Горан Тренчовски — биографија
Горан Тренчовски (роден на 24 април 1970 во Струмица, Македонија) е македонски режисер, писател, основоположник и директор на Астерфест, претседател на Тивериополската филмска алијанса, продуцент и меѓународен културен активист.
Дипломирал режија во 1991 на Академијата за уметност во Нови Сад во класата на проф. Боро Драшковиќ. Посетувал постдипломски студии на Филолошкиот факултет во Скопје и бил на специјализација во Прага.
Уметничко дело
Голем дел од неговиот уметнички опус спаѓа во краткиот, документарниот и ТВ филмот, како и во постмодерниот театар (како режисер), како и во филмолошко-театролошката есеистика и во феноменологијата за драмските медиуми (како писател).
Неговите филмови се освежување во третманот на урбаната и на новомитската балканска иконографија (Бумбари, Клошари и плакати, Езерската земја на Никола К., Вампирџија, Андер, Духот на татко ми)
Претставите му се инвентивни парафрази на европската драматика на апсурдот (Крајот на играта, Звучни слики, Словенски Орфеј, Часови по злостор, Луна прима, Либрето Вагнер, Адска машина, Од првиот здив, Питачка опера, Духот на лименката, Суво дрво од Вавилон, Крајот на кралот).
Четирите негови книги се комплементарна тетралогија за автопоетичкото поимање на феномените на филмот и театарот (Од питач до крал, Орбис пиктус, Поетика на (де)тронизацијата и Парс про тото).
Има режирано и мултимедијални спектакли од типот на Тутунски споменар и Струмица 1918.
Неговите проекти се изведувани и прикажувани во Турција, Бугарија, Србија, Полска, Чешка, Италија, САД, Германија, Грција, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија.
Културна работа
Работел како драматург во театар, координатор на театарска лабораторија, раководител на сектор по режија во национална телевизија, селектор на фестивал на камерен театар, главен уредник на списание за театар (Тренд театар), уредник во електронско списание (Блесок), супервизор на сајтот ПР-МК.
Во 2005 заедно со сопругата е основач на Астер фест, а во 2007 ја иницира Тивериополската филмска алијанса — институт за краток и документарен филм.
Бил активист во филмското одбележување на 5-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски и на 70-годишнината од раѓањето на актерот Ристо Шишков.
Се заложува за дигитализација на визуелното и книжевното наследство.
Објавил над 250 текстови во печатот и периодиката, а режирал над 500 ТВ емисии од најразлични програмски жанрови.
Член на Друштвото на писателите на Македонија, како и на Европската документарна филмска мрежа.
Награди и признанија
Ги добил наградите: Војдан Чернодрински во Прилеп, Награда за уметнички сценски израз во Стоби, Гран при за ТВ филм во Сараево, Св. 15 Тивериополски свештеномаченици во Струмица.
Негови проекти се номинирани за претстави на годината на Екран и за најдобар светски документарец во Вашингтон.
(П. М.)
Текстот е достапен под условите на Creative Commons Attribution/Share-Alike License и GFDL; можат да важат и дополнителни услови. Видете ги условите на употреба за детали.
Датум последње измене: 2010-06-30 09:30:15

