Софија Тренчовска
Заокружен е десеттиот годишник од Проектот Растко - Македонија (X/2018)
Почитувани читатели,
Помина една цела плодотворна деценија откaко со многу љубов и ентузијазам ја започнавме својата мисија олицетворена во Проектот Растко - Македонија. Богатата архива од околу 500 објавени дела на значајни авторски имиња од/за македонската литература, култура и уметност нѐ прави горди. Ја користиме оваа прилика да им упатиме огромна благодарност на нашите верни партнери од Белград и од мрежата на Растко, пред сѐ заради упорноста и истрајноста да опстане овој долгорочен проект.
Денеска, притиснати во менгемето на апсурдноста и реалноста, меѓу минатото и иднината, со многубројните авторски дела произлезени од перата на книжевниците, противречиме кон насилната тенденција да паднеме во бессознание. Сакаме со чисти очи и исполнето срце да се погледнеме во огледалото, да си го видиме одразот, да си ги чуеме умот, гласот и зборот што остануваат запечатени на страниците на книгите.
Време е да ја отфрлиме горчината со која среде вавилонската бркотница од големи и мали нации, големи и мали литератури, големи и мали јазици - арогантно нѐ сместуваат во подолните слоеви и класи на културата. Напротив, во светската културна и духовна ризница сите сме подеднакво важни. Секој збор напишан на мајчин јазик подеднакво значи и зрачи. Книжевните дела како деца на светската културна меморија секогаш најпрвин крикнуваат на јазикот на својата мајка која ги родила, а потоа се интегрираат во прегратките на светската културна ризница.
Изминатите години бевме исполнети со силен порив од ништожност и бессознание да се вивнеме кон чистото небо на неуништливиот творечки дострел кој остава пишан споменик вреден за паметење.
Јазикот е крикот на душата, првиот здив, животната искра на сознанието.
Преку овие вредни книжевни и уметнички творби ние докажуваме дека не сме неми говорители, дека не ни прилега немуштиот јазик и дека сме живи градители кои оставаат зад себе монументална архитектоника од цврсти книжевни градби. Нашите дела создадени на мајчиниот македонски јазик длабоко продираат во мислата и битието и раѓаат цврсти плодови, кои треба културно да нè обединуваат. Рефлексијата на македонското духовно битие и творечкиот идеал се неуништливи и тие се вистинскиот ревитализирачки еликсир за привремената идентитетска амнезија. И покрај сè, нè охрабрува надежта дека сѐ уште постојат силни креативни духови кои како заслепувачки зраци го осветлуваат тмурното македонско небо.
Продожуваме искрено, цврсто, силно и достоинствено да глаголиме на македонски.
За многу години нека ни е првото светло десетлетие во интернет етерот и во глобалната дигитална сфера на културата и традицијата.
Загледани кон неизвесната иднина, посакуваме уште многу објавени книжевни дела и уште многу задоволни читатели, поддржувачи и луѓе коишто безусловно нѐ разбираат.
24. 5. 2018.
Софија Тренчовска, уредник
ПРОЕКТ РАСТКО — МАКЕДОНИЈА
Електронска библиотека на културата и традицијата на Македонија
На Растку објављено: 2018-05-24
Датум последње измене: 2018-07-25 17:02:56