА МАЈКА: Роздони го Пенчо, невесто, да не ти тежи.

МИЛЕНА: Нека постои на грбот мамо; штом ќе го пробудам, ќе писне.

ВИТАН: И ти по тој ветер намисли да излегуваш.

МИЛЕНА: Беше слаб, а после се осили. Велат оти е лош знак. Е, кажете како тоа сте се собрале, како на свршувачка.

МИТАНА: Не е свршувачка, невесто, но ќе биде. Ете сега тука сме сè - свои луѓе: нема од кого да се крие. И зборував на мајка ви овде. Јас навистина сум дојдена за радост. Ќе ви ја побарам Милка за Какин Стоица од „Соколов дол“.

ВИТАН: Козарот, нели? Многу добро момче.

ВЕНКО: И јас така мислам.

ДЕНКА: Куќа богата, бога ми пребогата.

СТОЈНА: Тоа место не е за пропуштање.

МИЛЕН: Тука подобро место нема.

МИЛЕНА: И селото е убаво, и куќата и момчето.

МИТАНА: Нема што, џанам, Милка со Господ вечерала.

ВИТАН: Сè е убаво, но Милка, Милка што ќе каже.

(Ветерот ја треснува вратата. Дрвјата се свиваат. Со голем тресок паѓа стариот орев. Сите уплашени гледаат кон градината. Митана и Милкината мајка се крстат. Од градината навлегуваат преплашени мажи и жени.)

I МАЖ: Таква самовила никој не помни.

I ЖЕНА: Вашиот стар орев падна. На каква ли е прокоба?!.

II ЖЕНА: На добра прокоба: старото си оди, останува младото. Вие сте се собрале како на свршувачка.

I МОМА: Милке, тебе ќе те свршуваат, а ти криеш од нас. Ах, ти ќе ни бегаш, Милке, ќе ни бегаш...

МИЛКА:

Во манастир сакам да одам,
Калуѓерка да бидам,
Калуѓерка сестра.

МАРА И МИЛЕНА:

Многу си, Милке, убава,
Убава, мори, гиздава,
Та манастир ќе растуриш.

ЖЕНИ:  

Лицето ти - бел крем во градина,
Очите ти - очи еленови,
За манастир ли се?
Пуст останал,
Во земја потонал!

МАЖИ:

Веѓите ти - морски пијавицц,
Трепките ти - крилја ластоични,
За манастир ли се?
Пуст останал,
Оган го изгорел!

МАЖИ И ЖЕНИ:

Погледот ти како јасно сонце,
Снагата ти - елка во гората,
За манастир ли е?
Пуст останал,
Бура го дигнала!

МАРА И МИЛЕНА:

Забите ти - два низа бисери,
Косите ти - тура ебрешима,
За манастир ли се?
Пуст останал,
Порој го однесол!

(Милена го расповива заспаното детенце и го става во лулката, закачена на таванот.)

МИЛКА:

Таму очите ќе згаснат,
Косите ќе ми исечат,
Во црно ќе ме облечат,
Лицето ќе ми го огрубат.
Леле пусти жалби, таги,
Фркнете до Бога!

МАЖИ И ЖЕНИ:

Оди в туѓо село
И во туѓа куќа
И при туѓи луѓе.
Злото ќе отиде
Во горите пусти,
Каде петел не пее
Каде куче не лае.
Милке ле мила мори, убава,
Де гиди моме, црвен латин!

МИЛКА:

Како ќе своја куќа да забравам,
Та да одам туѓа да учам!
Како ќе одам меѓу туѓа рода,
Како ќе речам на туѓа мајка, мамо,
Како ќе речам на туѓ татко, тате!
Како ќе кажам на туѓа сестра, сестро,
Како ќе кажам на туѓ брат, брате!
Леле тажна, мори, црна кукавицо,
Што кукаш рано,
Рано на порој!..

МАЖИ И ЖЕНИ:

Тебе ти е рода, Милке, тебе ти е мајка,
Тебе ти е татко, мори, брат и сестра - Козарот
Стоица.
Де гиди лудо младо зелено,
Де гиди горско цвеќе црвено!

МИЛКА:

Мајчице, мила мајчице,
Ленот ми го вади и гледај,
Цвеќето, мамо, поливај,
Цвеќето поледичето,
Како утро со росица,
Со солзи вечер, мајчице!

(Милка плаче над детенцето во лулката. Плачат и Милена, Мара и Милкината мајка.)

МАЖИ И ЖЕНИ:

Ја излези, излези, сонценце мило,
Туку да видиш,
Како се дели, сонценце мило,
Чедо од мајка,
Чедо од мајка, сонценце мило,
Мајка од чедо!..

(Ветерот ја отвара вратата откај градината. Грее сонце. Дрвјата се лулеат и се превиткуваат. Милка оди кон вратата и гледа во градината.)

МИЛКА: Ах!..

МАРА: (Оди кај Милка и гледа.) Што виде?

МИЛКА: (Гледа сè натаму.) Ти ништо не гледаш, Маро, на она дрво?

МАРА: Јас ништо не гледам.

(Сите се натискуваат на вратата да видат. Гласови: Ништо не се гледа...)

                                                    (Завеса)

I I I   д е ј с т в и е

Сред густа борова шума има полјана, во чиј долен крај има огромен китнест бор. Во нејзиниот горен крај има мала стрмнинка, над која се издигнува ист таков бор, под кој е „Змејовиот извор“. Околу изворот има камења, меѓу кои расте здравец, сина темјанушка и други горски цвеќиња. Покрај полјаната има коњска патека, зад која се длабоки долови, исто покриени со густа борова шува. На другата страна од полјаната има неколку големи карпи. Од „Змејовиот извор“, истекува мало жуборливо поточе, кое тече паралелно со патеката. Крај поточето цвета црвен калеш, здравец, сина темјанушка и разни други горски цвеќиња. Грее сонце. Од време на време меланхолично буха буф. Змејот пие вода направо од изворот.

ЗМЕЈОТ: (Очаен.) Кога ми буваш, був птицо, тажна, Каква ли в срце тага си криеш длабока?!... Ах, жална горо, жал ми е многу на тебе, На тебе, горо, и на мајка ми змејица, Оти ме испрати в селото долу да слезам, Та да поминам по ниви со млади жетварки, Мома да видам - сончева, горо, прилика... Каде што стоеше, јасно ми сонце грееше, Каде што збореше, ситен се бисер ронеше, Кога се смееше, бели нарциси цветаа...

(Се сокрива во гората. Минува I-во овчарче со тојага и товар на грбот*. Носи и бела волнена черга (волнено ќебе). Пие вода право од изворот. За една минута седнува на каменот, а потоа тргнува и се изгубува нагоре во гората, и си ја заборава чергата.)

*Може да тера и товарено магаре.

ЗМЕЈОТ: (Излегува од гората, длабоко замислен.) Зошто ли не излегов пак да попрашам нешто? (Воздивнува длабоко.) Ех, колку сè туку се зарекувам да не мислам повеќе на неа... Да, нашите патишта се различни...

(Од гората излегува друг млад змеј.)

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Ти мил мој, се така тажен, замислен... (Пие вода од изворот.)

ЗМЕЈОТ: Сè таа тага, брате, сè таа мисла. А да знаеш ти колку безгранична беше таа моја тага, кога пред никој не ја имав кажано!

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Кога тагата се кажува пред некого, олеснува.

ЗМЕЈОТ: Да.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: А зошто толку долго ти ја криеше во себе?

ЗМЕЈОТ: Ах, колку срам претрпев, колку се плашев само да загатнам некому за тоа... Нели секој ќе ме преѕре, ќе се одврати од мене, ќе ме смета за изрод. (Со одвратност.) Змеј да се вљуби во една мома, во еден човек...

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Кога за тебе копнеат прекрасни, преубави змеици.

ЗМЕЈОТ: Ти си мојот единствен вистински пријател, кому му го открив своето напатено срце, зашто си толку кроток, учен, та наполно ме разбираш. (Пауза) Кажи ми, брате, паднав ли ниско пред тебе, ме преѕираш ли?

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Што има за преѕирање? Малку се настраностите? (Пауза) А таа убава ли е, добра ли е?

ЗМЕЈОТ: Многу.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Но, се разбира, меѓу неа - еден ништожен човек - и нашите преубави змеици, споредба не може да се направи.

ЗМЕЈОТ: Никако.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: И ти сепак неа ја претпочиташ...

ЗМЕЈОТ: Да.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Туѓо! Многу туѓо! Да се вљубиш во едно човечко суштество, човеков плод!.. Што убаво најде ти во човекот?

ЗМЕЈОТ: Веќе почна да ме преѕираш...

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Не. (Пауза.) Знам јас, братко, оти во нас има нешто, кое никако не оди по патот, што ни го покажува разумот.

ЗМЕЈОТ: Навистина какво софпаѓање! Често пати се срамувам пред себе си, сам се преѕирам. (Пауза.) Човек... едно така несовршено суштество... Човечки плод...

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Кожа, месо, коски, течности, имиња...

ЗМЕЈОТ: Одвратно...

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Но срцето, срцето - таму е големата тајна.

ЗМЕЈОТ: Да.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: А таа како гледа на тоа?

ЗМЕЈОТ: И таа е несреќна, кутрата, и таа страда. Проклет да е часот кога сме се сретнале. Ми рече, оти имаме два различни патишта: човечки и змејски.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Ќе треба да е многу умна.

ЗМЕЈОТ: Многу.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: За луѓето веќе се знае, оти немаат никаква слобода, но и ние братко, ја немаме. Ете, гледаш, оти не можеме да тргнеме по друг пат.

ЗМЕЈОТ: Та ти ја мислиш умна?

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Да, доста.

ЗМЕЈОТ: И навистина е таква.

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Јас знам една работа преку која ќе ја заборавиш и никогаш повеќе не ќе си спомниш за неа.

ЗМЕЈОТ: Какво е тоа средство?

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: Тоа се приготвува од разни билки. Се пие. Сакаш ли? Кажи ми.

ЗМЕЈОТ: (Во недоумица.) После ќе ти кажам.

(Од гората постепено се приближува хор.)

ХОР: (Во гората.):

Човекот често ја бричи
Влакнестата си брада,
Која за него
Голема е беда.   
Но би ли ја наводенил некој
Својата брада со вода,
Која ќе ги отстрани
Влакната насекаде?

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: (Се насмевнува.) Интересно.

ХОР: (Во гората.)

Човек со наслада пие
Ракија и вино -
Причина на неволи
Несреќа не една.
Колкумина беа пиеле
Лековит еликсир -
Вино да не пијат
До гробот најпосле?

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: (Насмевнат.) Слушаш ли?

ЗМЕЈОТ: (Очаен.) Ох, нека. Јас да се напијам водица.

(Пие вода од изворот. Буфот буха.) Ја слушаш ли злокобната птица?

ДРУГИОТ ЗМЕЈ: (Замислен.) Да, ја слушам. (Од гората излегуваат многу змејови и преубави змеици - некои со убави цвеќиња - сите во прекрасни змејови алишта.)

ТРИ ЗМЕИЦИ: (Го покажуваат борот.)

Сред гората на полјана
Бор се китнест зеленее;
Зиме, лете - вечност долга,
Се така мрачен, сè така пее...

ДВА ЗМЕЈА И ДВЕ ЗМЕИЦИ: (Го покажуваат поточето.)

А поточето игриво
Се провира од цвеќата;
Со радост чудна за морето
Брза, трча кон реката.

ЗМЕЈОТ И ДРУГИТЕ ЗМЕЈОВИ:

Мрачен борот го испраќа,
Тажно гранките ги ниша;
Тој сè така замислен, вечен
Листопад и во Мај дочека...

ЗМЕЈОВИ И ЗМЕИЦИ:

За мир поточето не знае;
Ко од злато е тоа в полето.
Утре дружно со реката
неповратно ита кон морето...

(Едни од изворот пијат вода, а некои гледаат кон борот и во другите дрвја.)

ДРУГ ЗМЕЈ: (На Змејот.) Да не можеш да и се нагледаш на змејовата убавина. Може ли, мил мој, меѓу таа убавина и онаа на човекот, да станува збор, човекот, тоа жалосно суштество?

ЗМЕЈОТ: Не може.

ДВЕ ЗМЕИЦИ: (Кон Змејот.)

Змеју, што тагуваш,
Змеју, што плачеш,
В таа гора што дарува,
-радост кај царува?

ЧЕТИРИ ЗМЕИЦИ:

Погледни над нас,
Сонцето како се смее!
Миличок, ја чуј,
Како гората пее?

ЗМЕЈОВИ И ЗМЕИЦИ:

Еј бескрајна шир...
Што ти недостига?
Слобода ли, мир,
Убавина и простор,
Радост, светлина?
Долу погледни го
Бедниот човек,
Со своите имиња
Со борбите таму,
Тешкото си тело
Како едвај го влече...

(Започнуваат оро. И Змејот игра.)

Оро од змеици.
Оро од змејови.
Заедничко оро.

(Постепено исчезнуваат во гората.)

ЗМЕЈОТ: (Се враќа и пие вода. Откинува цвет и му се вљубува Гледа надолу.) Доаѓа овчарче. Зошто пак да не поразговарам со него? (Се накачува со заборавената черга од првото овчарче и се сокрива во гората.)

II ОВЧАРЧЕ: (Со тојага и со товар на грбот*, пие вода од изворот.) Ооо-о! Бре, ама вода! (Седнува на каменот.)

 * Може да тера и натоварено магаре

ЗМЕЈОТ: (Излегува со тојагата и накачулен.) Од каде доаѓаш, овчарче?

II ОВЧАРЧЕ: Одоздола, од селото. А ти што си?

ЗМЕЈОТ: (Седнува на каменот.) И јас сум овчар.

II ОВЧАРЧЕ: Ти не си нашинец.

ЗМЕЈОТ: Не. Барам од поодамна изгубена овца. А што ново-старо има во селото?

II ОВЧАРЧЕ: Денеска има свадба, свадба. Еј, сега ќе минат оттука. Доаѓаат по мене.

ЗМЕЈОТ: Кој се жени?

II ОВЧАРЧЕ: Едно момиче Милка, не верувам оти ја познаваш. Оди во Соколов дол за еден козар Стоица.

ЗМЕЈОТ: (Пребледнат, вознемирен.) Убава ли е момата?

II ОВЧАРЧЕ: (Замислено.) Многу. Како тебе.

ЗМЕЈОТ: А козарот?

II ОВЧАРЧЕ: Средна работа. (Станува.) Јас да врвам. Ајде, остани со здравје! (Се изгубува нагоре во гората. И Змејот се изгубува во гората.)

Одоздола се задава колона, гласови, свири гајда, кавал, гусла, коњски ѕвонци. На полјаната пристигнува свадбата. Коњите и мулињата со товарите ги оставиле подолу да пасат, а тие да ужинаат под величенствениот бор. Милка е млада невеста со превез (було), со златни украси, во убава селска носија. Исто и другите свадбари се во убава селска носија.

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: (На Милкината мајка.) Сваќе, погледни колку е тука убаво. Тука, под столетниот бор ќе ужинаме. Слушаш ли како чудно ечи? Еј, таму под другиот бор има извор, ама вода... Нигде ја нема. (Двата бора тивко шумат.)

I СВАДБАР: Од вода не разбирам, зашто в уста не ја ставам. Ја дајте ми го мене бокалот, пак вие трчајте на изворот.

(Смеа. Го зема бокалот и пие. Жените ја поставуваат трпезата: шарени лебови, баница во тепсии, печено прасе, јагне, пржени јајца, сирење, риба пастрмка и др. и неколку бокали накитени со здравец. За цело време свадбарите се смеат и прикажуваат, без да се разбира нешто. Момчињата свират со гајди, кавал, тамбури и гусли. Грее сонце. Се слушаат меланхолични гласови од горски птици и убави гласови од други птички. Далеку блеат овци и лае куче. 'Ржи коњ. Негде мелодично се одгласуваат ѕвонци и свири овчарски кавал.)

II СВАДБАР: Толку краток пат имаме, и веќе на две места отпочинуваме.

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Ништо. Јас тоа нарочно го правам, за да подзадоцниме, та токму кога крај реката на гумното се игра орото, ние да се зададеме.

МОМИ И МОМЧИЊА:

Да чуе село, да види
Какво му добро водиме;
Какво сме пиле фанале,
Каква сме ѕвезда симнале
Во Соколов дол ја носиме.

(Некаде далеку глас: ехе-хеееј!)

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Куме, шен ли си, куме? Ама, гости мезете се, де! Утре да не речете: леб не ни стигна, вино не ни артиса. (Јадат и се редат со бокалите.)

III СВАДБАР: Стоица уште не сум го видел да пие. Аа, тој не може.

I СВАДБАРКА: Тој не пие вино.

ДВЕ МОМИ:

Мене ме сака, мили друшки, едно лудо младо,

Што не пие, варај лудо, вино и ракија.

ДВЕ МОМИ И ДВЕ МОМЧИЊА: (Продолжуваат.)

Што му чука часовник в пазуви,
Што му игра видра на колено,
Што му пее пиле на влечки.

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Еј, што убава сенка за сон!

МИЛКИНАТА МАЈКА: На првата починка Милка малку задрема во мојот скут и чуден сон видела.

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Човекот, кога ќе заспие, сè нешто ќе сонува. Куме, весел ли си куме?

КУМОТ: Каде е невестата?

(Милка доаѓа со спуштеното було и му се поклонува бавно трипати.) Чекајте сега да ја заранам невестата. Дајте ми три залака леб. (Поставува три залака леб на своето колено. Две моми го подигнуваат булото на Милка, која се поклонува три пати, и при секој поклон од кумовото колено зема по еден залаг в уста. Потоа одново и го спуштаат булото.)

ТРИ МОМИ: (Во тоа време.)

Море млад куме,
Кога си мислел
Кум да ни бидеш,

МНОГУ МОМИ:

Што не си одел
По сите градови
И на нов пазар,

МОМИ И МОМЧИЊА:

Да исковате
На кумицата
Сребрени гривни;
Да извиете
На невестата
Златни венчиња.

КУМОТ: Каде е трендафиловото гранче? (Му го подаваат.) Да ја ослободиме малку од булото. (Со гранчето на три пати го отстранува булото на Милка.) Оди сега, чедо, горе под борот шмркни малку водица од „Змејовиот извор“. (Милка пребледнува.) Што? Таму сега нема змејови: ги избркавме. Иди, шмркни водица: таква вода не си вкусила.

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Куме, шен ли си?

КУМОТ: Шен сум.

МИЛКА: (Вознемирено. Тивко на една мома.) Тука ли е „Змејовиот извор!“

 I МОМА: (Рамнодушно.) Ене го таму под горниот бор.

(Милка оди на изворот. Пие вода. Гледа нагоре кон борот.)

ПРВИОТ СВАДБАР: (Станат. Вика во правецот кон товарите.): Хеееј, Иванееее, чувајте ги добро товарите и мулињата, бре-е-е-ј!

ГЛАС: Добро, доброооо, но испратете нешто и наваму!

I СВАДБАР: Ние ги заборавивме. Ја чекај да им однесам нешто.

(Зема една тепсија од трпезата и еден бокал и заминува. По некое време пак се враќа.)

МИЛКА: (На изворот. Гледа кон борот.) Таа ми рече, оти тука ќе го видам...

II СВАДБАР: Биди шен, куме.

КУМОТ: (Го дига бокалот.) Ајде на здравје! Да се кердосаат, да остареат, да побелеат, да се скинат како цигански гаќи! (Пие.) (Смеа.)

КУМОТ: А каде е свадбарскиот бајрак?

(Милка се враќа од изворот. Го донесуваат свадбарскиот бајрак. Тој е шарена црвена крпа на бојадисан стап, на чиј врв е набодено варакклосано јаболко. По краиштата на свадбарскиот бајрак се нанижани прапорчиња (ситни ѕвончиња). Го забиваат на полјаната, каде се развева, а ѕвончињата ѕвонат.)

ЧЕТИРИ МОМИ:

Мори фергулице,
Мори бела, црвена,
Мори сина, зелена,
Мори модра, морова!

МОМИ И МОМЧИЊА:

Доста лета по небо,
Не разгонувај облаци,
Да зароси росица,
Да ороси две млади.

IV СВАДБАР: (Го дига бокалот.) Ајде, на здравје! Од небото да им тече, од земјата да им расте, суво да фанат - зелено да стане, да се плодат, да се множат како елките во гората, како цвеќињата во ливадата.

МИЛКА: (Пак оди на изворот. Гледа кон борот. Воздивнува длабоко.) Нема...

II СВАДБАРКА: (Тивко на III свадбарка.) Невестата сè кон борот гледа. Нешто забележала.

III СВАДБАРКА: (Тивко.) Нешто сака да види.

I СВАДБАР: Стоице, повели. (Му го подава бокалот.)

СТОИЦА: Сполај ти, тоа в уста не ставам.

 I СВАДБАР: Како?! И на својата свадба?! Сега ќе пиеш, нема да те оставам. Инаку во грбот ќе ти го истурам. Држ!

(Стоица го зема бокалот и го подава на друг. Оди на изворот и пие вода.)

V СВАДБАР: На дожд ми мириса, луѓе.

IV СВАДБАР: Не сме шеќер да не стопи.

III СВАДБАР: Потребен е.

ВИТАН: (Им подава цела баница.) Свате, каде е Стоица да ја пресече баницата?

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Стоица! (Стоица и Милка се враќаат од изворот.)

ДВЕ МОМИ И ЕДНО МОМЧЕ:

Милка иде од лозје,
А Стоица - од нива.
Кога ја виде, залуде.

МОМИ И МОМЧИЊА:

Варај луда гидијо,
Назад, назад од мене!
Очите ти играат
Како вино во чаша,
Срцето ти трепери
Како риба во вода:
Сакаш да ме бакнуваш.

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Ајде, чедо, да ја сечеш баницата.

(Стоица ја сече баницата)

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Сваќе, ама весели сакам да бидете.

МИЛКИНАТА МАЈКА: Ние сме многу весели, свате.

IV СВАДБАР: Им ја откраднавме девојката и сакаме да бидат весели.

МОМЧИЊА:

Крадом, крадом девојче,
Украдовме девојче
Вечер по месечина,
Наутро по лута слана.

IV СВАДБАРКА: (Стара. Го дига бокалот.) Ајде на здравје! Да се кердосате! Да ви даде Господ до година едно машко дете, да ви вреска, да ви креска, девет пати преку ноќ да ве буди!

ДВЕ МОМЧИЊА:

Што рониш солзи, либе ле, - бисер два реда?
Дали си немаш, душо ле, куќи сараи?

ТРИ МОМЧИЊА:

Или си немаш, либе ле, жолти жолтици,
Полни сандаци, севдо ле, свила, коприна?

МОМИ:

Пусти ти биле, либе ле, куќи сараи,
Пусти ти биле, лудо ле, жолти жолтици,
Пуста останала, младо ле, свила, коприна,
Кога си немам, севдо ле, чедо од срце!

МОМЧИЊА:

Јас ќе отидам, либе ле, на нови пазар,
Ќе ти излеам, севдо ле, од злато дете
Од злато дете, душо ле, од сребро лулка.

МОМИ И МОМЧИЊА:

Пуста ти била, лудо ле, од сребро лулка,
Од сребро лулка, младо ле, од злато дете,
Кога си немам, севдо ле, чедо од срце,
Да ми поплаче, таго ле, да ми пограчи...

(Милка и девојките одат на изворот. Момите трчаат и се качуваат по големите камења при крајот на полјаната. Пијат вода и се враќаат на истиот начин.)

МИЛКА: (Сама на изворот. Очајна. Гледа нагоре кон борот. Воздивнува длабоко.) Нема...

II СВАДБАРКА: (Тивко кон III свадбарка.) Пак нагоре гледа. Кон борот.

III СВАДБАРКА: (Тивко.) Нешто сака да види.

V СВАДБАРКА: Дајте наваму некој бокал, бе браќа, и некоја пастрмка за мезе. Наздравје! И довечера весело! (Пие. Милка бара здравец и сина темјанушка околу изворот.)

ВИТАН: (Вика.) Сестро, донеси ми здравец од „Змејовиот извор“.

ДВЕ МОМИ И ДВЕ МОМЧИЊА:

Не бери билје, мори девојко,
Не суши гора.

МОМИ И МОМЧИЊА:

Набрал е јунак, мори девојко,
Секакво билје:
Едно за глава, мори девојко,
Едно за срце.

(Милка се враќа и раздава здравец и цвеќе.)

КУМОТ: Тука сакам песни јас, песни, и оро. (Милка раздава цвеќиња.)

ЧЕТИРИ МОМИ:

Мамо, прстен ми плива,
Мамо, по тихо море;

МНОГУ МОМИ:

Не ми е престен -
Млад е Стоица.

МОМИ И МОМЧИЊА:

Чаша го гони
По синото море;
Не ми е чаша -
Мома е Милка.

I СВАДБАРКА: Сега ќе ја расплетеме косата на невестата. Кое момченце е со жива мајка и татко? Ела ти, Митко. (Доаѓа едно момченце. Жената истура вино во тепсија, а момченцето си ги потопува прстите во виното и расплетува малку од косата на Милка.)

МОМИ И МОМЧИЊА:

Не расплетувај, момин брате, момина леса!
Сама е мома, момин брате, сама војник,
Сама војник, момин брате, сама војува.

IV СВАДБАРКА: Ајде потоа пак ќе ја заплетеме. (Милка седнува до мајка си, и ѝ зборува нешто тивко.)

ДВЕ МОМИ И ЕДНО МОМЧЕ:

Мори млада невесто,
Што погледнуваш нагоре,

ДВЕ МОМИ И ДВЕ МОМЧИЊА:

И нагоре, и надолу,
Дали гледаш некого,
Некој свој од милна рода?

ЕДНО МОМЧЕ И ЕДНА МОМА:

Обрна се мома девојка,
На мајка си порачува:
Мамо, мила мајчице,

МОМИ И МОМЧИЊА:

Босилек сум насеала,
Често да го поливаш,
И поливаш и плевиш;
Рано да го обереш,
Да го слана не фане.

КУМОТ: Сега младата невеста ќе ни ја испее најубавата песна.

МИЛКА:

Сонце се спрема да зајде,
Каде ќе сонце да зајде,
Таму цвета цвете алено,
А сред цветето зелен бор,
Под борот студен кладенец,
Крај кладенецот зелен змеј...

КУМОТ: Доста.

IV СВАДБАРКА: За свадба не се такви песни.

(Пауза. Сите замолчуваат.)

ВИТАН: Куме, шен биди, куме!

КУМОТ: Сега оро. Ајде, сите, и стари и млади. (Се слуша далечна грмотевица. Засвируваат кавали и гусли. Се заигрува оро. Милка игра до Стоица.)

КУМОТ: (Кога престанува орото.) Р’ченица! (Парови од моми и момчиња започнуваат р’ченица. Играат и други луѓе.)

I СВАДБАР: (Гледа натаму.) Ние се занесовме во ора и песни, но погледнете ја горе гората како се намрштила. (Луѓето застануваат.)

СТОИЦОВИОТ ТАТКО: Ете го и дождот.

(Заросува дождец.)

 II МОМА: Кој ќе дојде на изворот да пиеме вода? (Трчаат моми и момчиња. Момите се искачуваат и скокаат по големите камења. Милка и Мара одат полека најпоследни. Дождот се засилува. Жените прибираат едно-друго.)

МАРА: (Додека одат.) Милке, какво убаво момче си најде, само каква лика прилика сте! Јас на каков ли ќе попаднам?!..

МИЛКА: (Очаена разочарана.) Јас копнеам за друго, мила Маро, за друго... (Воздивнува длабоко.) Ех!..

Момите и момчињата пијат вода. Некои берат цвеќиња. Дождот се засилува уште повеќе. Светкавици и громотевици. Грми многу силно. Момите и момчињата трчаат кон долниот бор. Момите се крстат. Се крстат и другите под долниот бор. Милка се забавува околу изворот.

МИЛКИНАТА МАЈКА: (Мавта со раце.) Милке, Милке, трчај, мамина, наваму!

Милка гледа кон борот. Се истура силен дожд. Силни светкавици, и на долниот бор паѓа гром. Сите се ничкосуваат на земја во несвест. Уште посилна секавица и паѓа гром и на горниот бор, од кој скокнува чуден, прекрасен Змеј.

МИЛКА: (Радосна.) Мил мој, колку те чекав!..

(Го прегрнува. И тој ја прегрнува. Паѓа густа магла, во која сè се губи.)

(За в е с а)

ДИМИТАР ГЕОРГИ МОЛЕРОВ (Банско, 1874 – Софија, 1961) претставува мошне интересна творечка личност од крајот на XIX и првата половина на македонскиот литературен XX век. Тој е даровит и плоден поет, драмски писател, фолклорист, филолог и љубопитник на културната историја... Како драмски писател доаѓа да ја збогати и да ја прошири генерацијата на основоположниците на македонската драма и театар, заедно со Војдан Чернодрински, Никола Киров Мајски, Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле. Потврда за тоа се неговите драмски текстови „Новиот даскал”, „Змеовата невеста”, „Ајдучка полјана”, „Јуда Искариотски” и „Викотници во змиска ноќ”...

На Растку објављено: 2008-02-01
Датум последње измене: 2008-02-01 19:16:27
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија