Братислав Ташковски

Бегството од Ерусалим

"Што е пострашно за душата,
да не може да биде љубена
или да не може да љуби?“

Мигел де Унамуно
“Агонијата на христијанството“

Книга прва
Во храмот

ТАМУ...

Мојот сон ќе заврши како недовршен.
Се прашувам: дали љубев или бев вљубен,
дали бев ангел или од ангел создаден?
Не знам. Да се родев порано (случајно таму);
дали ќе ја следев прашината твоја,
или ќе верував во лебот и законот на
камшикот?
Можеби ќе го сменев срцето за ока сол
а окото за капка вода;
за да преживеам распнат под небото
во времето кога животот беше само зрнце!
Сигурно (во приказна) и сега живеам таму,
бидејќи ништо не започнало и не е завршено.

ЗА ГРЕВОВИТЕ

Прости господару,
погледнав туѓа жена.
Посакав младо сонце врз усните мои.
Ако ме казниш,
како да ја разберам убавината што си ја
создал?
Зарем си ја дарил само на себе!?
Не. Никаде не си напишал,
ниту со збор, ниту со прст во песокта,
дека е така.
Затоа, во молитвата нема празнина-
ако е грев убавината
тогаш грешно си го создал светот!

ПРЕД ДА КАЖЕШ

Полека со казната. Не затегнувај со лакот.
Нека лебди уште малку.
Прашуваш што сум сторил?
Сум посакувал. Знаеш?
Да, така е:
и еве, во храмот, цртам стари ангели
да ми објаснат
како созрева природата
и да ми растајнат:
“... дека од жените си учел
и си рекол да и се простат гревовите
бидејќи многу љубела...“
Јас чекам, како пријател
во домот на пријателот;
светлината да ја осветлиш.
Не оставај
животот да го градам на темели од песок.

ЗНАМ, СВЕТЕЦ НЕМА ДА БИДАМ

Ме прашуваат кој сум?
Што барам под твојата слика
и во зборот на Златоустиот?
Не заслужуваат одговор.
Тие секогаш барале
за да си објаснат.
Зошто самите не можат поинаку.

За тоа,
(кога ќе бидам избран)
тогаш ќе кажам.
Додека не прашаш - одговор нема!
Јас сум тој:
малиот човек во храмот.
Верувам и знам,
светец никогаш нема да бидам.

ВНАТРЕ, ЗА ЖИВОТОТ

Секогаш знаев,
животот
е најголемата историја на слободата;
и само тој што се родил мртов
може да се радува на смртта.
Затоа ќе чекам,
и онака сум бегалец заборавен.

МОЛИТВА

Веруваме во јасното, во убавината,
во создавањето што го родило зборот.
Силни сме.
Имаме смелост да го цртаме и твоето лице.
Затоа нè има. Ти си сеачот
и додека не нè просееш низ ситото
ќе бидеме тоа што секогаш сме биле:
Потомци на бога.
Од човечка рака направени сонца.

МОЛИТВА ЗА СЕБЕ

На крајот, сакам да знам -
што ќе се случи со мојата песна?
Пред да заминам
ќе ја оставам кај мајсторите, да стане оружје.
Ако не е таква (силна и смела)
на што ќе личам таму,
и како ќе ги разберам тие што немаат лице?

Но, пред да дошепнеш за патот на ѕвездата
од прозорецот уште малку ќе гледам долу.
Не, (не сум доволно стар) да онемам во
зборот;
затоа слушам како немеат околу мене.
Ова тело (дадено за доживотна употреба)
е атласот на мојата душа.
Горе, во черепната кутија,
има уште ветришта да ме издуваат до крајот;
онака како што треба:
со куќа од зборови,
со многу мастило низ собите,
со мебел од хартија
и погледи од сонце.
Затоа пукај!
Рафално!
Нека се слушне нашиот опстанок.
Ние јунаци за бегство не сме.

ПИШУВАМ И ВЕРУВАМ

Животот е имеславје.
Можеби и не треба да се пишува,
бидејќи времето напишало сè.
Но, се чувствувам како светецот
кој распнат со главата удолу,
морал да гледа како расте твоето тесто.
Јас, (зрнцето во зрното синап)
не знам што барам тука, ако не верувам?
Како би ја разбрал убавината?

МОЈОТ СВЕТЕЦ МЕ ГЛЕДА

Влегувам во храмот.
Сè уште сум тој. Не сум богобојазлив.
Ветувам. Никогаш не сум мислел поинаку.
Дишам како сенка што бара тело. Да почине.

Велиш: верувај и ќе ти се даде,
но ако посакаш ќе ти се земе!
Затоа ја разривам песокта
од желбите што станала восок,
и треперам да не биде така. (Прости за
нетрпението.)
Тогаш во увото пробива гласот:
„Верувај за да веруваат во тебе!“
а мојот светец покажува кон мене.

ЅВОНО, ЗБОР, ЉУБОВ

Ако некогаш
ме убиеш за законопрестапен збор
мојата сенка никогаш
нема да ти направи споменик.
Не знам каде е границата на гревот
за да побегнам од таму, но
ако не било така
за љубовта требаше да пишувам лаги
а за лагите оди.
И немаше да се објаснам.
Сега до ѕвоното сум близу;
но пред да ѕвони
ќе соѕидам уште зборови во Твојата кула.
Си ми дал и можам!

АНГЕЛ, АНГЕЛСКИ, АНГЕЛОВ...

Граматиката на Твојот јазик
е непозната за секого.
Твојата синтакса се вдишува
и нема закони за ликот на писмото.
Јас пишувам со благослов
со порака од ангел на ангелски јазик.
Кој разбира знае,
тоа е зборот спасен од огнот,
тоа се знаци родени тука,
во храмот на сите азбуки.
Кој не, нека чита пораки,
значенки и дејанија
за да ја слушне едноставноста
на ангелскиот пристап
кон словото и кажаното,
посебно за поезијата.

ВО МНОГУ ДОМОВИ ТВОИ БЕВ!

(На утринска молитва во Соборниот храм Св. Климент Охридски)

Се сеќавам
на големите светла во римските цркви,
на златниот олтар
во твојот дом крај реката во Париз;
и на широките предворја
пред поробените стамболски ѕвона.
И секако
на големата православна мајка во Москва.
И така на уште многу свети места.
Но тука, тука си најголем,
во храмот Климентов,
во твојот дом македонски.

ТУКА СУМ!

Се помолив за повеќе,
но знаеш, сè завршува во едно.
Што и да посакам е позната работа.
Не сум за јавно коленичење,
на стоење ќе го протуркам светот.

Сега (кога сум тука)
го следам останатото,
се прашувам во што ќе воскреснам?
Во аскет
или во вселенски човек
кој вечно ќе патува со ѕвездите?
И што потоа?

АНГЕЛСКИ РАПОРТ

Понеделник изутрина.
Храмот е празен.
Врховниот светец
(некогаш бил дете на очајот)
ги слуша новите ангелски виденија.
Потоа доаѓа храмскиот записничар
(млад текстописец кој паднал
како несакана љубов)
и рапортира за желбите
на оние што ќе дојдат:
Станува збор за редовна посета
на двете остарени дами,
кои веќе плачат по навика,
за една вдовица (страсна се разбира),
за двајца арамии кои бараат прошка,
(бидејќи се уверени дека на сите им следува)
и секако за молитвата на мајката
по синот што го изгуби во војната.
(Како анекс на рапортот
текстописецот ја цитира судбината на еден
поранешен буџа
кој во својата старост се сонил како грешник.

Врховниот, прелистувајќи го најновиот број
на „Рајските новости“
резигнирано резонира:
„Ова веќе преминува во навика,
има ли нешто продуховено,
писателски ако може?“
Записничарот погледнува кон сводот
барајќи помош од висините,
но напразно оди погледот.
Тогаш мрднува со левото крило; но,
пред да одговори негативно,
Врховниот го прекинува:
„Нема? Добро, тогаш дај нешто живо,
само без политика.“
Така рапортот завршува
со извештајот за гревот
на двајца вљубени апостоли,
нетолеранцијата на Епископскиот совет
кон новите цивилизациски придобивки,
(кои научно ја разбиваат догмата
за нивното безгрешие)
и се разбира со финансискиот отчет
за вчерашното рајско попладне.
Потоа, инерција,
се отвора денот,
хоровите започнуваат да пеат,
Се гланцаат престолите
и луѓето влегуваат во храмот.
Сите се тука
и дамите, и арамиите и вдовицата.
Ги нема буџата и скршената мајка.
Подоцна Врховниот дознава
дека првиот (оправдано отсутен)
умрел во сонот,
а втората исчезнала во молитвата.

И?

Кој каде се исповедува е негова работа.
Од далеку кон тебе
сам или заедно, сосем е сеедно.
Јас грешев, (сигурно е така)
и за тоа некогаш ќе си простам.
Минувам со спокоен чекор,
сам, студен и исплашен од нестореното.
Ти животот го создаде од глина
за човекот да има човечица
а мажот и жената - светот
(чинот на срдбата твоја за првогрешието.)
Не верувам дека си сакал поинаку,
да имаш само двајца во големата градина.
Вака те има,
и во тие што те очекуваат
и во оние што стрептат пред тебе.
И?

СЕ РОДИ ПЕСНА

Можеби еден ден ќе бидам бездна
или плитко море за бродот да не може да бега
Сега сум тука. Размислувам апстрактно.
(Нешто мора да се случи.)
Хорот ги повикува ангелите. Тие доаѓаат.
Со нив слетува и молитвата:
„На многаја лета, на многаја лета!“

Сонував роса и големи скали.
На врвот срце достојно за љубов;
(Гледам.) Си направил силни работи. Но,
човекот понекогаш е над нив.
Се симнуваш. Присуството е тука.
Восокот плаче врз мојата рака
(ова е голема победа,) и гледај
се случи. Се случува. Зборува!
На кожата танцува песна.
„На многаја лета, на многаја лета!“

ЧОВЕКОТ НА ВРАТАТА ОД ХРАМОТ

(слика)

Го гледам како влегува:
погледнува угоре
но погледот твој го прекорува, долу.
Пали девет свеќи
на лицето има голема мака.
Приоѓа до олтарот и под погледот
на архангелите остава масло за нечија душа.
Се враќа наназад,
една стуткана книжна пара
остава на иконата што сите ја целиваат.
Се обидува да се прекрсти,
но тоа го прави обратно
(ти го премолчуваш незнаењето!)
Потоа се повлекува во темнината,
таму се моли
и гледа како од капелата изнесуваат мртовец.
Се подиставува.
Сака да верува, зачекорува,
и пред вратата,
оддесно, каде се продаваат многу работи,
купува книшка со молитви.
Со гревот или без него, заминува!

Книга втора
Бегството од Ерусалим

ХАОС НА НЕБОТО

Канцеларијата на Врховниот беше празна.
Ангелите користеа продолжен викенд
а небото беше збунето
од тоа што се случува долу.
Габриел влезе пред Престолот
и со голема вина во гласот рече:
„Да го спасиме, има уште неколку секунди.“
Но тишината е еден
од темелите на хиерархијата,
па така и сега се премолче.
Потоа минаа секундите и се збрца клинот.
Небото го прими последниот повик
и веќе беше доцна;
тој, како одговорен ангел,
не можеше ништо да стори.
Истото го потврдија и судиите,
(небесната бирократија е иста како земската)
констатираа само распетие
по желба на Врховниот.
Па така времето и железото го сторија
своето,
телото мораше да биде доказ, а доказот тој.
Некое поголемо објаснување нема
бидејќи е задоцнето,
факторот за хаосот бил ангелски
и никакви метеоролошки толкувања за
громот, водата и затемнувањето не држат.

ГОРЕ, ПРЕД ЗЛАТНИОТ ПРЕСТОЛ

Вкусот на оцетот
ја качи неговата телесност бргу зад дверите.
Таму ја погледна состојбата од горе
и доби инструкции
за следните неколку милениуми.
Сега, кога се победи самиот,
ништо повеќе не е тешко.
Имаше малку време за оценки,
наскоро требаше да ги покаже
рацете со дупките од клиновите.
Во спротивно неговите биографи
ќе мораа да бараат посебна
димензија на воскресението.
Со наведната глава
ги прими критиките
за она романтично збогување
„ели ели, лама савахтани“
и откако го исполни ветувањето
го постави распнатиот арамија
во негова близина.
Се симна, за да го досоздаде постоењето
и да најде објаснување за саможртвата.

НЕКОИ МАЛИ ОБЈАСНУВАЊА

Хрониката на старите народи
е љубов во строги поглавја. Закон.
Патот до крстот е посебна приказна;
Но небесните хроничари не се возбудуваат
многу за неговото историско објаснување.
Едноставно тој е само место
на Божјата волја.
Ова се поврзува и со останатите
библиски важни нешта.
На пример сцената
со заспаните апостоли во градината.
Сите знаат дека Тој можел
никогаш да не ги разбуди,
да им наметне тежина, дури и вина,
ако било потребно;
но, тие не останале да спијат под маслинките.
Ангелите рекле:
„Остави ги, потребни се за објаснувањето.“
А и за некои општожитејски работи;
да се подигне телото,
да се најдат мириси и масла
да се утешат жените
и се разбира да се затвори приказната
онака како што доликува.
Затоа, како посебно поглавје е изгрејсонцето
по кое сите ја знаеле работата.
Тој што требало да предаде со бакнеж
веќе го испазарил својот
емотивен влог во историјата.
Тој што требало да заборави (трипати),
го одбрал петелот
за соучесник во приказната.
(Петелот е одобрен директно од
Главната ветеринарна рајска станица,
како доказ дека на небото
има многу форми на живот,
а не само ангелски.)
Значи, сето она што го пишува
во Евангелијата
не се случило, туку-така,
само како демагогија
што морала да прерасне во доктрина.
Тоа е стратегија,
небото да ја задржи доминацијата
а луѓето стравот и славата во висината;
од можното појавување
на лутото лице на Бога пред нивните очи.

НА КРСТОТ

(приказна што морала да се случи)

Од страв, претстојниот петок,
да не биде прогласен за историски досаден
Пилат го прогласил
за ден на јавно распнување.
Затоа така морало да биде. Случајно никако.
Пред да започне крајот
нашиот Бог го побарал
предавникот да му прости
(Да ја исполни одлуката
на Рајскиот врховен комитет
за милост и добрина)
но благовремено бил информиран дека
тој веќе висел неповратно над Крвната нива.
(Имало обиди да се поништи бесењето на
Јуда
но тоа не го дозволил
лично Стариот. Објаснување,
како и секогаш со неговото присуство
во дејствието, нема.)
Пред да издиши младиот Бог се запрашал:
„дали е потребно тоа,
да те распнат за некој да верува во тебе? “

Но, прашањето
за малку ќе било протолкувано
како контрареволуција и затоа,
како такво, нема пишувана форма.
А кога се поставиле дилемите
за новото време
трпението на небото ги минало границите.
Дошло до големи временски промени,
неколку чуда се случиле во храмот
а рибите од тавата,
како доказ дека сè е можно,
од врелиот зејтин побегнале живи.
И се разбира следува динамиката
со завршниот, последен
удар на копјето под ребрата.
Потоа некој нареди крај на претставата.
Претпоставките и приказните
за тоа дали било така
сè уште ја движат рајската опозиција.

КРВАВАТА НИВА*

Кога Јуда ги фрли пред нивните нозе,
никој не помислуваше дека парите
можат да се мразат.
Од страв да не оживеат
и започнат со лоши дејанија,
тие, нарачателите на предавството,
со нив купија нива и ги закопаа лошите мисли.
Оттогаш таму никој не може да посее љубов.
Се обиделе со разни покајанија
но земјата никој не можел да ја разбуди.
Била мртва и ништо не одело;
звукот на болното сребро
бил посилен од желбата,
колку да се бегало не можело да се избега.
Тогаш решиле да и дадат значење
на бележана земја,
наменета за големи трагедии. За непознатите
и предавниците починка и гроб да имаат.

Така пазарниот пристап кон нештата со векови го одржува постоењето:
триесет парички за вистинско насочување на историјата.

*Хакелдама, или нивата на грнчарот. Нива што фарисеите ја купиле со30-те сребреници кои Јуда им ги вратил по предавството на Исус

ДОГОВОР ПРЕД РАСПЕТИЕТО

Не сакаше да ги исплаши,
го заврте лебот и започна да откинува
парчиња.
Им кажа кои се и што може да бидат.
Ја подаде чашата и ја покажа чинијата,
за Јуда да знае каде да макне.
И така се сврши.
Горчливото залче проголтано беше,
со замолба - да биде брзо.
Вечерата заврши со прашањето: „Зарем јас?“
Излегоа сите.
А растеше долгата ноќ;
дрвото за крстот го пронајде столарот и
сè тивко се случи.

ЗА СВЕТЛИНАТА

(дилеми)

Светлината не може да има лик
таа секогаш ќе биде убавина.

Со неа се спасува,
додека може нешто да се направи
со детството, со времето, со љубовта.

Таа секогаш е сè,
затоа пораката за неродените евангелисти
е едноставна:
следете ја и одете близу.

А кога ќе ја препознаете
бегајте од сликите,
бидејќи таа не е сликата,

таа е силата што слика.

ПОСЛАНИЕ

Дали сум крал? Нека кажат кралевите.
Ќе видите крвникот
рацете со вода ги плакне.
Верувајте во тоа. Така мора,
за утре вистината исплакната да биде.

Крстот мора да се носи.
Гледам и ќе знам
да видам кои биле, кои не,
и кои ќе бидат.
Нема ништо да прашам
ќе прашувате вие;
и тогаш кој има очи ќе гледа,
кој има уши ќе слуша.
Јас сум тука и ќе бидам секогаш.

ТРИТЕ КРАЛЕВИ

Додека народот
викаше: „Распни го, дај го арамијата.“
Тој повторно ги виде
истите од пештерата.
Не носеа сега подароци
туку објаснувања:
Првиот ја покажа
изгаснатата Витлеемска ѕвезда,
Вториот прочита фрагменти
од Искушението во пустината
а Третиот најжестоко
го негираше обвинението
на Словозналците пред изгонот од храмот.
Ги поздрави
и тие го примија најголемиот благослов
за нивното оцелување,
бидејќи 33 години се криеле во пустината
од проклетството на лошиот цар
за нестореното предавство.

МАГДАЛЕНА, ЖЕНА, А НЕ СВЕТИЦА!

Нејзиното спасение
има динамична линија.
Раката на Учителот
ја спаси од првиот камен -
бидејќи тие што требаше да фрлат
од грев беа поведени.
Таа, му се вети на Спасителот, (не како
жена),
туку како жена - човек предадена кон него
Тука гревот исчезнува
и започнува приказната за големите
Новозаветни љубовни сторенија.
Натаму е евангелски приказ,
дозирана фабула и расплет од различни
позиции.

ГОЛО ТЕЛО

(апокрифни маргини)

Вековните дилеми го криеле тоа
што морало да постои
а не смеело да се регистрира како вистина.
Прашањето е следното:
Ако Тој бил човек, а бил,
и во тоа се согласуваат сите,
тогаш надвор од неговото божество,
интересно е неговото однесување
кон слабостите човечки.
Посебно кон убавината и жената како
најголема победа на Креаторот,
во случајот како неоспорен библиски факт,
неговиот татко.
Дали Тој во своите 33 години,
(посебно во последните 3) живот
никогаш не се запрашал за чинот на страста
и големината на голотијата
која била единствена
пред каснувањето на јаболкото.
Постојат приказни разни
но вистината не смее да се дознае
а и нема кој да ја потврди.

Затоа ангелскиот целибат е
последното нешто
и сите оние жени
присутни во животот на Јагнето Божјо
се само жени - човеци,
(човечици, како што би рекол
нашиот Цепенков)
достојни потомци на Ева,
првата јаболкојадачка и мајка на сите живи.

ДА СЕ ДОПРАМ

„Јас сум духот на жената
која скришно се допре до силата негова.“

Знаев дека тоа е лекот
за силно да ја доживеам судбината
и секогаш верував во тоа.
Никогаш нема да заборавам:

Тој се заврте и рече:

„Жено, стани и оди, те спаси вербата твоја!“

ЗА ВОДАТА И ДЕМОНИТЕ

Да не беше Неговото присуство
Фатениот ќе беше само статистика.
Во него имаше најмалку еден демон
а тој не можеше да рипне во водата,
кога таа ќе затрепери, за да го удави.
Причина: пред кладенецот за давење демони,
секогаш беше навалица
и немаше кој да го турне во водата.
Учителот му нареди да стане
и заедно со патериците
да врви и молчи за стореното.
Но радоста беше поголема
и набргу целиот град,
познат како Градот на историјата
на спасението,
зборуваше за сувото давење
на демонот на Фатениот.

ПОСЛЕДНАТА ЧАША

На почетокот беа четири
и сите мораа да бидат испиени.
Вечерата започнала со првата
како беседа за Празникот и со голема молитва.
Потоа благословеното вино
се пиело од втората чаша
која морала со приказни да биде наполнета.
Претпоследната е порака до народите,
а последната
никако не можеше да го одмине,
Него, темелот на космосот
и расчленувачот на небата,
еден и сам - совршениот човек!

АДАМ И КРСТОТ

(демистификација)

Остарен и изморен да живее во грев
Адам реши да умре.
(930 години се доволна казна за гревот.)
Сит, како и секој исплашен син бараше спас.
Имајќи ја предвид големата биографија
на татка си побара совет
од рајските хроничари.
Но, еднаш речено засекогаш кажано.
Крајот беше тука.
Искрата надеж од таа безизлезица е
гестот на чуварот на Рајската градина,
кој од сентиментални причини кон Адама,
на Сита му дал три семки
од овошјето од забранетото дрво.
Синот семките ги ставил под јазикот на Тој
што од земја бил создаден.
Потоа Адам умрел смирен и уверен
дека човештвото сепак ќе биде спасено.

Но семките пораснале во големо дрво
од кое по илјадници години
еврејските столари
направиле крст наменет
за јавна елиминација на
осудените во Римската империја.
Креаторот Крстот го поставил во
центарот на светот. Под крстот лежел
закопаниот Адам
а на крстот висел вториот Адам
Синот Божји.
Така човештвото доживеало двојно спасение.
Прво Учителот со саможртвата
ја донел светлината
на вечниот живот,
а како второ, неговата крв што капела
во подножјето на крстот
директно врз черепот на Адам
и на него му донела спасение.

ДА, ЧУДА СЕКОГАШ ИМАЛО!

За да ги вратиш
и воспоставиш во побожност
се случуваа чуда и светости сами посебе.
Ти секогаш си бил недопирлив,
и тогаш кога силата го сопна коњот на Ирод
и кога дивите мачки
стоеа мирно пред снагата твоја.
И така требало да биде
и палмите да се свијат и смоквата да исуши.
Да се слуша морало.
Затоа и твоето паф со рацете ги оживеа
глинените птици
а дрвото се истегна како смола
за мерката таман да биде.
А сите гледаа како да не си
за утре први каменот да го фрлат.
Можеби имало чуда и пред Тебе
но такви не.
Зошто Ти не исчудудуваше,
Ти ги раѓаше повторно.

ХАОС ПОД ГОРАТА

(есеј за последната библиска збрка)

Пред Распетието
хаосот доживуваше земска прогресија.
Иако беше речено:
„На царот царското, на Бога божјото.“
тоа како декрет не се почитуваше многу.
Едноставно, вриеше од сили и спасенија,
па така Врховниот помисли
повторно да го разбуди Ное.
Но се сети дека вети тоа да не го прави.
Затоа го поништи Стариот сојуз
и го претстави Новото здружување
со народот негов.
(Тука Креаторот
покажал некарактеристично за Него
голема доза на сентименталност.)
Затоа ги пушти сами и чекаше
Римјаните да пресудат
и да расчистат со идолите,
Злеотите да создадат татковина
а Писмозналците да ги подготват пакостите
и обвиненијата.
Обичниот народ беше посебна приказна.

Ако немаше циркус
тој бараше чуда и војни како оправдување,
но и тоа не им беше доволно.
Од тоа време нема многу документи
за тоа како изгледал
главниот лик на реформата,
но за евиденција на хаост
се погрижиле властите.
Па така подоцна ќе видиме
дека Пилат бил елиминиран од Царот
за неговото „пилатско“ миење раце.

Тоа е земската состојба на оној четврток
пред да се случи најважната работа
на новото време, Распетието на Месијата.
Сите знаеме што се случило до вечерта.
сè до затворањето на гробот,
но во тој рајски извештај за земските состојби
нема многу објаснување за саботата.
Неделата е општопозната и воскресението
од тој ден добива историско присуство.
Кога веќе го споменавме Пилат

мора малку и да дообјасниме.
Историјата остава можност и за негова
позитивна димензија,
но хрониката е немилосрдна;
тој, како коавтор на тогашниот хаос,
бил обезглавен и фрлен во студено езеро.
Денес тоа се вика Мон Пилат
а тие што сè уште не веруваат
одвреме-навреме одат на неговите брегови
и чекаат водите
да ја исфрлат Исусовата туника
која била исткаена од едно парче.

ЗА СРЕБРЕНИЦИТЕ

(апокрифни маргини 2)

Тие не се само мотив за предавството
и купувањето на Крвната нива.
Во животот среброто има важна улога.
Овие 30 паричиња се историската валута
важна за житието.
Се јавуваат во мигот кога
Него, Неговата мајка и праведниот Јоспср.
при првото бегство,
ги сретнуваат арамии со силна решеност
да ги убијат.
Конфликтот е решен „дипломатски“
и историјата е откупена за тие сребреници.
По ова, ѕвечењето секогаш било тука.
Јуда бил само нивниот последен
и активен корисник.

А КАДЕ БЕШЕ ТОЛКУ ГОДИНИ?

(бегството од Ерусалим)

И навистина не пишува
каде беше толку години,
од изгонот во храмот,
па до почетокот на последните три.
Велат си бил во високите планини
за да видиш како водата
се тркала до пустината.
На едно место се кажува
дека си избегал од страв да не те оженат
и со тоа, твојата девственост
ја сторат уништувачка.
Многумина се обидуваат
тоа поинаку да го објаснат
но само Ти најдобро знаеш
каде си бил, со кого и зошто?
Има тука за објаснување работи,
многу важни за историјата на сомневањата
која сè уште убедува
дека не си бил цело време столар!?

МАРИЈА

И пред благословот
Таа беше најубава:
Избрана од ангели го роди Најголемиот,
без телострастие, како чин
на доживотна девственост.
Имаше 16 години,
го прифати Божјото провидение
светот да го погледне поинаку
и да му подари спасение.
Чекаше Јосиф да прогледа
и да ја стави неговата рака под раката на
Бога.
Тој го виде тоа.
Сега сè може да се случува.

ДА НЕ СЕ ЗАДОЦНИ

(извештај од раѓањето)

Додека се симнуваше (побргу од ѕвездата)
ангелот задолжен за евиденција
на такви епохални случувања,
застана за миг на второто небо.
Им нареди на службите
малку да ја успорат кометата.
да проверат дали животните што треба да
присуствуваат на раѓањето се проверени
од рајската служба за Чудни настани,
и се разбира да ја поттурнат историјата
поврзана со Империјата.
Местото е одбрано,
јаслите се доволно пристапни
и мистични, а околните присутни
одамна се известени за очекуваното.
Последната проверка беше со мудреците.
Нивниот психолошки профил задоволуваше
а Тајните ангелски здруженија
немаа ништо против
тие да ја понесат првата одговорност.

По овие формалности
ангелот ја забрза ѕвездата
и застана отстрана
за да биде присутен
и сигурен во доаѓањето на Месијата.
Тој се роди
и сите што не веруваа (а рекоа дека е така)
ги пратија да ја рашират радосната вест
горе и долу.
За да не се задоцни
и сите да бидат подготвени
за неговите 33 години
пред да каже „Consummatum est“.*
Ангелот го заведе раѓањето
и како обичен бирократ ги рашири крилјата.
Полета назад шептејќи тивко: „Започнува“.

*„Свршено е“; според Библијата последните

Христови зборови на крстот

СЕ РОДИ ДЕТЕ...

И тогаш
на местото таму,
љубовта стана легло.
Од радост
ноќта ја собра должината,
земјата ги отвори усните
и водата се врати во нив;
небото го слушаше здивот на Бога
и сите приказни можеа да започнат.
Се роди дете.

Книга трета
Историја на убавината

КОГА ГОСПОД ЈА СОЗДАДЕ ЖЕНАТА

Да ги заборавиме доктрините за реброто
и нејзиното машко потекло.
Тоа и како догма е претерано,
надвор од она што треба објаснување да биде.
Жената е создадена по раѓањето на убавината
и не може да биде - само човечица
на првиот човек;
за тој,
да не бил сам и да имал
со кого да го измисли гревот!
Нејзиниот почеток е совршенство
таа е историја на убавната;
затоа морала да биде изнедрена така,
како убаво и единствено божество
да сака
и да биде мајка на сите живи.

ЗА КОГО ВАКВО ТЕЛО?

(освојување на Рајот)

Адам остана без здив.
Откако змијата ја направи работата
а Стариот ја испушти клетвата
се најде гол зад смоквиниот лист.
Гледаше во Неа.
Таа беше првата убавина
и немаше смоква со толкава големина,
што би можела да ја скрие во Рајот.
Додека го слушаше гласот на прекорот.
за иднината и маките,
кои во името на убавината изречени беа, го
виде телото:
Се запраша: за кого Татко направил толку
убавина?
Но и Господ не се доискажа
само им го покажа патот во животот
со зборовите: „Нека биде!“
Прегрнати заминаа низ прашината,
да создаваат и да го оправдаат гревот.

ОД КАДЕ ТОЛКУ ЉУБОВ?

Работите околу Постанокот
се голема дискусија.
Ако не би биле оптимисти
со сигурност бн прераснале во догматици.
Според напишаното годините не се многу
за сè да се препушти на легендата.
Учењата на другите
се нова состојба на нашиот интерес.
Се согласуваме во едно:
Господ е господар на сè и Тој создал сè.

А дали имало нешто пред тоа,
и од каде толку љубов
во учењата за прародителите?
Кој ја создал, (љубовта) за да може таа,
како врховна димензија
(на гревот и простувањето),
првородена, веднаш зад зборот да биде?
Ако е Врховниот, тогаш мора да прашаме
од кого научил да сака?
За да се знае кој е и како е таму.

УБАВИТЕ ЕВРЕЈКИ ЈАДАТ СМОКВИ

Експресијата на оваа слика
е дополнително затемнување
на библиските голи места.
Станува збор за три коректно убави жени
кои страсно каснуваат
од плодовите на смоквата,
непосредно пред влезот во Ерусалим.
Тој што ги создавал, како уметничко дело,
направил совршенство
со црти на рајска убавина.
Толку се полни
што мислиш дека секој миг
може да избегаат од платното.
Зад нив свети патот кој треба да се изоди,
но тие се смирени во сладострастието.
За убавината не постои завет или закон,
тие самите се сè.

СЕКОГАШ БИЛО ТАКА

На пазарот имаше сè и сешто.
Целата империја со дребулии беше тука.
Тој пристигна да разубедува и воведува
во безгрешие и покајание.
Продавачите го покажуваа богохулието
и ситната ерес
која за одредена цена стануваше лечебна.
Го допираа и навредуваа
но имаше и такви кои не веруваа во тоа.
Тие само препродаваа за да живеат.
Тогаш застана пред тезгата
со грнци и керамики.
Му понудија лампи масленици и чаши за вино,
но Учителот
од купот печена земја
подигна една старогрчка вазна.
Сите се запрепастија,
во рацете на Спасителот.
се случуваше невозможно -
на вазната играа седум голи девојки.
Ги погледна
и кога сите очекуваа да ја стори прав и пепел
Тој ја врати на старото место;
се сврте кон учениците и рече:
„Господ е убав и ја сака убавината!“

МАРИЈА ОД МАГДАЛА

Ги собра колената,
се прекри со косата
и испрати солза во прашината;
како знак дека доаѓа.
Се покаја за сите страсти и дејанија
од разни мажи побарани,
се сети на моминството
и како сакаше поинаку да биде;
а имаше многу;
и убавина и верба.
И во времето кога ударот беше близу
го чу гласот кој пресуди за сè,
а повикуваше да судат тие
кои никогаш немале грев.
И гледај - штама
камењата во рацете станаа сол
а зборовите во устата камен.
Се повлекоа
а таа, Марија од Магдала
зачекори во новиот живот.
И никој повеќе не прашуваше
за гревот.

ШТО ПОТОА?

По овој пресуден чин
имало многу грешенија
и уште толку Магдалени.
Општото присуство на името
сскогаш на овие жени
им давало посебно значење.
Разни профили,
моќни жени, престолонаследнички
и се разбира, такви кои не биле тоа.
Тие секогаш го прераскажувале
поглавјето од Новиот сојуз на Бога со луѓето,
поврзан со каменувањето.
Така гревот, оној сладострасниот,
нашол сонствено ослободување.
Но само една
со грев го победила гревот.
Таа од Магдала.

ЦАРСКА УБАВИНА

(почеток на страста)

Пред распетието
Шефот не можеше да заспие.
Сите престоли беа празни
и Рајското население чекаше што ќе се случи.
Господ се реши на специјални методи,
за да ја провери уште еднаш
Неговата решителност
и подготвеноста на останатите
тоа да го сторат.
Затоа нареди, Одделението
за злоупотреба на љубовта,
во телото на три Галилејки
да испрати ангели кои ќе се обидат Пилата
да го пишманат во одлуката.
Владетелот не бил изненаден
од нивното присуство во леглото,
туку од барањето да го ослободи Човекот.

Можеби и ќе попуштел
но се посомневал во подметнувањето,
толку често присутно во Империјата.
Затоа искушението
го разбрал како подарок,
царска убавина од која не се бега.
Така го оправдал своето постоење,
почетокот на христијанството
и не ја сменил историјата.
Потоа рекол : „Ecce homo“*
незнаејќи дека кажал : „Ecce christianus“.**

* „Еве го човекот“

**„Еве го христијанинот“

НЕЈЗИНИТЕ МЛАДИ СТАПАЛА

(тајнопис, запознавање на Голотијата)

Во бркотница на утрешното распетие
најмладиот од учениците
го виде тоа од кое се плашеше најмногу.
Убавината го заслепи
а немаше кој тоа да го објасни.
Ереста беше чудна, но реална.
Се прикрадна под прозорецот на Фарисеот
и виде како водата
се лизга низ телото на ќерка му.
Не знаеше дали светлината
или некоја друга рака ги гали белините,
но беше немоќен кога виде како
нејзините млади стапала излегуваат од водата.

Потоа гледаше во двете срнички
и ја разбра „Песната над песните“;
сакаше да подаде рака,
да и ги забрише рамениците,
но петелот веќе го најави предавството.

Занеме кога гледаше
како телото со мирисни масла мачкано беше
Траеше цела вечност.
Тој сè уште беше човек,
можеше да ја фрли туниката и
да влезе во историјата на убавината.
Знаеше, го очекува
од денот кога нејзината постара сестра
на Учителот нозете
ги бришеше со косите свои.
Но го остави тој живот
иако не знаеше каков е!

ГОЛИТЕ НОЗЕ ГРОЗЈЕТО ГО ГМЕЧАТ

Библиската технологија на правење вино
не може да избега од еротиката.
Апостолите на почетокот беа луѓе
а Учителот се препознава како Син човечки.
Ако е така - разумот налага
здраво размислување. Сликата е следна:
Дванаесет мажи
доаѓаат во домот на лозарот.
Тој избезумен од среќа
ги понудува со младо вино.
Сите се одушевени од убавината.
Тогаш најстариот погледнува од прозорецот
и гледа како керќите на лозарот
со здигнати здолништа
го гмечат гројзето и прават вино.
Тоа го видоа сите
и нивните голи колена
ги исполнија со светлина.
Колку и да се спротивставуваме на ова,
во тоа време
единствен начин да се произведе убаво вино
биле женските нозе.

СЕ’ ЗА ЕДНА ЖЕНА

Младиот војник ја продаде татковата нива.
купи стадо кози
и се пресели во долината.
Беше сам. Посака да има
своја човечица.
Господ го слушна
и го испрати надвор од градот,
на пазарот на робовите.
На каменот беше изложена жената.
Се зачуди, сонот го гледаше тука,
окован во ланци и гол за подбишега.
Почна ценкањето библиско
и исто како кога Лот бараше толку добри луѓе,
тој гледаше многу лоши.
Ја пипаа како добиче
и ги гледаа забите и нудеа малку.
Тогаш замавна со камшикот и пресече -
за неа понуди сè.
Си го купи сонот
а можеше да има повеќе.
Потоа волјата ги врати дома
да бидат едно.

ЦРНАТА СЛЕДБЕНИЧКА

Секогаш не била таква -
стара црна жена што очекува чуда.
Некогаш беше цветотот на племето
и и нудеа злато и бисерје
за црното азно во себе што го носеше.
Еден ден ја продадоа за стадо камили
и мораше да оди преку жолтата песок.
Изроди многу мулати
и кога и мина времето, ја зборавија.
Го слушаше говорот на гората,
касна од разделената риба
и појде по останатите.
Виде дека зборот нема ни ланци ни боја.

ОД КАРПАТА

Застана на брегот.
Ја гледаше гората како на дланка,
не можеше да се изначуди
на нејзината убавина.
Тогаш згасна светлината и зеленото стана
сиво.
Не прашуваше кој ја симна убавината, туку
зошто?
Погледна во прашината,
низ неа минуваа седум девојки.
На лицата им пишуваше
дека патуваат од далеку.
Најубавата погледна кон него
и кажа лош збор за почетокот.
Учителот ја погледна и и прости.
Убавината победи.

ВЉУБЕНИ АПОСТОЛИ

Ги гледам,
тој поглед го има на секоја слика;
вљубени очи и фрсскописна љубов.
Тој што ги создавал како одраз на ѕидот
знаел дека четката
не може да го сокрие тоа.
Како да сакал да прости
а не знаел каде е згрешено.

ИСТОРИЈА НА УБАВИНАТА

Вистинското воспитување
со сигурност не дозволува
за некои работи да размислуваме така.
Границата на ереста е невидлива
и можеби за убавината
не треба вака да се пишува,
бидејќи таа, сепак е Божјо дело.
Но, ако не било така. како ќе знаевме
колку војни се воделе за неа,
и кој ли сè плачел по зборот
да ја опише таква каква што е?
Животот е неразделен од неа,
во спротивно-грдото би господарело;
ние би биле изместени естетичари
и верувањето не би било тоа што е.

На фреските леснотијата ја нарисувала,
лицето секогаш и било совршено;
и тогаш кога се случи Благовестието
и кога засвети пештерата.
Затоа и царот еднаш наредил да сопре;
но кој да ја фати,
да ја затвори и стави во окови,
за да ја има само за себе?

ПО ПАТОТ

Викаат,
како по арлекин кон врвот што оди.
Го слушаш џганот што реви:
„Спаси се, каде е татко ти? Нели си крал?“
Знаеш,
пророштвото доаѓа по пророкот свој
и зошто рамнодушен да не си;
наскоро мртов за првпат ќе бидеш.
Денес чуда нема да има.
Ангелот вели: „Така е, сите тоа не чека,
силата е жртвувањето,
за останатото објаснување ќе добиеш горе!
И гледај часот е тука.
Поинаку не можеме да замислиме:
Симон го довлечка Крстот,
жените се скршени од тага
а војниците готови за пир.
Ти имаш трнов венец врз својата глава.
Сè е подготвено.

НА КРАЈОТ

Ги погледна луѓето.
Беа сами и сакаа порака
но железото удри и коската крцна.
„Одам, од сега Сојузот
ќе биде во пишуван облик.“
Потоа небото го бакна последниот збор
и сè се смири.
Останаа Тој и луѓето што му припаѓаат Нему,
Христијаните.

КУСА МОЛИТВА ЗА КРАЈ

Прости за зборовите.
Ги напишав
зошто верувам во убавината и кажаното.
Дај ми сила да издржам
да можам и натаму да бидам Твој.
Јас, грешникот, што верува и пишува.

Небесниот и земниот дијалог со Бога
(Поговор
од Данило Коцевски)

Во целокупното досегашно творештво на Братислав Ташковски се провлекуваше една константна тематско-мотивска нишка за смислата на човековото себеизнаоѓање во дијалог со просветлувачкиот блесок на небесното и Создателот, но и она што значи земна човекова егзистенција. Во книгата „Бегството од Ерусалим“ таа релација посебно е нагласена во еден стегнат и цизелиран поетско-метафорички изблик кој оваа книга ја прави особена во творештвото на овој автор. Книгата е поделена на три циклуса всушност три книги: книга прва - „Во храмот“, книга втора - „Бегството од Ерусалим“ и книга трета - „Историја за убавината“. Во сите три книги освен запрашаноста на човекот за просветлувачкиот однос меѓу светлината на верувањето и сомнежот, меѓу догмата и нејзиното преиспитување, присутни се и темите и симболите на кои Ташковски им даде особен печат во нашата современа поезија: љубовта, жената, убавината, еросот, сонот, зборот.

Едно од основните прашања кое го поставува оваа поетска книга е следното: „Може ли да постои темелен сомнеж во светот кој го создал Творецот“? Прашање секогаш одново поставувано од поети, но и херменевти на поезијата. Да се сомневаме не значи дека потоа нема да веруваме (случајот со возвишеното просветлување на апостол Павле).

Сепак, земното и небеското да бидат во постојан дијалог и да се преиспитуваат е пркос кон догмата, а истовремено и смел обид да се ѕирне зад неа, да се види другата страна на нештата. Судирот меѓу човечкото и божественото не е само судир на верувањето или неверувањето туку на кој начин тие две природи да ги помириме кога земното ќе започне да чекори вистински или само навидум по патишта на гревот а тоа значи фасцинација со овоземната убавина, жената, материјалните добра. Ташковски сите овие противречности ги изострува до максимум, ставајќи ги често небесните нешта во земен контекст, за да може да ја анализира таа драма на гревот иницирана од човековите слабости и опсервација на секојдневието.

Ниту оваа поезија ниту било која друга може да даде децидни заклучоци на оваа тема. Но, книгата „Бегството од Ерусалим“ е една од најдобрите досега напишани кај нас која поетски суптилно и луцидно ја слика оваа драма. Токму затоа и мотото е земено од познатата книга на Мигел де Унамуно „Агонијата на христијанството“: „Што е пострашно за душата, да не може да биде љубена или да не може да љуби“? Или уште повеќе, поетот поставува прашања кои не можат да завршат со аподиктичен одговор, но затоа навлегуваат во суштината на човековиот однос кон светот, убавината, гревот, љубовта и Бога:

Посакав младо сонце врз усните мои.
Ако ме казниш,
Како да ја разберам убавината што си ја
Создал?

(„За гревовите“)

Љубовта во оваа поезија е дисперзирана на повеќе нивоа, таа е Божјо просветлување и земна немирна страст, но не постои љубов таму каде што го нема зборот. Зборот за љубовта и љубовта кон зборот се Негова инкарнација, зашто пишувањето е возвишување и прокоба: „куќа од зборови“, „многу мастило низ собите“, „мебел од хартија“, „Јас пишувам со благослов/ со порака од ангел на ангелски јазик“. Во речиси секој од овие стихови доаѓа на показ поетовата интенција да ја проблематизира, но и поетски вешто да ја иронизира, преиспитува земната и небеската хиерархија. Притоа, само одсебе се наметнува прашањето: ако поетот не се одважи на ваков начин да го чита светото и профаното, тогаш во што би била смислата на неговото постоење?

Преиспитувањето и иронизирањето е грч, напор да се измери, но и да се изнајде „сопственото сопство“ во однос на Божјата промисла за човекот и гревот. Можеби „човекот е мал во храмот“ и тој знае дека никогаш нема да биде светец, но тоа не го спречува достоинствепо да ги открие своите слабости, честопати убеден дека од земното не може да се избега како што не може да се избега од гревот. А и тие се дел од хиерархијата промислена од Богочовекот кој токму заради гревот и избавувањето од него ја прави саможртвата.

Од овој аспект, секое промнслување и проблематизирање на гревот и страста, можеби е секогаш нов обид да ја избришеме сопствената вина и повторно „дрско“ да бараме оправдување за бездните на сетилноста, убавината, земното и телесното? Можеби. Стиховите од книгата „Бегството од Ерусалим“ од Братислав Ташковски продлабочено и сложено ги поставуваат сите овие прашања, без да дадат конечен и единствен одговор, што впрочем е невозможно.

Поетската опсервација и целата тематика во оваа книга се движат во неколку главни насоки: од историското и библиското до современото, од земното и профаното до светото и небеското. Иронијата и самоиронијата произлегуваат од „профаните“ опсервации на современоста. Тие се во функција бројните споредби да се доведат до апсурд преку еден отворен и директен говор.

„Канцеларијата на Врховниот беше празна“, „небесната бирократија е иста како земската“, „пазарниот пристап кон нештата“, итн. Апсурдот кој доаѓа од намерното „осовременување на земното и небеското“ е всушност и парадигма на празнотијата и изгубеноста во која често запаѓа (пост)модерниот човек:

Канцеларијата на Врховниот беше празна.
Ангелите користеа продолжен викенд
А небото беше збунето од тоа што се
случува долу.

(„Хаос на небото“)

Во последниот циклус „Историјата на убавината“ авторот повторно ја разоткрива својата опсесивна тема за убавината и жената, следејќи ја комплексно низ историските, библиските и современите парадигми, сè до стиховите со сензуално-еротски набој исто така карактеристични за неговото творештво:

Нејзиниот почеток е совршенство
таа е историја на убавината;
затоа морала да биде изнедрена така,
како убаво и единствено божество
да сака и да биде мајка на сите живи

(„Кога Господ ја создаде жената“)

Книгата „Бегството од Ерусалим“ главно ги користи библиските мотиви кон биле присутни и во другите книги поезија на Братислав Ташковски. Но, на она што претходно беше само во сегменти, овде му се отстапува централно место: Библијата е „почеток и крај“ за сите срундаментални прашања сврзани со човековото постоење, истовремено, преку една поетска транспозиција, таа отвора можности за нови прашања, трагања, дијалози, фрлајќи продлабочена светлина токму врз тоа постоење.

Во овие нови песни на Ташковски се чувствува нагласена цизелираност на стихот, негова стегнатост и елиптичност како резултат на повеќегодишното искуство кое во оваа книга нагласено прераснува во поетско мајсторство. Претходното користење на колоквијалниот говор и „секојдневната“ фраза овде се остварени со забележителен усет за мера во поетскиот говор, како во формално-јазичкото градење, така и во семантичките и стилските нивоа на песната. Затоа, книгата „Бегството од Ерусалим“ можеме да ја означиме како едно од достоинствата на поновата македонска поезија.

Биографски податоци

Братислав Ташковски, поет, раскажувач и публицист. Роден е на 11 септември 1960 година во Скопје. Студирал новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на дванаесет книги поезија и на книгата есеи „Линија на усвитеност“.

Добитник е на наградите „Студентски збор“ (1987), „Млад борец“ (1989), „Браќа Миладиновци“ (2006) и на „Државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката“ за 2000 година.

Од 1999 до 2002 година бил претседател на Управниот одбор на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Застапуван е во антологиски и панорамски избори од македонската поезија. Делови од неговата поезија се преведени на англиски, француски, руски, турски, словенечки, хрватски, бугарски, српски, албански, полски, шпански и русински јазик.

Објавени книги поезија: Прсти во облаците, КММ (1987), Бикови во мојот крвоток, Наша книга (1989), Опасна хартија, Македонска книга (1991), Ангелот и жедната муза, Македонска книга (1994), Демоника, Независни писатели на Македонија (1997), Мојот кинески меч, Наше дело (2001), Дом над домовите, избор од поезијата, Наше дело (2002), Попладнето на еден оптимист, Матица Македонска (2003), Песни на минатиот век, Макавеј (2004), Гола земја, Макавеј (2005), Големата љубовна песна, Макавеј (2006), Бегството од Ерусалим, Улис (2007).

УЛИС, 2007, Скопје

На Растку објављено: 2008-03-26
Датум последње измене: 2008-03-27 21:10:31
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија