Живко Чинго

Три раскази од „Пасквелија“

Најубавиот ден на Зурло

Беше при крајот на летото, во една приквечерина, црвена како зрелите патлиџани во градините. Потпевнувајќи некоја весела песна, Зурло, свирачот пасквелски, се враќаше во својата куќа.

- Еден ваков ден -  мислеше тој - чини колку еден беден живот.

Потоа се загледа во малото парче небо над градините, - единствено бело и исполнето со птици. Тоа беше малата река што минуваше низ долината, испресечена со безброј бразди, што градинарите ги направиле за своите бавчи. А во приквечерните часови од реката доаѓаше некаква чудна блага свежина и птиците долго кружеа над градините.

- Ќе станам птица, - пееше тој и го дупкаше магарето под опашката за да побрза. -  Ќе станам птица, - пееше тој, -  тоа ќе биде во пролет.

Вечерта тукушто се спушташе. Тој тоа го знаеше, иако небото се уште беше бело. Знаеше по мирисот на градините, по дувањето на ветрот и најпосле по птиците и она мало далечно пламенче на небото што полека со приквечерината се ширеше во оган.

- Ќе станам птица, - сеедно потпевнуваше, - а потоа како да се присети на нешто заборавено, ги дигна своите долги нозе што ја допираа земјата и божем прекорно подвикна по магарето. Рече:

- Побрзај стопанкино магаре Греота е од бога да ме чека жената. Еј, цел ден без маж, кутра жена...Побрзај магарче...

Зурлоица беше на прозорец и исто така со песна го пречекуваше својот маж.

- Доаѓа мојот мил сокол - пееше таа некаква старинска јужна песна, - доаѓа да ме понесе на своите силни крила.

- Доаѓа тој како врапче, - рече Зурло, сè така   дупкајќи го магарето под опаш. Доаѓа како искубано врапче.

Зурловите деца, кога го чуја гласот на таткото, во весела плискотница истрчаа по него. Почнаа да му се обесуваат по вратот и да му шепнат нешто кришно на уво. Тоа траеше подолго и тој одвај се иставаше од нивните раце. Најпосле сосем изморен се опре на рамото од својата жена за да го добие заслужениот вечерен бакнеж. Жената по обичај го бакна во челото, потоа во очите. Најпрво го љубеше неговото лево, а потоа десното око. Го бацуваше виделото.

Над градините веќе се растопуваше златото денот и се чинеше дека илјада сонца се кријат низ зрелите круни на дрвјата. Приквечерното сонце долго се нишкаше над езерските води. Се чинеше дека тие го приспиваат. Некој топол ветар го враќаше кон градините, го мамеше за да не зајде.

- Еден ваков ден, -  повтори Зурло, -  еден ваков ден чини колку целиот живот.

- Еден ваков ден никогаш не зајдува, - рече жената, а потоа, сосема тивко запеа: - Бакни  го виделото еднаш и уште еднаш, не пуштај го виделото.

- Стопанкини жени, - рече Зурло смешкајќи се - запеа и тој тивко заедно со жената.

Додека сонцето не зајде, - пееше жената откопчувајќи ја Зурловата летна кошула. - И откако сонцето ќе зајде, не пуштај го виделото, склопи ги очите, сонувај видело ...

А веќе сонцето беше зајдено и низ градините задува вечерниот ветар. Дуваше од езерото кон долината и носеше сладок мирис на зрело грозје. Тоа велестовските лозја, насадени на самиот брегодезерото,се распукнуваа во приквечерината и испуштаа младо вино на земјата.

 - Сигурно ќе измени времето, - рече Зурло и го размеша огништето со една гламна. - Сигурно ќе измени штом прокапуваат лозјата. Наскоро ќе дојдат и дождовите.

- Оваа година ќе биде убава, - рече жената истресувајќи ја пепелта од погачата што се зореше на огништето.

Децата нестрпливо ја очекуваа мајката да им го подели лебот. Тие седеа на сламената рогузина крај огништето и слатко ги шмукаа зрелите патлиџани што им беа во пазувите. Лебот го јадеа мигум и лакомо. Детето што најпрво ќе го изедеше своето парче, сосема тивко мрмореше:

- Јас најмалку добив, - мрмореше детето, - јас сум гладен.

Детето ја раскопчуваше својата кошула и го покажуваше своето голо меше.

- Јас сум гладен, - повторуваше детето.

Другите деца се смееја. Бришејќи си ги своите поцрвенети муцки, децата низ полните усти зборуваа:

- Биди питач, батенце.

- Биди питач, - навалуваа децата. - Можеби ќе добиеш.

- Добро, - рече детето, - ќе бидам питач.

Тој ја протегнуваше својата слабичка рака и со зарипнат глас на питач ќе почнеше да моли:

- Мои добри луѓе, смилувајте се... Стрико Пане, ти што имаш душа како ангел, отвори го својот амбар ...

Детето што беше стрико Пане ќе го натопореше своето меше и дувајќи низ носето ќе речеше:

- Ах, добар човеку, сè би ти дал, но сè изедов...

Тој задоволно се удираше по своето меше. Другите деца се превиткуваа од смеа.

- Проклет ти, - ќе речеше питачот и ќе продолжеше да проси со својата подадена рака.

- Вие, стрино Николице, за покој на нашиот добар стрико Никола Савески, одделете корка за сиромасите за бог душа да му прости.

- Никола Савески имаше чиста душа, ѓаволе еден, - ќе речеше со писклив глас една од сестрите.

- Тргај ми се од очиве, ѓавол ѓаволосан, - го туркаа питачот.

Сестрата навистина зборуваше како стрина Николица. Децата весело се смееја покажувајќи ги своите празни раце.

- Вие изедовте сè, - плачливо рече детето.


Децата останаа со своите празни, протегнати раце. А детето сеедно повторуваше:

- Вие изедовте сè.

Во куќата потоа се вселуваше глувотија и тишината од пасквелските гробишта.

- Престанете со таа проклета игра, - ќе речеше Зурло и ќе им го поделеше својот леб и лебот од жената. - Престанете еднаш со таа игра...

- Јас тоа сакам да го слушам, татко, - тогаш се - слушаше гласот на парализираната Грозда, што лежеше веднаш до самото огниште. - Тоа јас сакам да го слушам, - липаше девојчето мачејќи се да се подигне од своето место. - Сакам тоа да го слушам, пискливо зборуваше таа.

- Добро, - ќе речеше мајката умирувајќи ја. - Ќе слушаш утре. Ќе слушаш секој ден

Децата молчејќи послушно легнуваа. Полека и огнот догоруваше. Во собата беше така празно, пусто. Имаше само четири камари по ѕидовите. Едната беше седело за квачење на јајца. Секоја пролет Зурловите ќе изведеа пилиња. Во другата се чуваше газијата и солта. Таа имаше и вратниче и се заклучуваше. Клучовите ги држеше мајката. А во другите пак се наоѓаше сув босилек и свадбените алишта на Зурло и Зурлоица. Ноќвите беа свртени ничкум и ногалките стрчеа како црни ножови. Празно беше и бочвето од три стрни стегнато помеѓу магарчето и саженот дрва. Во куќата беше глуво и пусто. Само одвреме навреме се слушаше гласот на парализираното девојче:

- Баже, спиеш, - шепнеше девојчето.

- Не, - рече детето, - не спијам.

- Не заспивај, батенце, - шепнеше девојчето.

- Не заспивам, - се проѕеваше веќе сонливото дете.

- И јас не спијам, - рече девојчето. - Никогаш не спијам. Се плашам да заспијам.

- Од што се плашиш, - прашаше детето.

- Од змиите, - рече таа. -  Змиите доаѓаат и ми ги сплеткуваат нозете.

- Спиј, -  рече детето. - И јас се плашам од змии.

- Земи го мојот леб, - рече девојчето за да го задржи да не заспие.

- Не, не сакам, - рече детето, - кога ќе умреш тогаш.

- Земи го и сега, - рече девојчето, - јас сум сита. Можеби ќе умрам.

- Кога ќе умреш, - прашаше детето.

- Не знам, - рече девојчето, - можеби изутрина.

- Тогаш добро, - рече детето, - ќе видиме дали ќе умреш изутрина.

Потоа детето нежно ја потпре својата глава до главата на својата сестра.

- Можеби изутрина, - сеедно повторуваше девојчето силно, силно стискајќи се во детето.

- Зурло и Зурлоица сè уште беа будни. Жената го молеше човекот да зборува нешто.

- Татко, - рече таа, - што онеме, проговори нешто.

- Спиј, - рече Зурло со тивок глас. - Сè ќе биде добро.

- Оваа година ќе биде добра, - рече жената.

- Да, - рече Зурло, - оваа година навистина ќе биде добра.

- Оваа година ќе има многу свадби, - рече жената.

- Ќе биде весело, - рече Зурло насмевнувајќи се со мака.

- И кметот има свадба, - рече жената со нескриена радост во гласот.

Зурло не одговори. Молчеше. Жената сосема тивко, речиси шепотливо повтори:

- И кметот ќе има свадба, татко ...

- Добро, - рече тој. - Сега спиј.

- Зурло, - рече жената со возбуден глас, - кметот те покани да свириш на неговата куќа.

Зурло сè уште не отвораше уста. Изгледаше како на градите да му стои огромна карпа. Дишеше тешко и уморно. Изгледаше како човек на кого му се случило нешто многу лошо. Жената сега попусто ја бараше неговата топла рака. Таа беше студена и згрчена во тупаница.

- Старче, - рече жената, - сигурно нешто се случило.

 - Не, мајко - рече тој, - ништо не се случило.- Не, мајче, - рече тој издивнувајќи, - Зурло нема да свири кај кметот. Во неговата куќа не правам веселба.

- Нело, - сега жената го навика на име. Беше изненадена и исплашена.

Зурло ги протегна своите раце кон жената и сосема додир. Знаеше дека нешто тешко лежи во неговата душа и дека ништо не ќе го натера да се одрече од својот збор. Жената липајќи рече:

- Добро, татко, како што си решил ... Прави значи тој како ќе знаеш. И досега не ни беше така лош животецот. И отсега ќе проживееме некако. Ќе проживееме некако, нека ни се живи децава...

Ќе живееме, мајко, - рече Зурло насмевнувајќи се. - Ќе живееме додека зреат патлиџаните во градините.

Целиот Пасквел на другиот ден зборуваше за Зурло свирачот пасквелски што не сакаше да свири кај кметот Најденко Исаилоски. Господе, поулавел човекот. Живи си ги закопува децата в земја. Нагодуваа луѓето, но никако не можеа да ја дознаат вистинската причина што толку го налутило Зурло. А и тој како да не беше веќе меѓу живите. Се затвори во својата колиба и оттогаш не се случуваше да се чуе неговиот весел глас во долината. Секна неговата песна за птиците и патлиџаните.

- Бил пијан кога тоа го зборувал, - се пренесе низ целиот Пасквел. - Пијан бил и се изнатрескал.

- Пијан, - пцуеше Зурло кога слушна што сè измислија луѓето. И веќе истата вечер појде на казани каде што обично во тоа време се собираа градинарите.

- Зурло, - го дочекаа луѓето вистински израдувани.

Но, тоа веќе не беше Зурло. Неговото тркалесто лице како зрело јаболко беше потемнето и многу бразди го имаа ишарано високото чело на свирачот. Само очите, неговите големи, зелени очи сè уште го имаа оној топол пламен на сонцето наутро во летен ден. Тие светкаа, тие беа полни со искри.

- Добредојде, стопанка му, - рекоа луѓето.


Тој не ги погледна. Беше сив и молчелив како таа есенска  приквечерина.

- Зурло, човеку, - рече Ангеле Јорданоски, - што се случило пријателе.

- Пијан е Зурло, - рече свирачот со зарипнат глас. Потоа ја зеде полокарницата и ја испразни. Викаше:

- Пијан е Зурло. Не знае што зборува тој, кучкин син... Стара шуплива глава. Брборко е тој Зурло и знае само да дува и ништо друго. Пијаница е Зурло и зајак што само се коти по градините.

Зурло таа вечер навистина беше пијан. Никогаш толку пијан не бил свирачот пасквелски.

- Ангеле Јорданоски, си спомнуваш ли ти за онаа зима кога падна голем снег, кога Божа Невеска се обеси... Си спомнуваш ли човеку кога едни војници си одеа, а други пак доаѓаа. Не се знаеја кој беа кои. Едни доаѓаа други си одеа и ги сечеа градините до корен за да си ги испржат вошките. Се спомнуваш ли...

- Тоа беше одамна, - рече човекот. - Тоа беше одамна и ништо не си спомнувам.

- Одамна, - рече Зурло и пијано се закикоти. - Како да беше вчера, како да беше овој ден...

- Тоа навистина беше одамна, - рекоа луѓето. - Тоа беше многу одамна.

- Да, - рече Ангеле Јорданоски бришејќи го своето солзливо, слепо око. Тоа беше толку одамна и кој може да си спомни за сè...

- Ангеле Јорданоски, ти не си спомнуваш, значи, - рече Зурло сè уште тресејќи го за раменици. - Ти, Ангеле Јорданоски, не си спомнуваш а ... И сите вие ...И ти Рене - и ти се правиш куче.

-Зурло, ти имаш полна куќа деца, - рече Ране, - биди паметен, човеку.

- И така ќе исцркаме како глувци, - рече Дафинко Петрески.

- Како сега да беше, - продолжуваше Зурло. - Онаа ноќ кога Најденко го поставија за кмет, кога дојдоа со она офицерчето што не се бричеше и со оние други кучиња овде на казанов... Си спомнуваш ли Ангеле Јорданоски ... Најденко почна прв:

- Ќе ви раскажам цела историја, рече тој, бришејќи ги гурелите од своите очи. - Ах, каква е тоа чудна историја, господин офицере, така тој велеше. Потоа гласот го правеше како курва белосветска и задникот го топореше како Павлина Ширгоска. - Момчето, синето мое излегло на лов во шумата ... И ете ти какво чудесно чудо... Зад една смрека нешто шушка... Волк ли е тоа, човек ли е, премислувало момчето. А тоа нити волк, нити човек - туку војник. А, тоа бил војник! Непријател наш! Бегалец! И тогаш момчето се провикнало: - Ти ли си тој што го мачеше народот мој... Се возбудила крвта во момчето и грмнало право в чело. Војникот како куче скокнал, како куче се тркалал низ долот ... Како куче ха, ха, ха...

- Молчи, Зурло, - рече Ангеле Јорданоски сега тој тресејќи го за раменици. - Молчи, стара пијаницо.

- Браво, добро момче, рече тогаш офицерчето што не се бричеше, - продолжуваше Зурло. - Си спомнуваш ли, Ангеле Јорданоски ... Така рече офицерчето и го потчукна по раменици кметовиот син. Тоа ѕверето си ги покажа своите жолти заби и исто така се закикоти. А стариот Најденко веќе се превиткуваше од смеа. Тој сеедно повторуваше:

- Како куче, ха, ха, ха ...

- Не е тоа смешно, рече ти тогаш, Ангеле Јорданоски. Не е тоа смешно, Најденко Исаилоски, вака рече ти и застана пред него. Лесно е да се убие така човек ... Гнасотилак е тоа... Си ги расипуваме градиниве ... Проклети ѓаволи! Вака рече и му плукна в лице. Најденко те залепи на ѕидот со железната бастуница. Рековме дека си бил пијан за да те извлечеме. Но тебе ти истече едното око како капка. Едното око ти остана на врвот од бастуницата. Си спомнуваш ли, Ангеле Јорданоски...

Зурло потоа замолче. И другите сега молчеа. Ноќ беше над Пасквелијата и се испреплеткуваа секавици како црвени конци над градините. Прскаше ситен и студен дожд.

- Зурло, - рече најпосле Ангеле Јорданоски бришејќи го солзливото око.- Да одиме, човеку, веќе е доцна ...

Одеа низ градините и пееја некоја стара песна за птиците и патлиџаните и тонеа во калта.

Низ голите круни на дрвјата сипеше црн дожд и земјата ја претворуваше во тесто. Се чинеше дека ќе пропаднат градините, дека ќе исчезнат засекогаш од земјава.

- Поубаво е така, - рече Ангеле Јорданоски, - ако не свириш кај него, никаде веќе во Пасквелијава не ќе засвириш. Тој ќе им забрани на луѓето да те викаат. Поубаво е така, пријателе, - зборуваше човекот или плачеше. - Поубаво е така ... Јас тоа го измислив со пијанството...

- Не, Ангеле, не брату, - рече Зурло, - не можам да свирам кај оној пес. Ќе издржам некако до пролет, а потоа ќе појдам од Пасквелијава некаде далеку... Ќе кршам ден далеку од Пасквелијава.

- Ти плачеш, - рече Ангеле Јорданоски.

- Не, - рече Зурло, - не плачам.

- Ти плачеш, - повтори човекот.

- Тоа од дождот, - рече Зурло и полека, полека се упати кон својата куќа.  А дождовите непрестајно врнеа, врнеа ...

Таа година свадбите во долината како да минаа молчеливо и глуво. Не се слушна свирката на Зурло што можеше да ги пробуди луѓето и од најтежок сон. Луѓето со тага си спомнуваа за тој златен глас што излегуваше од Зурловата грнета. Не, Зурло не беше обичен свирач, со тага си спомнуваа луѓето.

Пролетта, оној ден, кога се приготвуваше да ја напушти Пасквелијата, Зурло сепак не издржа. Тој ден неговата грнета повторно го разбуди целиот Пасквел. Стоеше тој така висок и исправен, како некогаш, со раскопчана кошула, со отворени гради и долго, занесено свиреше со својата грнета. Градинарите ги оставаа своите работи и доаѓаа во малата Зурлова градина. А тој непрестајно извива, се простува од луѓето, од градините, од дрвјата и птиците, од својата Паскве од се што го опкружува, - неговиот златен глас зафаќа се наоколу, ги разбудува сите предмети и ги раздвижува во просторот. Срцето на веселиот свирач беше пак полно со радост како некогаш, и тоа измислуваше толку чудни и убави песни.

- Никогаш поубаво не свирел Зурло, - зборуваа луѓето.

- Никогаш толку убаво не свирел како овој ден, - со радост зборуваа луѓето.

Потоа долго во ноќта беше весело во малата Зурлова градина. Мажите бараа вино и печено свинско ребро. Градинарите повторно ги запеаја своите песни за птиците и патлиџаните. Тоа беа Зурловите песни за градините. Од некаде дојде и шумот на топлиот ветар и така долго шумеше во ноќта. Непрестајно шумеше понесувајќи ја песната на луѓето насекаде низ градините.

А веќе изутрината железниот звук на камбаните ја распарчуваше долината на илјада делови.

- Умрел Зурло, - шепнеа градинарите - Умрел со свирката и насмеан.

- Тоа беше негов ден, - рече некој.

- Тоа беше неговиот најубав ден, - рекоа луѓето.

А ветерот долго шумеше низ градините ширејќи го златниот глас на Зурловата грнета. И секогаш во пролет кога доаѓа овој ветар луѓето помислуваа дека тоа е Зурловата душа неизнасвирена, неизнапеана.

Пеперуга со златна прав

Сигурно јас бев најслабиот човек во целиот наш крај, најслабиот најзаљубениот од сите момчиња во долината. Ама братучед ми Лем беше уште послаб од мене, тој сигурно беше најслабиот човек во целиот свет. Најслабиот во целиот свет и најзаљубениот од сите момчиња на светот.

Лем беше најзаљубениот во сите континенти. А веќе кога почнавме да раскажуваме, тогаш да ја речеме целата вистина, - Лем, братучедот Лем, беше малку и неразумен, кога тој ќе се вљубеше, тогаш немаше спас.

Тогаш тој сè можеше, не ретко си го забораваше и своето име, забораваше оти е маж, о господи, забораваше на честа од целото наше колено, се фрлаше под нозе понесен од својата љубов.

Од него веќе од поодамна дигнаа раце сите, сите од нашиот род. И стриковците и вујковците, не го сакаа дури и другите братучеди, речиси, остана уште со мене од целиот наш сој. Беше сосема сам. И заљубен. Ох, заљубен, слободно речете луд. Сосема изветреа братучедот Лем, беше заљубен како ѓавол. А барем еднаш да се заљубеше и толку, еднаш да беше среќен со својата љубов. Господе, колку пати морав да се црвенам заради Лемовите чудни постапки, заради неговото безумно заљубување. Никогаш не се сврзуваше за некоја слободна девојка, се разбира, за некоја девојка што ќе беше наша прилика, туку тој секогаш ќе запнеше за нешто невозможно. Не еднаш здивов ми застанувал кога Лем ќе се вљубел.

- Лем, - не еднаш му велев, го советував, - остави ги Леме лудориите, тоа се туѓи девојки.

Лем како Лем, ем на нозе не може да стои, ем во најголеми битки запаѓа. Се смешка. Не ме слуша. И сега гледам како му болскаат големите, чудните сини очи слични на пролетното небо по дожд по бура.

- Будала, братучед - говореше сè така позасмеан, летнат, како постојано да беше на небото, а не долу на земјата, - будала, братучед, - ќе речеше, - сите девојки се наши, - зборуваше заљубен до гуша. Беше непопустлив. Силен Голем.

Ех, Леме, Леме, братучед Леме (господе, колку години имавме), каде си сега момче - во рајот или во пеколот? Сеедно, тоа беше последната и најголема Лемова љубов. Вечна. Девојчето се викаше Арна и беше привлечна како пеперутка. Брак, синот на стрико Брак, чија беше, точно така и ја викаше - пеперутка. Оттука почна сè, не, се замеша братучедот Лем, не пеперутка, туку пеперуга со златна прав на крилјата, царицата на пеперугите, самовила. И тој веднаш раскажа цела приказна за пеперугата со златна прав на крилјата.. И, за чудно чудо, во тоа мораше да се верува, во тие глупости на братучедот Лем.

Треба ли да ви спомнам каква прилика без Арна и Брак на стрико Брак! Сите од нив очекуваа нешто радосно, убаво, какви и што беа убави, најубави. Се колнам, ќе беше од нив сè ако не се замешаше братучедот Лем со својата пеперуга со златна прав на крилјата. Што се случи, како се случи, еден господ ќе знае, ама Арна излуде по Лем, не можеше да дише без пусти Лем.. Moжете да замислите што значеше тоа за Брак, еј, за Брак, за кого умираа сите селски убавици од околијата, тоа за Брак беше куршум в чело, гром од ведро небо. Кутриот Брак, пропадна в земја, му немаше живот. Не знаеше каде да оди, што да работи, никој не знаеше што да мисли. Немаше што да се мисли. Братучедот Лем беше вистински скот. За Лем дури и јас немав веќе никакво мнение, по овој случај еднаш засекогаш се покаравме.

- Скот си Леме, - му реков в очи, - еден братучед помалку во животот.

Лем како Лем, како секогаш беше во воздухот, сината насмевка во очите му се стопуваше со небото, целото небо беше во неговите очи, се смееше тихо, копнежливо, ги береше рамениците од гага заради нашата разделба, - но тој беше вљубен, љубовта можеше од сè да го раздели. Ех, Леме - Леме, братучед Леме. последен, најзаљубен во целото човечко племе. Проклетство!

Проплака долината од братучедот Лем. И големо и мало се тажеше од Лем. Сета работа се покажа посложна, заплеткана до немај каде испадна Лемовата љубов. Сите се исплашија, сите од ред. Та Лем можеше да ги собере сите девојки од долината, како зрели плодови да си ги стави в пазуви со оние будалски приказни за пеперугата со златна прав ... Проклет да бидам, ако некој знаеше каква беше таа пеперуга, Лемовата пеперуга со златна прав. Мораше да се одржи конференција заради Лем, не се можеше повеќе така. Лем на сите им дојде до нос.

- Што има во тој ѓавол, Лем, - ги прашавме девојките.

Девојките само името негово што го чуја, дланките на лице си ги ставија на устите. - Лем, Лем, - шепотеа, летаа, пеперуги стануваа.

- Лем не е ѓавол, - рекоа девојките.

- Сте полуделе, девојчиња, - им се заканивме - Внимавајте што говорите!

- Не сме полуделе, - се правдаа девојките? - Лем не е ѓавол.

- Што е тој, - прашаа сите момчиња. - Што е Лем?

- Ех, - издивнаа девојките, - Лем е нешто друго...

- Што друго, проклет да бидам, ќе излудеа сите момчиња, - што можеше да биде Лем?

- Не се објаснува, момчиња, - рекоа девојките, - не се објаснува тоа така...

Тие повторно почнаа да го шепнат Лемовото име. Лем, пеперуга со златна прав на крилјата, пеперуга царица меѓу пеперугите, чинам мрмореа девојките или нешто слично, момчињата со ококорени очи гледаа во нив, - другарот Лако најде сили за да праша:

- Што ви е, девојки, здрави ли сте?

Девојките не слушаа, девојките беа во воздухот, девојките беа високо во небото.

- Можеби се маѓепсани, - шепна Брак, - ох, девојките се маѓепсани, помисливме девојките беа разболени,  си ги подгризуваа устите изговорувајќи го Лемовото име. - Ех, Леме, братучед Леме, каде си сега, во рајот или во пеколот, - сеедно, девојките се растопија како утринска капка изговорувајќи го твоето име, мед од уста им  капеше. Пеперуга со златна прав на крилата им леткаше во очите.

- Лем, - рекоа девојките, - Лем е вистинско момче!

Сите занемевме, никој не веруваше дека толку ги заслепил ѓаволскиот Лем. Некое од момчињата со слаб глас рече:

- Зборувајте, девојки, што е Лем, што е тој скот над скотовите!

- Лем е сè, - рече една од девојките. - Тој може сè…

- Што може уште, - прашаа момчињата одвај додржувајќи се да не прснат.

- Сè може, - рекоа во глас девојките, Лем е сонце, Лем е ветар, Лем е срце...

- Доста, - им заповеда другарот Лако на девојките, тие не умееја да запрат штом еднаш ќе почнеа да говорат за Лем. Потоа побара да влезе во записник -  Лем ги маѓепсал девојките, Лем е сè, сонце, ветар, пеперуга со златна прав ...

- Што сега, - прашаа момчињата, - тој сите ги опчинил, - како да се спасиме, - рекоа сите.

- Напред, - рече другарот Лако, - мораме да го пронајдеме, мораме да се спасиме.

Сите појдовме по Лем. Напред одеше Брак, зашто тој најубаво ги знаеше сите дупки на Лем и Арна. По патот ги собравме сите камења. Ги наполнивме џебовите со камења. Појдовме најпрво низ полето, меѓу житата, Лем можел да се претвори во семе, во клас, во зрно, тој можеше во сè да се претвори. Го изминавме целото поле, секоја бразда, изгазивме толку млади посеви, а братучедот Лем не го пронајдовме. Можеби се сторил птица, ја сторил и девојката птица, излетале. Но сега или никогаш, рековме, мораме да се спасиме од Лем, продолживме да го бараме насекаде.

Лем беше во лозјата, загледан во високото небо и зборуваше на девојката за пеперугата. Тоа беше крајот на приказната. Слушавме, улавштини говореше братучедот Лем.     

- Ти си најголемиот лажливец на овој свет - му рече другарот Лако, - сакаше да го посрамоти пред сите. - Ти измислуваш, момче, - му дофрли в лице.

Лем не се помрдна од земјата, како да беше сраснат со неа, ни со едно око да погледне во нас. Не нè слушаше. Не нè забележуваше. Гледаше во небото и ѝ раскажуваше на девојката за пеперугата со златна прав.

- Ќе сакаш ли да признаеш, Леме, - му рекоа момчињата, - ќе признаеш ли дека измислуваш, - му се заканија со камењата.

- Признај Лем, - го замолив, го навикав на име, - признај, тие ќе те убијат.

Но и сега Лем не се сврте; тој сè така гледаше во небото, во облаците.

- Потоа што се случи со пеперугата, - го праша девојката.

- Се стопи, рече Лем, - се претвори во капка роса...

-Што се случи со росата, - пак праша девојката.

- Се стопи, - одговори Лем, - и росата се стопи.

-Во што се стопува росата, - не издржа девојката да не праша.

-Во земјата се стопува росата, - одговори Лем, - и од тоа земјата станува топла.

Потоа се сврти кон девојката, ја зеде нејзината убава глава и нежно лицето ѝ го положи на меката, топла земја.

- Топло е, - шепна девојката, - о, колку е топло, Леме, - девојката се впи во него силно, цврсто како лозата што се залепува за земјата, како сè што се залепува за земјата, - о, колку е топло, Леме, - не престануваше да му шепне на уво, - топло е, - липаше, сраснуваше со него, стопувајќи се и самата како капка роса.

- Ја маѓепсал, - рече Брак.

- Ја маѓепсал, - рекоа сите момчиња вадејќи ги камењата.

Лем нежно, мило ја љубеше по ластарестиот врат, таа силно го гушкаше и притоа, не престанувајќи да му говори нешто кое никој не можеше да го чуе, да го разбере. И Лем нешто ѝ говореше на девојката, нешто за топлината. Нешто исто така што не може да се знае ако тоа не живее во човекот. Од тие  зборови девојката сосема се впи во Лем и остави тој да ја љуби насекаде.

- Убав мој, златен мој, - мрмореше девојката.

- Гледате, - рекоа некои од момчињата, таа е земена, маѓепсана, не знае што говори.

- Да го врземе, - предложи некој, - тој е маѓесник.

- Може да избега, - рече Брак и прв фрли камен. Дури тогаш Лем се сврти кон нас, погледна во камењата и рече:

- Што сакате, - праша вадејќи го Браковиот камен од главата.

Беше опколен од сите страни. Заграден со камења. И не чекајќи на нашиот одговор, тој почна пак така ѓаволски да се смешка, слично на небото во пролетното време, се смешкаше додека не го соборивме на земјата.

Девојката дури тогаш се разбуди од убавиот сон. Таа беше сплеткана меѓу лозите, земена од земјата. Стана и не премислувајќи се, низ камењата излета пред Лем. Но тој веќе беше паднат, лицето му беше на лозите, се чинеше ги љубеше. На усните, како црвен цвет да му расцутел, сè така се смешкаше.

- Леме, - го навика девојката со оној ист глас од пред малку кога му шепнеше, - Леме, - му рече, - Леме, што стана со топлината, - го праша девојката. Потоа му го зеде лицето во своите раце и тихо, најтихо што можеше изусти: - Што стана со топлината, Леме, каде отиде топлината...

Лем беше нем. Лем не отвори уста. Девојката пак ја врати неговата глава на земјата. Стана. Со троми чекори како таа самата да беше изубиена од камењата појде кон нас и со тивок плач што ѝ идеше од срцето праша:

- Што стана со топлината, каде појде топлината, - нè праша.

Никој од нас не знаеше да ѝ одговори. Назечки почнавме да се враќаме. Да бегаме како крадци. Да се искриеме во ноќта.

- Гадови, - липаше девојката, - што стана со топлината, каде појде топлината, - проколнуваше.

Раби божји пасквелски

- Прилог кон „Пасквелија“ -

Племето на Исус Христос, синот на Давида, Аврамов син. Аврам го роди Исака. А Исак го роди Јакова. А Јаков го роди Јуда и браќата негови...

А раѓањето на Исус Христос беше вака: кога Марија, неговата мајка, била побарана за Јосифа, а уште додека не биле зближени, се открило оти таа била трудна од Светиот дух и... и така потоа до наше и ваше време...

За најстар род се сметаше родот Баракоски. Од нив малку останаа, им се сотре семето. Се споменува името на некој многу умен и учен Барак, Иљо Барак. Како него друг учен и умен немало ни во Битола. Исчезнал, го снемало. Дали го стопиле Грците, дали на робија го одвеле, дали по мориња пошол, други земји да бара, - ништо не се знае. А потоа идеа Вретовци. Од Вретовци Косте, Илко, Кроне, Глигор и Златана Вретоска. Од Костета Цветко, Тоде, Агатија, Евда и Бистра. Косте беше голем домаќин, прочуен, газда. Волови, коњи, овци, вино, ракија, жито, и за дома и за продавање, - со сè беше полна Костевата куќа. Неслогата со синовите му ја растури куќата, се осиромаши Костевата куќа. Таткото Косте се откажа од синот Цветко, овој му беше првенка, машко. Син. Никој не може да ги помири таткото и синот. Иста крв. Помалиот Тоде замина за Австралија. Таму сега овци пасел. Од Глигора беа Норка, Номче, Ѓорѓија и Вера. Глигор не знае да украде, не знае да измами, не фрла збор кај годе, - ама тешко тој што ќе го укради, тешко тој што ќе го измами, тешко на тој што не ќе му поверува на зборот. Златана Вретоска, беше снаа Вретоска, ама затоа што од најрани години беше сама, вдовица, родот ја прими и за снаа и за брат. Имаше три деца - Сребра, Бранко и Ристо. Бранко беше партизан, го убија на сремски фронт. Златана Вретоска првпат во животот излезе од селото. Од куќи. За да го бара Бранко. Тргна преку Петринска Планина, дојде во Ресен, од Ресен со кираџии во Битола и оттука во Скопје, од Скопје во Србија, во Срем, на фронт. Ќе ја убиеле еднаш нашите, еднаш другите. Во едно поле, рамничиште, пусто, во едно трапче го пронашла Бранка. Лежел на плеќи, очите му биле отворени, гледал кон небото, не да речеш како мртов, ами како жив гледал, гледал право во небото. Имал пуштено и мустачиња, лицето му било многу убаво. Градите му биле изудирани, полни со петокраки, со штиковите што му ги правеле. Ранет го нашле, тука во трапчето. Не се врати додека не го донесе Бранко. Го закопа во татковиот гроб. Тогаш прв говор се одржа на гробишта. Слава му! Цело село беше на гробишта: Умре и тетка Златана, пред една година. Ја закопаа во истиот гроб. Од Златана уште остана помалиот син, другарот Ристо Вретоски. Другарот Ристо ги изучува четирите светски јазици, самоук, и  пишува песни. Шета низ градините, патува низ градовите, појде и на море, оди и низ планината и измислува песни. Сите му се посветени на Бранко. Песните ги пишува на неколку јазици – на германски, на руски, на српски и бугарски. Македонските не се за Бранко, тие се љубовни. И за морето. Од Илка Вретов беа сите момички. Шест-седум, сите чесни и домаќинки. Кроне се исели, си отиде в град. Од Ивана беа Стојко, Јордан и други. Вретоскиот род се смета за најинаетчиски во целиот свет. Ама сите беа вредни, работници и од збор. Плукнатото не го лижеа. Од сојот Вретоски малку поинаетчии беа Шокароските. Овој беше голем сој, прочуен род. Еден од нив беше поп, поп Алексо. Од него Стамен, Гластон и Ратка. Од Стамена Бранко, Руска, Љупка и Ѓорѓи. Стамен беше нашиот прв учител, селанец. Тукашен. Куќата Стамено беше една во сите куќи, малку охриѓани имаше што живееја како во оваа куќа што се живееше. Жената му беше Чехиња и се викаше - Ангелина. Не знаеше да колне и да се кара. Сите ѝ се чудеа каква жена е таква, чудна. И тие се иселија, се растури и куќата Стамено. Имаше еден Ламбе Шокароски. Трговец човек, со магаза. Кога ќе го испиевме виното, купувавме од него, со ѓумови, со котли, по ноќе, за да не нè гледаат. Ние имавме многу вино и пак купувавме, сите ни се смееја. Ламбе голем мајтап си правеше ама и тие со него. Секогаш се подбиваше, а кога му извршија конфискација, почнал да туфка. Туфкал, ама ниту еден лош збор не рекол за револуцијата. Тој беше паметен. Од него беше Јордан и овој стана прв доктор на науките. Агроном, сврзан човек. Остана пријател со луѓето. И Ламбеските се иселија. И уште еден род, родот на Настејчините бил најстар. Најстар и најпрочуен во околијата. Две илјади кози држеле, петнаесет козари, какви убави кучиња имале, - голем тоа бил род. Богат. Куќа нивна правена за шесмина браќа, со шест плевни и кошари. Од нив, од сиот род Настејчин, остана уште Пане Настејчин. И него како господ не го израдува, како срцето му го изгоре, тутуноса, - не остана веќе никој, никој од родот на Настејчините. Пане по цел ден седи на плуската оттука се гледаат крепостите на цар Самоил и сето езеро. Нему плуската му е помила од дома.

Од газдите најпрочуен беше Јанаки Крлески. Во неговата куќа имаше од тишка млеко. Жито од неколку години, ракија од неколку години, вино од неколку години, секогаш имаше ланска пастрма, сирење од три години, ореви, лешници, кромид, гошер, маст од неколку години, дрва оломнански гореше, шајаци од своја волна носеше, - немаше нешто што нема во Јанекиевата куќа. И жена му Лулка беше домаќинка, за сè си имаше клуч. Еден таа, еден Јанаки. Толку беа, имаа ред во животот. А за најголем сој се сметаше сојот Шапкароски. Никој не можеше да го доброи и да знае кој од кого е и како е, многу ги имаше. На секој празник некој од Шапкароските ќе се степаше, тешко на оние што се биеја со Шапкароските. Тие први ја почнуваа и предизборната кампања за народни пратеници и месни одборници. Беа воденичари. Сиромаси, чесни. Најпрочуен беше Насте Шапкар со синовите. Се занимаваа и со препродавање на коњи, тука се изрезилија. Братот продава, другиот брат купува, го излажува таткото, му го препродава на таткото, таткото ја бере чаршијата, ќе се најде купувач за коњот, се помируваат. До идниот пазарен ден, до нова купопродажба. Едниот од нив стана одборник за четири години, Климе Шапкар. Имаше еден пак од Ламбета Шапкара, Крсте Шапкар, стана претседател на месниот народен одбор. Што ќе речеше Крчо, речено беше, тоа ти беше власт. Од Шапкарското племе се одделуваше Андон со синовите Јонче и Иљо. Овие беа многу заљубени и заблудени во науката и исто така станаа доктори. Инаетчиски беше и овој род, Шапкароскиот. Треба да се каже дека и овој беше стар род, прочуен.

Од маалците најискри беа рекомаалците. Рекомаалците живееја крај реката и долу во градините. Пејчиноските, Коле, Раде, Фроса и стариот Климе Пејчин. Првпат видов мртовец кога умре стариот Климе Пејчин. Го носеа од под нашата куќа. Гледав низ прозорец, беше бел како варосан. Во бавчите имаше полно цут од черешните. Леташе во небото, можеби тоа е душата, рече некое од децата. Пејчиноските беа многу сиромаси и секогаш гладни. - Стариот Климе беше ѕидар, печалбар. До нив живееја Ристеските. Томе со синовите Крсте, Кире, Коста и ќерките Ратка и Весела. И Томе беше аргат, измачен. Одвај леб се најадуваа. А потоа Пердулоските Ставре, Јордан, Ламбе, Коле, Ѓорѓија, Кире и Ристо. Кочееките Стојан и Иван. Стојан беше воденичар, Иван аргат. Умре на четириесет и две години. Од работа на дрва Петрино,  грмело-врнело, од дрва - на работа. Се исуши. Сакаше да биде домаќин, газда, со крената глава да оди, на поткован коњ да јава, мегданџија беше Иван. Како што дошол од дрва, му се прилошило и часкум умрел. Само што се свртеле луѓето, никому ни на ум не му паднало. Како свеќа згаснал. Ѓоршевците ни беа први комшии и беа: Стојан, Јонче, Ефтим, Ѓорче, Тодор, Ристо, Смиле, Сандре, Томе, Климе, Ѓорѓи, Веса, Јорда, Крстинка и уште многу ги имаше. Сите чекаа на еден нужник. Во пролетно време не се живееше во куќата, сите муви од селото идеа на Ѓоршескиот нужник. Одвај чекавме да падне дожд, да потечат сокаците. Најтешко беше во сушните години, кога капка не капнуваше. Тогаш доаѓаа уште поголеми и поцрни муви. Тие муви, велеа, доаѓале од далеку. Умре едно дете од Талија Ѓоршеска. Тодор  Ѓоршески падна тешко болен, на гради. Под нужникот беше фурната Ѓоршето. О, како ѓаволски едно време се зајадовме со тетинот Стојан Ѓоршески. Не нè пушташе низ сокакот на чешма, требаше да вртиме за вода. Кога немаше вода во селото, одевме на Пумпало изворче, цел еден саат пат. Тука живееја и Трпоските, стариот Зарко, Вангел, Сандре и Стефанче. Умре на дваесет и осум години, во пролетно време, во бавчулчето над Чингоските. Секакво цвеќе имаше во трпоското бавчуле. Најубаво беше наутро, кога сонцето ќе се појавеше, гледаш безброј расцутени бели, сини перуники, гледаш и чувствуваш како небото да дошло на земјата, се соединило со неа, сè станало едно, убаво, чудесно и смрт. Се иселија и Трпкоските, таму веќе не живее ниту еден Трпоски. Тука беа и Кузманоските Милан, Крсте Стамен и Стариот Шибак. Нив уште ги презиваа Шибаковци и Николовци. Имаа три презимиња. Стамен беше голем борец и ранет беше во борбата. Никогаш не сакаше да зборува за тоа, никогаш не се пожали. Умре пред две години, 65. во летото. Сите се чудеа како умре толку млад, толку рано. На погребот беше цело село. Грдо, без ред, пустелиски, никој не веруваше. Го закопавме. Од Плосковците беа Димко, Иљо, Ѓорѓија, Номче, Роза, Ефка и Славка. Плоскоските имаа еден чуден табиет, ја мразеа куќата. Седењето в куќи. Нека беше зима, нека беше есен, дождови, пролет, лето, тие никако не се прибираа в куќи. Сè некаде скитаа. По бавчите, низ селото, секој ден одеа во градот, - стариот Димко знаеше чудесни приказни за Стамбол, за Дарданелите. За водите, за морињата, за океаните. Секогаш ни кажуваше и се чинеше како тој час да се враќаше од пат. Толку му завидувавме на неговите патувања. „Целиот живот е пат, будали“ им говореше на тие што го лутеа, што го прекоруваа за неговото безделништво. Такви беа и синовите и ќерките, сите сеедно одеа-идеа, најпосле им падна и куќата. Пред тоа умре Славка, имаше осумнаесет години. Зад нив беа Шибакоските Ѓорѓија, Ладе, Климе, Нелко и Спасе. Нелко беше силен и чесен земјоделец. И Шибакоските се иселија. Тушкалоските, стариот Тушкал, син му Љубе и другарот Димитрија што одеше по улиците и командуваше по воздух. Тука беа и другите Николовци, стариот Крико Николов со синовите Кирил и Сандре. Овој беше најсилен во селото и најгладен. Со бротче пребега во Албанија. За сиве години бил на робија. Брдароските Јонче, Климе и Коле. Китаноските Стојан со Донка и ќерките Елица и Цанка. Имаа и еден син Номче. Ламбе Китаноски беше дури долу во бавчите. Китаноските бавчи беа најубави од сите бавчи во долината. Во пролет се чинеше тука се раѓа првата пеперуга, првиот цвет, првата пчела, таму имаше висока трева, лопатки и бозинки зад кои момичињата кришно си ги гледаа нозете кревајќи си ги долгите фустанчиња од груб шајак, и понекогаш си ѕиркаа во градите. Потоа плетеа венчиња од потполесок, си ги редеа на глава, ги фрлаа шамиите и под нив како златна вода заробена гргнуваше долга, светла коса. Тогаш беше тешко да се препознаат веднаш нашите момичиња, личеа на пеперуги, на цвет, на самовили, одеа мижејќи, мрмореа некои неразбирливи зборови. Веднаш тука беа и Кевереските бавчи. Тетин Номче Кеверески, Шана, баба Таса, Ѓорѓи, Љуба и Стојанче. Тетин Номче беше орач. Еден вол купи, друг пцовисај. Цел живот тоа работеше. Понекогаш позајмуваше еден вол за на орање. Братучедот Ѓорѓи Кеверески, не бевме никаков род, нè учеше да пукаме со бомби и пиштоли. Ловевме гаврани и мачки и на нив стрелавме. Ги врзувавме на гранките од јаболкниците во кевереската бавча и стрелавме. Еден пиштол се продаваше за дваесет лева, пет кила волна, сирење и уште нешто по спогодба. Скапа беше купувачката на еден пиштол, најчесто се биевме со камења. Се биевме со сите маали. Со горномалци, со видомалци и долномалци. Сите удираа на нас. Понекогаш биењето со камења траеше по неколку дена, се ловевме. Напаѓавме во групи од по десетина деца. Нè водеше најсилниот и најстариот. Понекогаш се биевме на многу блиски растојанија, се приближувавме по десет-петнаесет метра до „непријателите“. На главите имавме железни капи од првата војна, француски, бугарски, секакви. Од фронтот на Томорос. Биењето со камења траеше до расцепувањето на главата од Александар Македонски - Ацо од Шиковци. Тогаш бевме пред пораз, ќе нè убиеја во пејчиноските јасичиња, немавме доволно камења, бевме опколени, - ни помогнаа постарите. Победивме. Потоа беа Ноческите - Бугакоските, и тие со две презимиња, стариот Јаким Бугак со синовите Ѓорѓи, Благојче, Трајан и Андон. Сите беа вредни, ама никој од нив не можеше да се мери со најмалиот брат, со Андон. Овој ноќе легна в постела само на свадбата, кога се женеше. По цела ноќ лута низ полето, низ лозјата и бавчите. Луѓето го викаа ноќна птица. Стана голем домаќин, газда, во неговата куќа имаше секакво жито, најубаво грозје, јаболка, ореви, - имаше и такви плодови што не се раѓаа во нашето поле, во нашите градини. Од Ресенско имаше кај него јаболка и круши, од Струшко бостан и пиперки, од Битолско компир. Побрз коњ од неговиот немаше во околијата, влакното му светеше.

Најстари рекомаалци беа Чингоските, ама и тоа не се знаеше, зашто некој поп Чинго ги имаше засрамено и не се кажуваа токму. Поп Чинго од Ресенско дошол за да попува, бидејќи поп немале како што треба. Ама тој не попувал како што требало, како што си е од бога, туку почнал со жените да се плетка. Имал силен и убав глас. Жените и в олтар ги затворал, толку не се плашел од бога. Ама бог не е мачка наеднаш да драпне, го оставил така три години. На трите години и нему му отпеале. На сам ден Велигден, на гости, при чест, на слава со вино го отруле. Едни пак кажуваат во олтарот умрел, се мачел многу. Оттогаш Чинговци осиромашиле, станале варџии, со камен и оган да се прехрануваат. Многу горчлив леб. Тоа било како казна божја. И беа од Горгија Чинго Димко, Борис, Ленка и Ристо. Од Јакима Чинго Симон, Томе, Благојче, Санта, Флора, Спасија, Маре, Кате, Устијанко, каде живи каде умрени девет од баба Ангелина, осум од баба Софка. Од Симона Димче, Глигор, Ружа, Гластон. Од Димчета Танаско, Драгица и Евда. Од Глигора Зоре и Ленче. Од Благојчета Ристо, Тоде, Боре, Нада, Љупка, Јорда. Од Ристо Александар и Ване. Од Тоде Сашо. Од Томета и Верга Цвета, Никола, Живко, Иљо, Горѓи и Весела. Од Цвета Ангеле и Виолета Латкоски, од Никола Лидија и Љупчо, од Иљо Томе. Од Димка Чинго Благојче, Јонче, Томе, Цара и Веса. Јонче стана доктор на биолошките науки. Него од сите учени во селото најмногу го ценеа и сакаа. И тој пееше убаво, говореа се истерал на попот. Од Бориса Крсте, Јордан, Бистра, Слобода и Трајка. Од Ристо Чинго, што некои го викаа Сарајц, беа Горѓи, Кирил, Воскра и Милка. Овие беа највесели луѓе во долината. Тетка Флора, иако беа сиромаси, знаеше да живее по „београдски“. Во нивна куќа сè беше слатко. Сите им идеа, на сите им одеа. На визита тие почнуваа да одат уште рано пладне за да стигнат во сите куќи. Веселбата и кејфот никогаш не ги напушташе. Чингоските повеќето останаа во градините, пак се направија повеќе куќи како некогаш.

Во маалото уште живеел Алексо Ристев со синовите Косте, Ламбе, Диме, Томе и Иван. Ги имаше уште. Ама од сите Ристевци и мажи и жени најмногу се истакна другарката Ламбејца Ристеска како прв претседател на Афежето во Пасквелија. „Пусти, им велеше на жените, живеете како смет! Сега е време да се видите, борбата е на наша страна“. Другарката Ламбејца Ристеска лоша сетнина имала. Син ѝ Димче, помалиот, Лошотиштето, за едно јајце што зела од неговиот кокошарник со тупаници по глава ја отепа. Сета народија ја исплака другарката Ламбејца Ристеска, како неа друга немаше ни во власта, ни во домаќинлукот, а можеше и фудбал да игра. Првиот женски натпревар беше во нејзина организација. О, колку ветар, колку фудбал, свилени гаќички од Унра, на слабите женски нозе тешки англиски кондури, о колку трчање, плеткање и убиство. Робија. Од маалците беа и Балоските. Ги биеше лош глас за цицилак. И беа од Ангелета Славе и Иљо, од Колета Климе, Ратка и Воскра. Од Колета Ангелче, Гула и Љубомир. До нив живееја Меческите. Славе и Аргил Мечески. Од Славета Илче и Борче. Илче уште од дете беше само по планина со овците. Како што спиел по планина, по камења, на снег, на петнаесет години му скапаа нозете. Нагазил, говореа, нему му течеа нозете. Еднаш го видов на рогозина под оревот Кочееки, кај воденицата, близу јазот. Неподвижен, очите му беа како што му ги знаев од порано, му светеа како оган, црни беа, а светеа, пламтеа. На рогозината се береа многу муви, момичиња го вардеа од мувите. Сакаше да му донесам унапов цвет, унапите беа прецутени. По некое време умре. Таа година и сонцето се изгуби. Гледавме од Кеверските бавчи. Камбаната многу полека и долго ѕвонеше кога го закопуваа. Беше темно кон пладне, се изгуби сонцето. Некои од децата испопаѓаа на земјата, не можеа да гледаат. Ги имаше фатено треска. Кочевци ни беа на граница со средномаалците и Коческите беа најсиромаси од сите во селото. Со денови леб не видуваа. А од нив беа - децата на тетка Благуна, Сандре, Стојан, Коле и Климе. Климета го викавме Русија, зашто беше многу јак и гладен. Израстеа како слуги и калфи, по туѓи куќи, по туѓа стока и имоти. Сега се сите во Скопје како стручњаци, изучија. Во родот Кочески и за сето село најпозната беше бајачката Василка Коческа. Многу знаеше да бае, да гледа, жарче во вода да згасне, од волк заб да ти пришие, тревче од нејзина молитва под перница да си ставиш, што ќе ти е гробот во свети Ном, веднаш секаква немога, мака ќе мине. Едно само ја мачеше низ целиот живот - синовите во голема неслога и живееја. Еден со друг туку се јадеа, туку се тужеа како најголеми душмани. И најпосле во маалото ни беа двете раби божји Марија и Ликирка Лиотоски. Тие со никого не живееја, ниту во куќа влегуваа, ниту во своја прибираа. Така беше порано, куќата затворена ја држеа. Што се стори, како се стори, подоцна ја отворија куќата, ја дадоа за конференции, револуцијата за срце им прирасна, се од себе дадоа. Имаа уште една сестра Голубинка, таа беше против. „Црвено јајце ќе каснеме, црвена черешна не втасуваме - новата власт ќе падне!“ почна да бае, почна да бара дожд по полето, претскажуваше чуда, го чекаше својот брат од Америка, еден брат што го имаа, Стојан Лиот, сестрите да ги казни, куќата да ја очисти. Иљо Шапкар и Никола Чинго го читаа новиот статут. Некој сеедно го гаснеше светлото, сакаа да се љубат, ѓаволи, полни беа со радост, се сакаа, се љубеа, до смрт се штипеа. Ех, новиот статут! Новите луѓе непрочитано го знаеја новиот статут. Ќе го освојат тие градот, за еден ден, за една ноќ, - ќе падне градот и граѓанството. Ех, новиот статут! Сестрата Голубинка се мрдна, ја однесоа еден ден. Марија и Ликирка останаа докрај со револуцијата. За да им заплати, народната власт им даде едно од новородените. Копилче, народно. Нивно да биде, потпора, синче. Го крстивме раб божји Тикомир. Амин.

Средномаалци беа најмалку. Некогаш најпрочуени беа Шенгулоските. Кирил и Димо. Нивниот род се суши и го снемува од селото. Кирил Шенгул сакаше да стане цар, кога ќе се развеселеше го палеше селото, полето, сè можеше да изгори. Пиеше две кила препечена велгошка ракија на ден, најпрво од јунаштина, ама потоа не можеше без тоа. Му се родија седум ќерки, можеби и повеќе. Царот сакаше син, син не доби. Изгоре. Наеднаш се чу царот паднал тешко болен, од постела не се одлепува. Вода од телото му тече, не може никој да му ја запре. Царот многу се изнамачи, умре. Четириесет и три години имаше, кога умирал станал од постела. Не сакал да умре, тоа сите го чуја. Го видоа. На царот му беа простени сите гревови. Имаше уште еден од Шенгулоските - Благојче Шенгул, казанџија. Ја сакаше политиката, сакаше да живее по ново, ама него никој не сакаше да го гиба, сакаше да биде свој човек, вечен. Уште беа Рамненческите. Димко Рамненче со синовите Лазе, Кирил и Ѓорѓија. Ѓорѓија беше најизмачен и најнесрекен, животот му помина во трчање. Од село в град, од град в планина, пак в град. Сè беше, и овчар и „работничка класа“, каменар, и земјоделец и дрвар и најпосле заврши како работник на комуналниот завод во Охрид. Во летото 64-та година, како што носеле камења со еден камион, камионот се превртел и сите кубици го покриле. Бил згора на камионот. Триесет и пет години. Жена Ѕвезда, ќерка Лиле и син. Со него често одевме низ градините, јаваше на црн коњ, никако не можам и денес да ја примам неговата смрт. Никогаш не се поплака од животот, многу сакаше да има своја куќа. Од средномалците уште беа Кирил и Љуба со ќерките Даница, Танка, Менка, Коста и синот Владо. Иван Мечев и Јорда со ќерките Цвета, Јорда, Драгица, Трајка и синот Трајче. Климе Бугак и Марица со синовите Трајче, Боро, Ристе и Димче. Размовци, најпрочуен Стојан Размов со синовите Сандре, Ноне и Никола. Стојан беше бугарски кмет, газда човек. Димко Размов со ќерките Николина, Цвета, Славче и Крсте Блаески, селски чувар, барабанџија, умре. Четириесет и пет години. Лазор Латкоски со синовите Иљо, Стојан и Номче. Ѓоре Горески и Горејца. Горе четириесет и пет години не е вратен од Америка. На стари години ја зеде и Горејца. Во куќата остана ќерката Воскра и Павле Печијарески од Прилеп. Прв домазет во селото, прилепчанец. Сите го сакаа и заради неговата добродушност го викаа „црвен Павле“. Се исели. Ставре Латкоски, ѕидар, од сојот Латкоски еден со таков ум. Една куќа ја правеше од годината до годината, повеќе не се пазареше. За секој збор му требаше време и пат, -мислител беше. Имаше жена Цара, му умре на нога. Некоја лоша болест, се исуши. Четириееет години.

Горнамаалците живееја најгоре кај ридот и почнуваа откај Калача и Арнаудовци. Од Арнаудовци беше Горѓи Арнауд со синовите Стојан и Крсте, еден син му остана на сремски фронт. Стариот Арнауд беше газда, имашен, со полна куќа. На стари години го снајде уште една несреќа - се уби син му Крсте. Остави три ќерки. Се исиромашија и Арнаудовци. Ристо Арнауд со синовите Ангеле, Перо и Руско. Се иселија. Косте Арнауд со синот Димо. Подолу беше Живе Кушелев и Манте, Иљо Лиот. Иљо Лиот доби најголемо наследство од три страни. Сето го испи, сака да живее како човек. Работата ја мрази, не е лаком, не сака богатство. Круме Кочески со синовите Борче и Климче. Братучедите Борче и Климче, братиња, заминаа за Австралија на печалба. Братучедот Борче сите го изжалавме, беше селско берберче, не ја сакаше Австралија. Тука беа и Шапческите. Стариот Ангеле Шапче со синот Коле Шапче. Ангеле Шапче бил многу умен и почитуван човек. Во неговата магаза иделе да купуваат и охридските трговци. Самиот Коле Цветко. Знаел многу умни зборови. Историски. Ги бележел сите војни. Денеска војните се знаат по зборовите на Ангеле Шапче. „903 го изгореа селото, го испљачка башибузук. Турски, каурски, преправан, секаков. Селото имаше одред од 200 комити. Комитетот ја закла Кира Балоска со Турчин се љубовала. Ристо Попето се уби во Елшани. Мара Трпеа избега во Охрид таму ја заклаа. На огледало како си го чешлала момичето. Во селото живееше еден Турчин, името му беше Бекир. Бекир беше со комитите, слава му! Го заклаа Стефана Буџак. Комитетот. Поткажал тројца велгоштани комити. На Камче ги убија. Двајцата си ги поштеле вошките, третиот берел лешници. Во планината на сон фатија осум души, сите велгоштани, ги запалија. 908 беше Уриетот. Комитите направија еден марш низ Охрид, од чинарот до езерото. Турците се исплашија од силата и убавината на комитите. Единаесетта година фати земјотрес, многу стресло. Дванаесетта година на осми, на Аранѓел, првата војна, балканска, дојдоа Србите. Се отвори српско училиште. Учител Бранко од Србија. Напред се учеше бугарски, сега српски. Кога дојдоа Србите фати еден јак студ, војската српска беше под шатори. Ги исекоа градините за да се греат. Кога фати полошо време војските ги сместија по куќите. Осуммина во куќа и по еден каплар. Немаше храна. Глад беше. 13 година би албанската побуна. Чауле го презеде Охрид, Велгошти сè до Петрино. Борбите траеја дваесет и четири часа. Србите што најдоа маж во Велгошти го собраа, го врзаа и го однесоа в затвор во Охрид. Во уќуматот. Седумдесет и пет души. Колку што тепаа Србите, толку Власите. Секој трн и Влав со пушка. Одборот беше од, пет  члена,  од четири члена и еден претседател. Во одборот беа Горѓи Мизо - Тасиќ, Ефтим Грдан, Анѓелко Анѓелковиќ и уште двајца. Решија: двајца - да се убијат сите луѓе, 75. Двајца - секој петти. Претседателот Анѓелковиќ се реши на 5:1. И така беше. Пред уќуматот ги построија - еден, два, три, четири, петтиот за убивање. Дваесет и пет тргнаа. Ги убија во Видобишта, на варници. И беа: Ристо Латко, Косте Латко, Ристо Шико, Јон Костов, Ставре Китан, Димко Читан, Ристо Ноче - Буџак, Глигор Ноче, Васил Ноче, Васил Ничо, Јаким Ристев, сите дваесет и пет души. Во нив имаше еден Глигор Мишкоин, печалбар, петнаесет години во Северна Америка. Вечерта си дојде, дента го зедоа и го убија. Во Ресен не го пуштале, му велеле, не оди Велгошти и Охрид, оган ги гори, не доседел. Четиринаесетта почна светската, дојдоа бугарски војски. Фронтот траеше четири години. Фронтот беше близу, на Томорос. Коморите и магацините беа во Кецески ливаѓе. Се испусти сета стока, овците, коњите и воловите. За да се снабдува фронтот. Осумнаесеттата дојдоа Србите и Французите. Првпат народот виде арапи. Со обетки на устите. Фатија еден изнеможен бугарски војник што се криел по плевните, Србинот сакаше да го убие на место, Французинот го запре. Овие убиства станаа тогаш...“ Од Ангелета Шапче Коле Шапче и од овега Димче и Јордан Шапче. Коле Шапче беше првиот задужен магационер и ништо лошо не му се случи до скоро кога со сачми си ја наполни левата петица. Се осакати за век. По Шапчевите беа Китрозоските. Најпрочуен од нив беше стариот Китроз. Илко Китроз. Ама кога син му Кирил стана прв претседател на месната и се нарече раб божји Кириле Сталин Пасквелски, тогаш тој беше најславен од сите. Прва жена што облече панталони беше Кирилица Китрозоска - Сталиница. Понекогаш и таа беше претседател ако другарот Сталин беше отсутен. Таа се викаше Ленка и беше справедлива и чесна жена. Сите сакаа да им суди Сталиница. Веднаш до Китрозоските беа Бунташоските Стојан, Јоне, Голаб и Бранко. Секула со синот Сандре. А најистакнат во маалото беше Сандре Шокар, русофил и болшевик. Бил и во Јасна Полјана на имотот од Толстој. Комунизмот го проповедаше меѓу луѓето и нему му веруваа. Беше најголем партиец и прв се пиша во колективното, ако имаше многу земја и многу стока. Сè даваше Македонија црвена да ја види. Комунистичка. Таков не беше братучед му Климе Шокар. Овој сакаше сам да биде, без никого. Само со својот коњ. Потоа беше Тодор Балов со синот Крсте Балов. Леон Бандески остана сам, зашто Бугарите му го убија син му Крстета. Тоа беше најубав погреб, го закопаа со војничка музика. Свиреше бугарска војничка музика. И семејството од Горѓи Шибакоски веќе не е тоа што беше. Останаа уште Јонче, Ангеле, овој од черешна падна и се уби. Уште од нив беше Косте. Косте беше многу истакнат во младинската, после го затворија. Осуммина затворија. Едни пуштија, едни беа осудени на робија. Косте беше најдобар артист во целата околија. Еднаш го играше затвореникот, за малку ќе го обесевме на сцената. Куртули. Од јаже го извадивме. Тука беше и Славе Троилоски, кого што го викаа котел. Овој дочека најлоша старост. Го истера жена му, го истераа синовите, не го сакаа и ќерките, а и целото село не го гледа дали е жив или не. Се влечка по патиштата како да е сакат и слеп, а не е ни сакат ни слеп. Тој е убиец. Злосторник. Во војната кога во долината залутале две српски војничиња, на повлекување, кога кикој не сакал да ги убие, тој за десет златници ги стрелал под манастирот Света Петка. Пред цело село. Едното од војничињата тешко умирало, и така убиено - недоубиено молело за спас. Котелот почнал да го мачи, да го гони низ камењарот Светипеткин и уште трипати пукал во него додека го смирил. Многу биле млади војничињата, лицата им биле мазни како на девојки. Немале повеќе од деветнаесет години, биле височки и танки. Како ластари се виткале кога ги стрелал. Тој е првиот и единствен убиец во долината за пари што зел човечки живот. На туѓинци, на заскитани, незнанци. Гробовите и денес стојат под манастирот, близу до мостот. Местото се вика Два Гроба. Во манастирот по војната наминал и Растко Петровиќ.

Видомалци беа исфрлани на плуската и под плуската. Низ Видомаало течеше Вилинската река. Во неа го фрлавме крстот за Свети Јон. Тоа е голем и многу тежок празник. Свети Јон. Тогаш се крштаваше водата, се попрскуваа лозјата, со 'ржаница натопена во крстената вода ги врзувавме черешните и другите емивчиња, ја поевме стоката, децата, младите. Најпознати видомалци беа Пумпалоските и Латкоските. Пумпалоските Стојан, Паско, Коле, Вангел, Крсте Талашата, Климе и уште многу други ги имаше. Пумпалоските беа воденичари и имаа многу чисто срце. Како леб беа добри. Не ги мамеше ниту власт ниту политика. Беа многу весел сој луѓе. Ги викаа  о п е р а. Латкоските беа големи политичари и големи газди. Од Ламбета беа Кире, Здравко, Донка, Косте, Димче и Стефка. Од Ташко Јонче, Трајан, Косте, Томе и Драгица. Сватот Ташко целиот беше занесен во политиката, а знаеше и времињата да ги толкува. По ветрот погодуваше какво време ќе има. Но најпрочуен од видомалците беше Коле Јоноски Пумпалоски - Голтакот. Овој беше прв народен поет, астроном и филозоф. Тој небото го знаеше како својата рака, далечните ѕвезди тој само со неколку зборови та слегуваше близу до земјата, до вршињата на дрвјата. Никогаш веќе не се изнагледавме ѕвезди од тие денови со поетот низ градините. Бели, сини, црвени, златни, зелени секакви ѕвезди тогаш имаше по небото, запливани, заитани, како море, како многу мориња, безброј... Сите него го имаа напуштено, жена, деца, браќа, родот, сите освен децата, младите од селото. Тој над сè беше раб народен. Да поживее песната негова за векови. Еднаш три години занеме, тоа беше во времето на колективот. Еднаш во тие години го видов како плаче, одеше по навискиот пат и плачеше, о ѕвезди, о ѕвезди, о високи ѕвезди, шепотеше и ништо друго не говореше. О ѕвезди, ѕвезди, високи ѕвезди...

Долномаалците беа подруг народ, постарински. Најпрочуен род беше Речкоскиот Нив секогаш слогата и љубовта ги правеше браќа. Еден Речко, без своите, за ништо не чини. Тие љубов меѓусебна, длабока носат. Како лозје е нивниот род. И од Речкоските беа - Ангеле, Димко, Гоше и Стефан. Од Ангелета Номче и Баже. Од Гошета Диме, Танае и Јордан. Од Стефана Кољче, Лубе, Баже и Томе. Кољче од Стефана беше најмирно и најработливо од сите деца и секогаш одлично во училиштето. Од нивниот род имало и еден Апостол Речко што многу убаво црквено пеел и знаел седум светски јазици. Друг таков учен меѓу долномаалци не се паметеше. До Речковци беа Билбилоските Климе и Трае. Од Климета Ладе и Пере. Понапред беа овчари. Наоколу живееја Палоските Климе Пало со синовите Јонче и Димитри. Тие беа голема сиромаштија. Достоиноските живееја од аргатлак. И Бошкоските и Ническите. Од Ничевците имаше еден Ристо Брно што многу убаво свиреше на грнета. Никој како него друг не можеше така да свири. Многу бедни и изнамачени беа и Дукоските. Многу прогладуваа. Тука беа и Брдароските и Шикоските и Калејчијните. А најгоре беше Трене Кецкароски, имашлив и газда човек. Наоколу изнафрлани беа Крлеските. Глигор, Тоде, Јанаќи, Сандре Трае и стрикото Ламбе. Овие никој меѓу себе не си личеа, како да не беа род. Најмногу од нив се прослави Сандре. Многу деца народи. За да добива детски додаток, го напаѓаа другите Крлевци. Ама тој беше напреден раб божји, зашто и по детскиот додаток си остана верен на линијата. Славен да биде овој лозар пасквелски. Спроти Сандрета живееше тетинот Кркач и тетката Кркачица. Тие имаа најмногу деца во долината, кај живи кај мртви дваесет и едно. Амин.

И уште да се паметат рабите божји Јордан Сандре Танески, Јонче Миле Методиески, Јорданка Димко Крстаноска, Насте Горѓија Петроски, Љубинка Сандре Гуштероска, Благојче Владо Митрески, Цвета Круме Спироска, Трифун Стефан Пајкоски, Благоја Дејан Велјаноски, Горѓи Петре Трајчески, Доста Јонче Рудеска, Благуна Горче Трифуноска, Воскресија Стефан Донеска, Анастасија Илија Велјаноска, Спасител Петре Рудески, Климент Борис Гочески, Пенка Панде Петреска, умре, Тодорка Слободан Николоска, Борка Торчинова Шимикоска, Климентина Димко Митреска, Крсте Танаско Јанкулоски, Симон Владо Толески, Симон Наум Богданоски, Димитри Томе Климоски, Стефанка Андон Ристоска, Љупчо Петре Ризманоски, Миле Блаже Цојкоски, Методи Ристо Климоски, Иван Крстан Георгиески, Јорданка Крсте Трифуноска, Васил Димитри Трифуноски, Љубинка Ристо Ризманоска, Антон Владо Стојаноски, Јован Томо Димоски, Виктор Стојаноски, Добрица Бранко Ристеска, Весела Савеска, Благоја Стасе Митески, Ристо Тодор Петрески, Љубинка Крстан Крстаноска, Горѓи Илија Богданоски, Верка Иљо Трајческа, Јордан Димко Џајкоски, Иван Василе Темелкоски, Менка Атанас Пупунческа, Менка Иван Плевнароска, Василка Стефан Џајкоска, Воистина Павле Танасоска, Илија Трене Велјаноски, Димитри Климе Велјаноски, Трајан Фоле Тасески, Верица Георгија Петреска, Благоја Илија Андреески, Мирјана Илија Лекоска, Слободан Пере Стефаноски, Илија Стојаноски, умре, Трифун Џајкоски, умре, Павлина Спироска, на петнаесет години во пролетно време умре, Донче Кироски, умре, Горѓи Крсте Пазаркоски, умре, Стојна Митреска, умре, Лојза Џајкоска, умре од намузи, беше многу лична ама купкаше та затоа Спасе Настејчин ја остави и побегна во светот, Пирга Петреска, умре, Ѓорѓи Тумпаноски, умре, Воскресија Димоска, умре, Ленка Митреека, умре, Доста Рудеска, 39 дена, умре, тоа кога секна млекото, Димо Гуштероски, умре, Пенка Блажеска, умре, 56 дена поживеа, Цвета Кроне Настеска, пет месеци, умре, Петре Ставрески, умре, Петре Велјаноски, четири години, умре, Менка Атанасоска, две години, умре, Мара Цоцоска, 33 години, умре, Менка Николоска, 23 дена, умре, Ристо Андреески, умре, Косте Болески, умре, Митре Петре Недески, живееше најмногу од сите - 104 години, умре, Томе Андреески, 4 години, Живко Глигороски, 10 месеци, Васил Андреески, 6 години, умре, Устијан Икоски, 29 години, умре, Ташка Пулеска, умре, Доста Кузманоска, умре, Благоја Цоцески, умре, Васе Андреески, умре, Ристо Велјаноски, умре, Раб божји Насте Мургоски, умре, Косте Панџакоски, умре, Депа Бошкоска, умре, Стефка Шапкароска, умре, Евда Коческа, 1 година, умре, Весела Ристеска, 1 година, умре, Марица Шибакоска, 7 месеци, умре, Слобода Горческа, 2 месеца, умре, Ставре Велики, умре, Петре Мургоски, умре, Леска Ставреска, умре, Стефанка Китаноска, умре, Трајан Трпески, 2 месеца, умре, Јонче Баклески, 8 месеци, умре, Нада Латкоска, 3 години, умре, Благородна Танческа, 18 години, умре, беше во пролетно време, Крсте Бандески, 21 година, умре претепан од Бугарите и потоа со војничка музика го закопаа. Косте Гуклески, Стефана Великоска, Петре Донески, нема веќе никој од Донеските, Климе Пејчиноски, Нурка Шибакоска, умре, Никола Ристески, 2 години, умре, Славка Пацеска, 22 години, умре, Горѓи Бошкоски, 1 месец, умре, Миле Ристески, 9 месеци, умре, Благоја Китаноски, 3 години, умре, Благоја Пацески, 3 меееци, умре, Тодор Иваноски, 4 месеци, умре, Борис Чифлиганоски, 1 година, умре, Славко Китрозоски, 2 години, умре, Весела Вретоска, 1 година, умре Елена Трпеска, 2 години, умре, Симон Пердулоски, 1 година, умре, Драгица Шикоска, 4 месеци, умре, Јованка Тодороска, 1 месец, умре, Томе Буџакоски, 12 години, умре, Симон Пулески, 3 месеци, умре, Насте Пердула, умре, Јаким Шапкароски, умре, Борис Трпески, 1 година, умре, Трајанка Шибакоска, 3 месеци, умре. Тоа беше времето кога изумираа децата. Ружа Колеска, 19 години, изгубена во фортуната, потоа најдена дури пролетта кога се топеше снегот, Иван Стојаноски, 28 години, со него се изгуби и родот на Стојановци, Јордан Бакрески, 2 месеца, умре, Бранко Бакрески, 2 години, умре, Васил Шикоски, умре, Митра Пулеска, умре, Трифун Велики, 40 години, умре, Славка Плоскоска, 18 години, умре. Секој ден беше гладна, ама секој ден беше гладна. Којзнае како толку долго доживеа. Игравме со петлици на Кочески сокак. Јонче Шапкароски, 38 години, умре, Томе Божиноски, 3 години, умре, Наум Буџакоски, умре, Стефана Мечеека, умре, Илија Бешироски, 1 година, Динка Божиноска, 1 година, Зугра Ристеска, Димитри Брдароски, Миланка Мургоска, 9 години, Костадинка Брдароска, 3 месеци, Марија Шибакоска момичка, Тане Шибакоски, умре, Мара Латкоска, умре, Султана Пулеска, умре, Марија Меческа, 24 месеци, умре, Стојан Брдар, умре, Ристана Шокароска, умре, Зафир Дамјаноски, умре, Благојче Ристески, 37 години, умре. Цел живот аргат - аргат и така скапа, Божа Пацеска, умре, Солунка Костоска, умре, Ристо Шибахоски Богата, умре, го направи лозјето и умре. Само лозјето сакаше да го види. Тодор Нически, умре, Стефан Шибакоски, 47 години, Флора Панџакоска, Стојна Баталоска, 19 години, умре, и многу други изумираа, а најмногу децата и младите.

Ама други пак и натаму си се раѓаа. Јордан Стефан Буџакоски, Јордан Климе Бимбилоски, Драгољуб Круме Шикоски, Милка Љубе Јоноска, Славка, Спасе Великин и Цвета Спасе Великин, близкаци, родени на тринаесеттиот ден од февруари. Ке оти од овие ќе биде луѓе, велеше татко им, зашто биле родени на тринаесеттиот ден и уште во февруари, заедно со волците. Љубомир Васил Митрески, Боре Славе Мечески, Олга Перишо Брашкоска, Драгица Буџакоска, Ристо Пердулоски, Благојче Колушески, Боре Благоја Чингоски, Димитри Волканоски, Ружа Маркулоска, Ристо Пумпалоски, Кире Трифун Пацески, Елица Мургоска, Климе Буџакоски, Петре Глигор Крлески, Радмила Буџакоска, Елена Буџакоска, Борис Илија Трпески, умре, Нада Наум Вретоска, Ристо Ставре Латкоски, Елена Баталова, Сотир Крсте Балоски, Весела Трене Кецкароска, Љубинка Китрозоска, Кирил Ристо Бакрески, Ѓорѓи Томе Чингоски, Стамен Димко Котлески, Вера Стефан Шикоска. Весела Дамјаноска, Коста Јакимоски, Костадинка Балеска, Иван Крсте Кркачоски. Во бавчите го разнесе бомба кога се вракавме од училиште. Беше во пролетно време и низ Согрле течеа големи води. Тогаш бомбата го уби Ивана. Илија Насте Бешироски, Климе Шибакоски, Мара Коталеска, Весела Васил Огненоска, Димитра Тодороска, Михаил Спасе Васветски, Милка Милошеска, Филип Трае Бимбилоски, Евда Георгиеска, Глигор Џуклески, Симон Размески, Воскра Ѓорѓија Кецкароска, Тодор Трене Кецкароски, Крсте Алексо Чифлигароски, Весела Смическа, Цветанка Маркулеска. Сите раби божји ги покрсти нашиот народен матичар, другарот Димитрие Стенкоски со помошта на парохот на парохијата пасквелска свештеникот Леонид Трпеноски. Нека се запомни и неговото име.

И уште да се знае во секоја куќа си имаше по едно магарче. Магарчињата билe свет род. Да поживеат.

А долината во која живеевме лежи под две стари планини. Едната е Петринската, а другата источната планина. Од двете доаѓаа големи и силни води. Во пролет, кога ќе се отвореше времето, целата земја и целото небо светеше од тие води. Насекаде низ градините како сончеви зраци болскаа браздите полни со вода. Насекаде наоколу беше таа светла вода.

А наспроти долината беше езерото охридско. И самото како сонце.

На Растку објављено: 2007-12-11
Датум последње измене: 2007-12-10 15:18:40
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија