Светители на раната Црква

1. Свети маченици Прокес и Мартинијан

24 април

Овие свети маченици најнапред беа незнабожци и надзорници на Мамертинската темница во Рим. Во таа темница заради проповедање на христијанството беа затворени светите апостоли Петар и Павле. Гледајќи ги чудата коишто апостолите ги правеа во темницата, Прокес и Мартинијан поверуваа во Христа. А кога апостол Петар после молитвата нацрта крст на Тарпејската карпа и изведе вода од неа, тие се крстија како и сите останати затвореници во темницата кои беа 47 на број. Откако поверуваа во Христа и примија Крштение, Прокес и Мартинијан ги ослободија светите апостоли од темницата.

Апостолите излегоа од Рим, но на Петар кога одеше по патот за Рим му се јави Господ. „Каде одиш Господи?“, Го праша Петар. А Господ му одговори дека оди во Рим за да биде повторно распнат. Апостолите посрамени се вратија во Рим, каде што беа фатени и убиени. Меѓутоа, на началникот на Прокес и на Мартинијан, Павлин, му беше јавено дека тие сега се христијани. Павлин ги повика кaj себе и почна да ги советува да го напуштат христијанството, но кога тие одбија и похулија на идолите, Павлин нареди да ги бијат по устите. Потоа, многу и упорно ги наговараа да се откажат од Христа, но тие останаа цврсти во својата вера. Затоа ги обесија на мачилишно дрво, па жестоко ги стругаа со справи за мачење и со оган ги палеа. Но светите маченици јуначки ги поднесуваа страдањата, при што ги храбреше и тешеше една Римјанка Луцина. Меѓутоа, казна Божја набрзо го стигна безбожниот мачител Павлин. Кога Павлин издаде наредба да бидат мачени овие двајца христијани, тој во истот час беше казнет од Бога: го изгуби левото око и мачен од зол дух, умре по три дена. Павлиновиот син отиде кај градоначалникот на Рим и побара Прокес и Мартинијан да бидат посечени, што потоа и се случи. Чесните тела ги погреба Луцина. Овие свети маченици пострадаа во втората половина од првиот век. Светите мошти сега се наоѓаат во црквата на свети апостол Петар во Рим. 

2. Свети папа римски Маркел и останатите со него

20 јуни

Свети Маркел по потекло беше Римјанин. После светиот маченик Маркелин тој стапи на престолот на Римската Црква и остана на тоа место пет години и шест месеци за време на незнабожечките цареви Диоклецијан, Максимијан Херкул, Максимијан Галериј и Максенициј. Во тоа време во Рим се случуваше следното: царот Максимијан Херкул сакајќи да му угоди на царот Диоклецијан, почна во негова чест во Рим да ѕида камени бањи т.н. терми. Пронаоѓајќи меѓу римските војници многу христијани Максимијан им го одзеде војничкиот чин и ги осуди на  работа: едни правеа цигли, други вар, а трети копаа земја и носеа камен за ѕидање на бањите. А тоа го правеше за да ги исплаши христијаните во Рим бидејќи знаеше дека многумина Римјани, не само простиот народ, туку и високородните ја држат христијанска вера, иако не отворено. Во тоа време во Рим живееше еден богат и честит христијанин по име Трасон. Гледајќи дека христијаните се мачат на тешката работа и изнемоштуваат од глад тој почна тајно да им служи со својот имот. Избирајќи за таа работа четворица богобојазливи мажи, Сисиниј, Киријак, Смарагд и Ларгиј, тој преку нив им помагаше на христијаните со храна, со облека и со сѐ останато што е потребно. Кога за тоа дозна блажениот папа Маркел многу се израдува заради големата милостиња кон овие свети луѓе, и ги повика кај себе. Дознавајќи од нив сѐ за Трасоновата дарежливост Маркел му благодареше многу, а Сисиниј и Киријак ги постави за ѓакони на Римската Црква. Во една ноќ кога овие двајца ѓакони на своите плеќи им носеа храна на светите маченици, ги фатија безбожните идолопоклоници и ги фрлија во темница, а потоа го известија за нив царот Максимијан. Царот ги осуди на истата работа што ја извршуваа и останатите христијани и тие им се придружија на оние кои носеа песок за ѕидање на камените бањи. Меѓу тие христијани имаше еден човек по име Сатурнин кој заради својата старост не беше во состојба да го носи товарот којшто му беше одреден. Блажените ѓакони Сисиниј и Киријак му помагаа на старецот исполнувајќи ја не само нивната работа туку и работата на другите, а притоа непрестајно го славеа Бога. За сето тоа од стражарите беше известен царот. Царот нареди да му го доведат Сисиниј, кого го фрли во темница. Таму свети Сисиниј помина 17 дена, а потоа светиот ѓакон беше изведен најпрвин пред старешината на темничката стража Апронијан. Гледајќи во светиот маченик, Апронијан виде дека неговото лице е осветлено со чудесна светлина од небото, а го слушна и гласот којшто зборуваше: „Дојдете благословени од Мојот Отец; примете го царството приготвено за вас од почетокот на светот“ (Мат. 25, 34). Исплашен Апронијан падна пред нозете на свети Сисиниј велејќи: „Те заколнувам во името на Христа Кого што Го исповедаш, веднаш да ме крстиш и да ме направиш заедничар на твојот венец.“ Веднаш донесоа вода. Светиот ѓакон Сисиниј кажа огласителни молитви над Апронијан, ја благослови водата, а потоа му рече на Апронијан соблечен да влезе во сад наполнет со вода и го праша: „Веруваш ли во Семоќниот Бог Отец и во Единородниот Син Негов и во Светиот Дух?“ Тој одговори: „Верувам“. На тоа свети Сисиниј изговори: „Нека те просвети Отецот и Синот и Светиот Дух“. Потоа го изведе од водата. Свети Сисиниј го одведе новокрстениот Апронијан кај светиот папа Маркел. Папата го помажа новопросветениот со свето Миро, отслужи света Литургија на која што со Пречистото Тело и Крвта на нашиот Господ Исус Христос ги причести двајцата, Сисиниј и Апронијан и присутните христијани. Истиот ден попладнето свети Сисиниј беше повикан пред епархот Лаудикиј. Со Сисиниј дојде и старешината на темничката стража блажениот Апронијан, новопросветениот слуга Христов. Доаѓајќи кај епархот Апронијан гласно извика: „Зошто ѓаволот ве подига на слугите Божји и толку зло им причинувате на невините?“ Зачудувајќи се на таквите зборови на Апронијан епархот му рече: „Гледам дека и ти стана христијанин.“ Блажен Апронијан одговори: „Тешко на мене што ги упропастив своите денови во незнабожството не знаејќи досега за вистинскиот Бог.“ Тогаш епархот нареди да му ја отсечат главата. Свети Апронијан беше изведен надвор од градот и пострада маченички посечен со меч.

Светиот ѓакон Сисиниј и старецот Сатурнин беа фрлени во темница. Додека беа во темницата кај нив доаѓаа многумина незнабожци и се крштеваа без страв. Но после 40 дена епархот дозна за тоа и нареди сите да бидат изведени на суд. Најпрвин пред трибунот беа изведени старецот Сатурнин и ѓаконот Сисиниј. Беа принудувани да им принесат жртви на идолите, на што старецот Сатурнин рече: „Господ нека ги сотре идолите незнабожечки!“ И во истиот час железните троношци со вжештени јаглиња се разлеаја како вода. Гледајќи го тоа двајца војници Папиј и Мавр гласно извикаа: „Навистина е вистинит Бог Господ Исус Христос, Кого Го почитуваат Сисиниј и Сатурнин.“ Разгневен епархот нареди светите маченици Сатурнин и Сисиниј да бидат обесени на дрво и да ги тепаат со жили и со чворести стапови. Мачениците говореа: „Ти благодариме, Господи Исусе Христе, што нѐ удостои да бидеме пријатели на твоите слуги кои пострадаа заради Тебе.“  

Гледајќи ги овие страдања војниците Папиј и Мавр се побунија против епархот, но, тој нареди да ги бијат со камења по устата. Потоа, ги фрлија во темница. Во исто време епархот на своите слуги им нареди да ги горат со свеќи Сисиниј и Сатурнин коишто беа закачени на мачилишното дрво. Но, мачениците трпејќи ги овие маки со светли лица Му благодареа на Бога. Истиот ден епархот им изрече смртна пресуда. Сисиниј и Сатурнин беа изведени надвор од градот и со меч посечени. Благочестивиот маж Трасон, заедно со презвитерот Јован ги зеде телата на светите маченици и ги погреба на својот имот. А војниците Папиј и Мавр седејќи во темница Му се молеа на Господ Исус Христос посакувајќи да бидат крстени во Неговото име. Во тој час излегоа од темницата низ отворена врата при што никој не ги задржа. И доаѓајќи кај светиот папа Маркел примија од него свето Крштение. По Крштението самите се пријавија кај војниците коишто ги бараа, а војниците ги одведоа кај епархот. Епархот се обидуваше со ласкања да ги наговори да им принесат жртва на идолите на што свети Папиј одговори: „Ти принеси им жртва, ако сакаш вечно да се мачиш.“ Тогаш епархот нареди мачениците да бидат безмилосно биени, а тие трпејќи ги маките не изговараа ништо освен ова: „Господи Исусе Христе, помогни им на Твоите слуги.“ Бидејќи долго беа биени ги предадоа своите души на Господ.

А презвитерот Јован по наредба на светиот папа Маркел ноќе ги зеде нивните тела и чесно ги погреба кај гробот на светите маченици Сисиниј и Сатурнин. Блажениот ѓакон Киријак којшто со многубројни христијани беше затворен во темница, а дење работеше тешка работа на ѕидање терми, имаше дар од Бога да исцелува болести. И многумина доаѓаа кај него и ги донесуваа своите болни коишто свети Киријак ги исцелуваше со молитва. И така по неговите молитви слепи прогледуваа, болни оздравуваа и бесови се изгонуваа.

Царот Диоклецијан имаше ќерка по име Артемија. Таа полуде и беше мачена од нечист дух. Дознавајќи за тоа царот Диоклецијан многу се натажи и од тага не можеше да јаде. А кога дојде кај својата ќерка бесот повика низ нејзиниата уста: „Јас нема да излезам одовде и никој не може да ме изгони освен ѓаконот Киријак.“ Диоклецијан веднаш нареди да го пронајдат ѓаконот Киријак. Така ѓаконот Киријак беше изведен пред царот со своите другари Смарагд и Ларгиј. Царот го молеше да дојде кај неговата ќерка и да ја исцели. Влегувајќи во одајата на царевата ќерка свети Киријак му се обрати на нечистиот дух којшто ја мачеше: „Во името на нашиот Господ Исус Христос, ти наредувам излези од оваа девојка.“ Бесот одговори низ нејзината уста: „Ако сакаш да излезам од неа дај ми некое друго место на коешто ќе можам да престојувам.“ Свети Киријак одговори: „Еве ти го моето тело, ако можеш влези во него.“ На тоа бесот возврати: „Во твоето тело не можам да влезам бидејќи е од секаде затворено и запечатено.“ Тогаш свети Киријак му кажа: „Во името на нашиот Господ Исус Христос Распнатиот, излези од оваа девојка за таа да биде чист сад за служење на Светиот Дух.“ А нечистиот дух извика велејќи: „О, Киријак! Ако ме изгониш одовде јас ќе направам ти да бидеш пратен во Персија.“ Велејќи го ова нечистиот дух излезе. Девицата Артемија, ослободувајќи се од насилството на демонот, му кажа на Светителот: „Те преколнувам, заради Господ Когошто Го исповедаш, крсти ме, бидејќи јас одалеку Го наѕирам Господ, Когошто ти Го исповедаш.“ Овде стоеше и мајката на Артемија, царицата Сирена. Таа се исполни со двојна радост: заради исцелување на својата ќерка и заради силата Христова, бидејќи таа беша потајна христијанка. И откако подготвија вода утредента скришно од царот Диоклецијан ја крстија девицата Артемија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Од тоа време царот Диоклецијан беше благонаклон кон свети Киријак и кон неговите другари Смарагд и Ларгиј на коишто им подари слобода и им даде дом во Рим блиску до своите терми и им вети спокоен живот. А царицата Сирена ја поучуваше својата ќерка со сето срце да Го љуби Христа и верно да го исполнува Неговиот закон. По кратко време Диоклецијан доби писмо од персијскиот цар во коешто персијскиот цар го молеше царот Диоклецијан да му го прати ѓаконот Киријак бидејќи неговата ќерка беше обземена од демон којшто низ нејзината уста говореше: „Никој не може да ме истера освен римскиот ѓакон Киријак.“ Царот Диоклецијан ѝ кажа на својата сопруга, царицата Сирена, да го повика Киријак и да го замоли да отпатува во Персија кај демонизираната царева ќерка. И свети Киријак беше повикан кај царицата. Запознаен со писмото од Персија тој рече: „Во името на мојот Господ Исус Христос ќе отпатувам неизоставно.“ Подготвен и снабден од царицата со сѐ што му беше потребно за пат, светиот Киријак тргна во Персија заедно со своите другари Смарагд и Ларгиј. Кога пристигна во Персија и кога дојде кај демонизираната царева ќерка, ѓаволот низ нејзината уста извика: „Што велиш, Киријак? Нели те натерав да поминеш толкав пат до тука како што и ти ветив?“ Светителот одговори: „Со помош на мојот Владика Господ Исус Христос, јас дојдов овде за тебе да те изгонам одовде. Затоа во името на Господ Исус Христос ти наредувам нечист духу, излези од оваа девојка и повеќе не се враќај во неа.“ Бесот на тоа одговори: „Ама ти си изморен од патот Киријак, па треба најпрвин да се одмориш.“ Светителот одговори: „Со помош на мојот Бог Којшто сѐ устројува јас не чувствувам замор.“ Бесот продолжи: „Сепак јас што посакав тоа и направив, ти ветив дека ќе те натерам да дојдеш во Персија и, ете, ти дојде.“ Светителот одговори: „Не можеш ти, беднику, да правиш тоа што сакаш, туку тоа што ти допушта Создателот наш.“        

Тогаш бесот почна да ја мачи девојката. А светиот ѓакон падна ничкум на земја и со солзи Му се молеше на Бога. Меѓутоа, бесот викаше кон Светителот: „Ако ме изгониш одовде, дај ми тогаш место каде да појдам.“ Светителот му одговори: „Никаде нема место за тебе во Божјото создание, бидејќи од секаде те изгони непобедливата и семоќна сила на мојот Господ Исус Христос.“ И ѓаволот веднаш излезе од девојката и бегајќи го исполнуваше воздухот со лелекање: „О, колку е страшно името кое ме изгони!“ Во истиот час девојката оздраве. Се викаше Јовија. Таа поверува во Христос и се крсти. Во Христа поверуваа и се крстија многумина од царевиот дом, околу 400 души. Персискиот цар нудеше разни дарови на светиот Киријак, но тој не зеде ништо останувајќи задоволен само со леб и со вода. Бидејќи помина во Персија 45 дена, тој тргна оттаму носејќи со себе благодарно писмо на персијскиот цар упатено до царот Диоклецијан коешто тој чесно го прими. А царицата Сирена, нејзината ќерка Артемија многу се радуваа на враќањето на Киријак. Брзо потоа Диоклецијан отпатува од Рим на Исток. 

Максимијан Галериј којшто беше женет за постарата ќерка на Диоклецијан, Валерија, дојде во Рим и почна да ги гони и да ги убива христијаните. Тогаш беше фатен и светиот ѓакон Киријак. Царот Максимијан Галериј беше многу лут на светиот Киријак затоа што Артемија ја приведе во христијанската вера и го фрли во темница заедно со неговите другари Смарагд и Ларгиј. Каде и да одеше мачителот наредуваше пред неговата кола да го водат светиот Киријак соблечен и окован во железни вериги. Тој тоа го правеше за да ги заплаши христијаните. Еднаш, кога мачителот одеше некаде, светиот папа Маркел го сретна, па го праша: „Зошто ги убиваш слугите Божји коишто се молат за твоето царство?“ Разгневен Максимијан нареди светиот Маркел да го бијат со стапови, а потоа го осуди да чува стока. Така светиот папа Маркел беше осуден да чува стока, а стражарите внимаваа на него за тој ревносно да ја извршува својата работа. А светиот Киријак со неговите другари беше предаден на намесникот Карпасиј, на којшто царот му нареди со мачење да ги принуди да им принесат жртва на идолите. Карпасиј најпрвин ги фрли во темница, а потоа ги извдеде пред суд светите маченици: ѓаконот Киријак, неговите другари Смарагд и Ларгиј и Крискентијан којшто исто така беше во темница заради Христа. Кога Карпасиј ги запраша зошто не сакаат да им принесат жртва на идолите, тие му одговорија: „Ние се принесуваме самите себе на жртва на живиот Бог Исус Христос.“ Тогаш Карпасиј истури врела смола на главата на свети Киријак, а тој го славеше Бога велејќи: „Слава Ти Господи што нѐ удостои нас, Твоите слуги да влеземе низ вратата на Царството Небесно.“ Свети Крискентијан беше соблечен и обесен на дрво, биен со жили и стапови, стружен со железа и горен со оган. Во овие маки светиот маченик Крискентијан му благодареше на Бога и така го предаде својот дух. Мачителот нареди неговото тело да се фрли на кучињата, а останатите маченици повторно беа фрлени во темница. Но, презвитерот Јован ноќе го зеде телото на светиот маченик и чесно го погреба до спомнатите маченици. Неколку дена потоа свети Киријак повторно беше изведен на суд и бидејќи не сакаше да принесе жртва на идолите повторно беше мачен, овој пат како и светиот Крискентијан. Трпејќи ги овие маки маченикот Христов извикуваше: „Помилуј ме грешниот, Господи мој Исусе Христе. Слава Тебе, Сине Божји.“ Кога виде дека со никакви маки не може да го принуди на жртвопринесување, намесникот Карпасиј нареди да престанат да го мачат, а сам отиде и го извести царот за сѐ во врска со Киријак и со останатите маченици. Царот нареди да се предадат на смрт и Киријак и сите што беа заедно со него во темница, а тие беа околу 20 души. Изведени надвор од градот сите беа со меч посечени. Ноќе презвитерот Јован со неколку христијани ги собраа телата на светите маченици и ги погреба на истото место со останатите маченици за Христа. Во исто време беше мачена и за Христа убиена и блажената Артемија којашто тогаш беше во Рим.

          После посекувањето на свети Киријак и останатите со него, намесникот Карпасиј отиде кај царот и го измоли за себе домот на Киријак, којшто се наоѓаше блиску до термите на Диоклецијан. Вселувајќи се Карпасиј во него најде прекрасен извор на вода, ископан од свети Киријак и осветен од папата Маркел. Во тој извор се крштеваа многу незнабожци обраќајќи се во христијанство. За потсмев и за посрамување на христијаните Карпасиј го претвори тој дом во јавно купатило и блудилиште. Еднаш тој нареди таму за него да се приготви гозба. И тој заедно со своите 12 пријатели дојдоа таму да јадат, да пијат, да се бањаат и да блудничат. И кога нивната недолична веселба беше во ек, сите тие наеднаш попаѓаа мртви, поразени од невидлива сила Божја. Од тој настан се исплашија околните жители, го затворија тој дом и никој веќе не се осмелуваше да влезе во него. Во меѓувреме нечестивиот цар Максимијан Галериј отпатува на исток, а неговиот престол во Рим го зазеде Максенциј. Во тоа време римските клирици ноќе отидоа во трлото во коешто свети Маркел чуваше стока и го изведоа оттаму својот архипастир. А Максенциј како и неговите претходници продолжи да ги гони христијаните. Во тоа време во Рим живееја две жени од племенит сенаторски род, Прискила и Лукина. И двете беа вдовици и верни слугинки на Господ Исус Христос. Тие имаа големи имоти со коишто им служеа на светиите во нивните потреби. На своите имоти направија и гробници за погребување на телата на светите маченици, бидејќи во тоа време огромно мнозинство на христијани беше убивано заради исповедување на името Христово. Тајно ноќе тие ги собираа телата на мачениците коишто беа фрлени како храна за кучиња, за ѕверови и за птици и чесно ги погребуваа во своите гробници. А кога светиот папа Маркел беше изваден од трлото, тој заедно со блажената Лукина отиде на местото каде што светиот маченик Киријак заедно со неговите другари Смарагд и Ларгиј беа посечени, ги извадија од земјата нивните свети мошти, ги помажаа со мириси, ги обвиткаа во чисти платна и така ги однесоа во гробницата на Лукина и таму чесно ги погребаа во камените гробови. Во тоа време блажената Лукина на Римската Црква ѝ го поклони својот имот, а куќата на верниците за да ја претворат во црква. Папата Маркел ја освети таа куќа според пропишаниот црковен чин и таму служеше Литургија. За тоа дозна незнабожечкиот цар. Се разлути на Лукина и ја осуди на прогонство од градот, а нејзиниот имот нареди да биде разграбен. Незнабожечкиот цар, сакајќи да ги обесчести и папата и црквата, нареди домот на Лукина кој беше црква, да се претвори во живеалиште за стока. А светиот папа Маркел го осуди во сите денови од својот живот под стража да ја чува стоката во тој дом. Така светиот папа Маркел девет месеци чуваше стока немајќи доволно ниту јадење ниту облека, бидејќи стражарите не дозволуваа некој да дојде и да му го донесе потребното. Единствена облека му беше една остра и груба власеница што ја носеше. Во такви услови светиот папа Маркел се разболе и ја предаде својата душа во рацете на Бога, а неговото тело го зеде ноќе презвитерот Јован, го однесе во гробницата на Прискила и таму со клирици чесно го погреба. Така го заврши својот земен живот светиот папа Римски Маркел којшто претходно по пат на мачеништвото прати кај Господ многу свои деца, за потоа и самиот да застане пред престолот на великиот Архиереј, нашиот Господ Исус Христос, Кому е слава и сега и секогаш и во сите векови. Амин.

3. Свети папа Римски Фавиј (Фавијан) (236-250)

18 август

По потекло Римјанин, а по чин свештеник во деновите на незнабожечите римски цареви. Најпрво живееше во некое село близу Рим, а потоа се пресели во Рим и тука со голема усрдност ги погребуваше телата на светите маченици, бидејќи во тоа време мнозина христијани беа мачени и убивани, а нивните тела исфрлани надвор од градот како храна на кучињата, ѕверовите и птиците. Свети Фавиј тајно ноќе ги земаше светите тела и чесно ги погребуваше. А кога за време на царот Максимин светиот папа Антир беше убиен заради Христа, верните кои се криеа од прогонување и тајно ја држеа светата вера, се собраа заедно со епископите и презвитерите заради избор на епископ, во еден храм, за кој не знаеја гонителите. Кога при изборот се појавија несогласувања одненадеж се појави гулаб кој високо летајќи се спушти над главата на презвитерот Фавиј. Тогаш сите разбраа дека Господ Исус Христос со Својот Свет Дух го избра Фавиј за поглавар и пастир на Својата Црква. Откако царот Максимин беше убиен од своите војници, се зацари Гордијан, за чие време престана прогонувањето на христијаните. Свети Фавиј подигна во катакомбите, над гробовите на мачениците, многу пространи храмови, каде што верните се собираа за молитва. А над самите катакомби, во кои за време на прогоните се собираа верните, тој устрои црквички. И секој ден растеше Црквата Христова, благодарејќи на обраќањето на незнабожците од идолопоклоничкото безбожие кон Христа. Бројот на верните особено се зголеми со доаѓањето на Филип за римски цар со неговиот син за соцар, кои ја примија Христовата вера и кои ги крсти светиот папа Фавиј. Тогаш мноштво народ го следеше примерот на царот и на неговиот син и мнозина се крштеваа, а Христовата вера можеше слободно да се исповеда. А светиот папа со помош на вистинскиот слуга Христов, сенаторот Понтиј, ѕидаа храмови Божји, а рушеа идолишта и идоли. Но, по четири години повторно започна гонење на христијаните. Незнабошците под водство на злиот цар Декиј го убија царот Филип и неговиот син соцар, затоа што тие поверуваа во Христа и затоа што допуштија исповедање на вистинската христијанска вера. Откако ги убија царевите, почнаа да ги убиваат и останатите христијани, така што христијанската крв се проливаше во потоци. Најпрво беше фатен Фавиј, бидејќи незнабожците беа страшно лути на него како на водител и учител на христијаните. Го бараа и благочестивиот сенатор Понтиј, но не го најдоа бидејќи тој како и мнозина беше сокриен во катакомбите, а потоа избега од Рим. А на светиот папа Фавиј по наредба на владеачкиот цар Декиј му беше отсечена главата, така што и тој пострада заедно со многубројните овци на својата паства, кои беа заклани во тоа време.

4. Свети маченик Понтиј Римјанин

18 август

Во градот Рим живееше еден угледен сенатор Марк. Тој со својата сопруга Јулија, долго време не можеа да имаат дете. Во 22 година Јулија осети дека е бремена. Во петиот месец од својата бременост, посетувајќи ги храмовите на своите богови (и двајцата беа идолопоклоници) дојдоа во храмот на Јупитер. Тука Јулија го здогледа жрецот кој со венец на главата принесуваше жртва пред идолот. Одеднаш жрецот се разгневи, па откако го симна венецот почна да го кине на парчиња викајќи: „Оваа жена го носи во својата утроба оној кој овој храм до темел ќе го сруши и неговите богови ќе ги уништи.“ Ови зборови издемонизираниот жрец неколку пати ги повтори така што сите ги обзеде ужас. Јулија зема камен и почна да се удира по стомакот велејќи: „Подобро да не ни зачнав таков, кој ќе го разори храмот и кој ќе ги уништи боговите!“ Но, кога ѝ дојде времето да роди, иако сите очекуваа да се роди мртво дете бидејќи силно се удираше со камен по стомакот, таа роди потполно здраво дете. Јулија сакаше да го убие новороденчето, но таткото ѝ се спротивстави. Му дадоа име Понтиј. Кога Понтиј потпорасна го дадоа на училиште, а детето напредуваше во сите науки бидејќи имаше извонредно памтење и беше многу начитан. Еднаш одејќи кон својот учител поминуваше покрај еден христијански дом. Таму го слушна пеењето на псалми кои зборуваа за безживотноста на идолите и Го прославуваа вистинскиот Бог. Под дејството на благодатта на Светиот Дух тој заплака и воскликна: „Боже, Којшто си прославуван во овие песни, дај ми да Те познам!“ Тој затропа на вратата од тој христијански дом и влезе. Таму го пречека светиот папа Понтијан и го прими, а потоа долго време му ги објаснуваше зборовите на псалмите. Блажениот Понтиј го прифати светиот папа Понтијан за свој духовен раководител. За кратко време Понтиј го доведе и својот татко сенатор Марк кај светиот Понтијан, којшто долго разговараше со него учејќи го на познанието на вистинскиот Бог и откривајќи му ги тајните на светата вера. Марк со сето срце поверува во Господ наш Исус Христос и заедно со папата и со својот син почна да ги разбива идолите коишто се наоѓаа во нивниот дом. Откако ги испокршија сите идоли, Марк со синот и со целиот свој дом го прими светото Крштение. По шест месеци од упокојувањето на својот татко, Понтиј беше поставен за сенатор на местото на својот татко иако тој самиот тоа не го сакаше. Меѓутоа, тоа се случи според Божјата промисла, за во свое време Понтиј да ги приведе кон Христос не само народот туку и царот. Во тие денови светиот папа Понтијан беше убиен за Христа по наредба на царот Максимин, а наместо него за епископ беше поставен свети Антир, но и тој едвај месец дена помина на престол, а потоа маченички пострада исто по наредба на царот Максимин. После светиот Антир, за епископ беше избран свети Фавијан. Тој го сакаше Понтиј како татко што го сака своето дете. Свети Понтиј му го предаде сиот свој имот на светиот епископ Фавијан за тој да го раздаде на сиромасите, најнапред на своите по вера. 

По смртта на царот Максимин царуваа Гордијан, па Филип со својот син. Нив свети Понтиј ги обрати во верата Христова, а светиот папа Фавијан ги крсти. Заедно со царот Филип и неговиот син Филип, се крсти и многу народ по примерот на своите цареви. Тогаш се исполнија зборовите на демонизираниот жрец кажани за свети Понтиј дека ќе ги испокрши идолите во храмот на Јупитер. Бидејќи, откако доби дозвола од царот Филип и од неговиот син, свети Понтиј заедно со светиот папа Фавијан влезе во храмот на Јупитер, кадешто ги испокршија идолите, а потоа и целиот храм го урнаа до темел. Исто така тие разрушија и неколку други многубожечки храмови, а наместо нив изградија цркви. Во тие денови многу луѓе се обраќаа кон Христос и се крштеваа. Ваква слобода Црквата ја имаше 4 години, а потоа повторно настапи период на прогонство на христијаните. Безбожниот цар Декиј ги уби сите благочестиви цареви заради нивната вера во Христос, а понатаму почна да ги убива и верниците меѓу коишто беше убиен и светиот папа Фавијан. За време на ова гонење свети Понтиј се сокри некаде во Рим, но бидејќи незнабожците постојано го бараа затоа што ги разруши нивните храмови, тој избега надвор од Рим. Но, по кратко време, за време на царот Валеријан, тој беше фатен и предаден на незнабожечкиот суд. Кога го принудуваа да принесе жртва на идолите тој велеше: „Мојот Цар и Утешител е Христос и ако заради Него се откажам од земната татковина ќе ја наследам вечната и наместо пропадливоста ќе се удостојам да бидам со светите ангели во небесна слава.“ Тогаш Понтиј беше ставен на маки, но справите за мачење се распаднаа. Потоа, беше изведен пред мечки за да го изедат, но мечките неочекувано се фрлија на стражарите и ги изедоа, а на светиот Понтиј не му ни пријдоа. Потоа Понтиј беше фрлен во оган, но огнот не го повреди. Тогаш присутниот народ извика: „Голем е Бог христијански.“ Потоа мачителите сакаа со ласкање да го придобијат, но светиот Понтиј на тоа одговори: „Славата на овој свет и неговите богатства се како утринска магла, но штом ќе дувне ветер маглата исчезнува како и да не постоела. А славата и чест коишто јас ги посакувам остануваат вечно.“ Тогаш свети Понтиј беше изведен надвор од градот и посечен со меч. А неговото свето тело го погреба неговиот пријател и составувач на неговото житие Валериј. Така светиот маченик влезе во радоста на својот Господ Исус Христос Кому што со Отецот и Светиот Дух нека е чест и слава, сега и секогаш и во сите векови. Амин.    

5. Свети архиѓакон Лаврентиј, светиот папа Сикст и другите со нив

23 август

Светиот папа Сикст беше родум од Атина. Најпрвин беше философ, а потоа ученик Христов. По неговото доаѓање во Рим, тој многу ѝ послужи на Црквата Христова со својата мудрост и добродетелен живот. Откако беше убиен за Христа светиот папа Стефан, на негово место беше поставен светиот папа Сикст. За време на царот Декиј папата Сикст со целиот клир беше фрлен во темница. Изведен пред царот со двајца ѓакони, Фелицисим и Агапит, одби да им принесе жртва на идолите. Потоа беа одведени во Марсовиот храм којшто се наоѓаше пред Апиевата капија. Застанувајќи пред храмот светиот папа Сикст рече: „Нека те урне Христос, Синот на живиот Бог!“  Само што присутните христијани изговорија: „Амин“, се урна еден дел од храмот и се скрши идолот кој се наоѓаше во него. Меѓу присутните христијани беше и светиот архиѓакон Лаврентиј, којшто го молеше својот духовен отец, папата Сикст, да не го остава туку да го земе со него. Тогаш и тој беше фатен. Светиот папа Сикст, ѓаконите Филицисин и Агапит беа со меч посечени пред храмот на Марс, а нивните тела ноќе ги зедоа христијаните со презвитерите и ѓаконите и ги погребаа. По смртта на светиот папа Сикст, светиот архиѓакон Лаврентиј беше одведен кај царот и запрашан за богатството коешто тој уште пред смртта, а по заповед на папата Сикст, го беше раздал на сиромасите. Бидејќи Лаврентиј не му одговори ниту збор, беше фрлен во темница. Во темницата крсти во верата Христова некој Елин по име Луцилиј, којшто веќе многу време беше во темница и беше слеп, а одамна сакаше да се крсти во името Христово. Откако свети Лаврентиј го крсти, слепиот прогледа. За ова чудо дознаа и другите слепци, па доаѓаа кај свети Лаврентиј, а тој ги полагаше своите раце врз нив, осенувајќи ги со крсниот знак и изговарајќи го името Христово ги исцелуваше. Надзорникот на темницата Иполит гледајќи го сето ова се восхитуваше. По некое време Иполит го изведе свети Лаврентиј од темницата и го доведе во својот дом каде што свети Лаврентиј го поучи за верата Христова и го крсти. Потоа, Иполит го замоли свети Лаврентиј да го крсти со целиот негов дом во којшто живееја 19 души. И свети Лаврентиј ги крсти сите. Во тоа време Иполит доби наредба да го изведе Лаврентиј пред епархот Валеријан. Кога дојдоа пред Валеријан, свети Лаврентиј повторно беше запрашан за богатството коешто тој им го беше раздал на сиромасите. На тоа Светителот одговори: „Дај ми време од 2-3 дена и ќе ти го покажам богатството.“ Тогаш Валеријан му го довери светиот Лаврентиј на Иполит за да го чува тие три дена. А во текот на тие три дена свети Лаврентиј во домот на Иполит прибра многу сиромаси, вдовици, сираци, слепи, хроми и болни. Откако поминаа трите дена, свети Лаврентиј сите овие ги донесе пред царот Декиј и пред епархот Валеријан велејќи им со силен глас: „Еве, во овие коишто сега ги гледате е сокриено, како во садови, вечно богатство, и оној кој во овие садови го става својот имот ќе му биде возвратено со добивка во Царството Небесно.“ Посрамени од оваа постапка на светиот Лаврентиј, царот Декиј и епархот Валеријан силно се разгневија и почнаа да го принудуваат светиот Лаврентиј на идолопоклонство, при што тој одговори: „Сами расудете дали е праведно да им се поклонувате на идолите коишто се дело на човечки раце и во коишто живее демон наместо да се поклонувате на Небесниот Бог, Создателот на сѐ видливо и невидливо.“ Разгневен царот го предаде свети Лаврентиј на мачење. Светиот маченик беше биен со скорпиони (синџири со остри запци) по голо тело така што земјата се натопи со неговата крв. За време на мачењето свети Лаврентиј велеше: „Јас му благодарам на мојот Бог што ме удостои да имам удел во маките на Неговите свети маченици, а ти, беднику, се мачиш со безумие и со својата јарост.“ Потоа, свети Лаврентиј беше ставен на уште полути маки, но и тогаш му велеше на разлутениот Декиј: „Беднику, јас одамна ги посакувам сите тие мачења, бидејќи тие се наша слава.“ Потоа, маченикот беше одведен во храмот на Зевс, каде што го приморуваа да открие каде се сокриени христијаните. Бидејќи тој одби, почнаа да го бијат со стапови и со вжештено железо. Во тие маки маченикот Му се молеше на Бога велејќи: „Господи Исусе Христе, Боже од Бог, помилуј ме мене Твојот слуга. Ме клеветеа, но јас не се откажав од Тебе, ме испитуваа и јас го исповедав Твоето Пресвето име.“ Продолжија да го бијат Свети Лаврентиј при што тој повторно извика: „Господи Исусе Христе, прими го духот мој!“ Тогаш кон него се слушна гласот од небото којшто говореше: „Уште многу ќе страдаш.“ Овој глас го слушнаа сите. Потоа маченикот повторно беше биен со скорпиони при што се молеше вака: „Благословен си Господи Боже, Оче на нашиот Господ Исус Христос! Ти благодарам што и нам недостојните ни ја даваш Својата милост, дај ми ја уште благодатта Твоја, за сите што овде стојат и гледаат во мене да познаат дека Ти ги утешуваш слугите Твои.“ Додека светителот вака се молеше еден од присутните војници по име Роман поверува во Христа и извикна кон свети Лаврентиј: „Гледам пресветло момче коешто стои покрај тебе и со убрус ти ги брише раните и целото тело. Затоа те преколнувам во името на Господ Исус Христос Којшто ти го прати Својот ангел, не ме оставај.“ Потоа, царот Декиј нареди да го предадат под стража на Иполит. Тогаш војникот Роман донесе кај свети Лаврентиј сад полн со вода и припаѓајќи кон неговите нозе, го молеше со солзи да го крсти. Веднаш по Крштението Роман беше одведен кај царот и откако ја исповеда својата вера во Христа беше посечен со меч.

Царот Декиј и Валеријан наредија свети Лаврентиј за последен пат да се изведе на суд и да се подготват справите за мачење. Дознавајќи за ова Иполит почна да плаче, а Лаврентиј го тешеше велејќи: „Не плачи заради мене, туку радувај се затоа што ќе се овенчам со маченички венец.“ Кога свети Лаврентиј беше изведен пред царот и запрашан дали го почитува законот Божји тој одговори: „Законот на којшто сум научен ме научи да Го почитувам мојот Бог, Господ Исус Христос; закрепуван со Неговото име јас навистина не се плашам од маки со кои ти ми се закануваш.“ Потоа, свети Лаврентиј најпрво беше биен со камења по устите, па положен на железна решетка под којашто беше запален оган, а одозгора го притискаа со железни вили. Тогаш царот му рече на маченикот да принесе жртва на идолите, на што маченикот одговори: „Јас самиот себе со скрушен дух Му се принесувам на жртва на мојот Бог како миомирисен темјан.“ Знај, беднику, дека овој оган мене ми подготвува разладување, а тебе вечни маки. Мојот Господ знае дека јас не се одреков од Него. И сега испечен на оганот Му принесувам благодарност.“ Сите што присуствуваа се чудеа на жестокоста на царот, којшто нареди Лаврентиј жив да го испечат. А свети Лаврентиј со светло лице говореше: „Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме укрепи. Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме удостои да влезам низ Твојата врата.“ Откако го рече ова го испушти духот. Откако видоа дека маченикот умре, царот и епархот отидоа посрамени оставајќи го телото на маченикот на одар. А Иполит пред да се раздени го зеде чесното и многустрадално тело на светиот маченик, го обвитка во платно со мириси и го извести за тоа светиот презвитер Јустин. Двајцата заедно го однесоа чесното тело кај една благочестива вдовица Кирјакија во чијшто дом тоа остана сѐ до вечерта. И целиот ден го поминаа во пост и во солзи. Касно навечер го однесоа чесното тело во една катакомба каде што се собраа многу христијани и чесно го погребаа. Светиот презвитер Јустин отслужи Божествена Литургија и сите се причестија со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови. А светиот Иполит пострада со повеќе други маченици во третиот ден после смртта на свети Лаврентиј. За сите нив нека е слава на нашиот Бог во Света Троица прославуван, сега и секогаш и во сите векови.

6. Света Кикилија со мачениците Валеријан, Тивуртиј и Максим

5 декември

Света Кикилија (Цецилија) е родена во Рим од богати и угледни родители. Слушајќи ја проповедта на Евангелието, таа поверува во Христа и исполнувајќи се со срдечна љубов кон Него донесе одлука да не се мажи, туку својата девственост да ја чува чиста заради Нескверниот Женик – Христос Бог. Меѓутоа, противно на нејзината волја, родителите ја верија за еден високороден млад незнабожец, по име Валеријан. Кога дојде денот на нивната свадба, таа непрестајно Му се молеше на Бога да ѝ прати ангел за да ја одбрани нејзината девственост. Кога падна ноќ и младенците се повлекоа во одаја, Кикилија му рече на својот женик Валеријан: „Сакам да ти откријам една тајна. Јас имам покрај себе ангел Божји, чувар на мојата девственост, кого ти не го гледаш. Ако ме допреш, тој ќе те убие, бидејќи стои тука спремен да ме заштити.“ Како го слушна тоа Валеријан се исплаши и почна да ја моли Кикилија да му го покаже ангелот за да го види. Девицата одговори: „Ти си човек кој не Го знае вистинскиот Бог и не можеш да го видиш ангелот Божји сѐ додека не се очистиш од нечистотијата на твоето незнабожство. Има еден старец Урбан, епископ христијански, тој знае да ги очистува незнабожците со свето Крштение и да ги направи способни да ги гледаат ангелите. Ако сакаш да се очистиш, оди кај него и кажи му го ова што си го чул од мене.“ Валеријан ја праша каде да го бара тој старец. Девицата му одговори: „Оди по Апиевата улица и таму ќе сретнеш просјаци, тие ќе те одведат до старецот Урбан“. Просјаците го одведоа Валеријан кај блажениот старец Урбан кој се криеше од гонителите во катакомбите и по разрушените храмови. Кога старецот Урбан го здогледа Валеријан многу се израдува и преклонувајќи ги колената почна со солзи да Му благодари и да Му се моли на Бога. Одеднаш се појави некој чуден старец во бели алишта, со книга во рацете. Застанувајќи пред Валеријан, тој ја отвори книгата. Валеријан силно се исплаши и падна на земја, но старецот го подигна и му рече: „Прочитај го ова, сине, што е напишано во оваа книга за да се удостоиш да бидеш очистен и за да го здогледаш ангелот кого ти го вети твојата вереничка.“ Валеријан погледна на книгата и ги прочита со злато напишаните букви: „Еден е Господ, една е верата, едно е Крштението, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сите, и во сѐ, и во сите нас. Амин“ (Еф. 4, 5-6). Кога старецот го запраша дали верува или сѐ уште се сомнева, тој одговори: „Навистина нема под небото ништо повистинско од овие зборови“. Блажениот Урбан доволно го поучи Валеријан и откако го крсти го испрати кај својата света вереничка. Кога Валеријан се врати дома, во неговата одаја ја најде света Кикилија на молитва и го здогледа ангелот Божји каде што стои покрај неа во голема светлина и неискажана убавина; во своите раце ангелот држеше два венци, исплетени од црвени ружи и бели лилјани, кои прекрасно мирисаа. Едниот венец ангелот го стави на главата на Валеријан говорејќи: „Сочувајте ги овие венци во срце чисто и тело неосквернето. Јас ви ги дадов од рајот Божји и тие имаат таква сила што никогаш нема да овенат, ниту мирис ќе изгубат и никој не може да ги види, освен оние кои ја сакаат чистотата како и вие. А ти Валеријан, затоа што се согласи на предлогот на твојата вереничка да ја чуваш чистотата, Бог ме прати кај тебе да ти дадам сѐ што ќе замолиш од Него.“ Тогаш Валеријан му се поклони на ангелот и рече: „Во овој свет ништо не ми е помило од мојот брат Тивуртиј. Зато Го молам Господа да го избави мојот брат од погибелта и од власта ѓаволска, како што и мене ме избави, и да го обрати кон Себе, и на двајцата да ни даде да станеме соврешни во исповеданието на Светото име Негово. Тогаш англеот му рече: „На Бога му е пријатна твојата молба, и Он ќе ја исполни желбата на срцето твое. Он ќе го спаси твојот брат Тивуртиј преку тебе, како што тебе те спаси преку девицата, и вие двајцата ќе појдете на маченички подвиг.“ Тогаш ангелот исчезна.

Во тоа време дојде кај нив братот на Валеријан, Тивуртиј, кого што тогаш Валеријан и Кикилија го обратија во верата. Тие му кажаа, ако верува во Господ, нека отиде кај нивниот епископ Урбан и од него да прими свето Крштение. Тој малку се исплаши бидејќи знаеше дека Урбан беше два пати осуден на смрт и дека се крие некаде, и ако за нив дознаат дека одат кај него, несомнено и нив ќе ги убијат. Но, света Кикилија и Валеријан на Тивуртиј му кажуваа за вечниот живот и за наградата на светите маченици кои умираат заради Христа. Тивуртиј тогаш рече: „Безумните нека го сакаат овој краткотраен живот, јас го сакам вечниот живот. Одведете ме брзо кај епископот, тој да ме очисти и да ме направи заедничар на вечниот живот.“ Урбан со љубов го прими и го крсти. Потоа кај себе го задржа седум дена, додека потполно не го научи на Светите Тајни на Светата вера.  

По крштението Тивуртиј се удостои со толкава благодат што гледаше ангели и разговараше со нив, и сѐ што бараше од Бога добиваше. И многу чуда правеше тој со братот свој исцелувајќи ги болните. Својот имот тие го раздадоа на сиромашните христијани и на сирачињата и вдовиците, откупуваа робови, и чесно ги погребуваа телата на светите маченици, кои тогаш во голем број беа убивани заради Христа. 

За сето тоа дозна градоначалникот Алмах, којшто по наредба на царот немилосрдо ја пролеваше крвта на христијаните мачејќи ги и убивајќи ги, и издаде заповед веднаш да ги фатат и да ги доведат кај него. Мачениците беа одведени на местото наречено Паг, наспроти Јупитеровото идолиште, каде што тие требаше, или да му принесат жртва на Јупетер, или да бидат обезглавени. Со џелатите и војниците градоначалникот го испрати својот пратеник Максим за под негов надзор да се изврши посекувањето на мачениците. Но, Максим гледајќи ги по патот светите страдалници плачеше и говореше: „Зошто толку доброволно брзате кон смртта како на голема гозба!“ Свети Тивуртиј му одговори: „Кога не би знаеле за вечниот живот кој нѐ очекува по смртта, тогаш не би се радувале на лишувањето од времениот живот. Ако сакаш потполно да се увериш вети ни дека искрено ќе се покаеш и откажувајќи се од незнабожството ќе се обратиш кон Бога Кого ние Го проповедаме. А ние ти ветуваме кога ќе бидеме посечени и кога ќе излеземе од телото, ќе се отворат твоите очи и ти ќе ја здогледаш славата на вечниот живот која ќе ни биде дадена“. Максим се согласи. Светителите го замолија да ги однесе во нивниот дом каде што тие говореа за верата во Господа, а сите во домот внимателно ги слушаа, и мнозина се обратија во верата. Вечерта во домот дојде света Кикилија со свештениците и сите што поверуваа беа крстени. Остатокот од ноќта тие го поминаа во молитва и во поучување во верата.

Утрото светителите тргнаа кон споменатото место. По патот жреците ги принудуваа да принесат жртва на Јупитер, но, бидејќи мачениците не послушаа и се потсмеваа на нивното безумие, им ги отсекоа главите. Максим во тој час ги виде ангелите Божји дека светат како сонце, и дека од посечените тела на светите маченици тие ги изведуваат душите како прекрасни девици и ги вознесуваат со голема слава кон небото. Кога Максим зборуваше за ова мнозина незнабожци поверуваа во Христа. А градоначалникот, дознавајќи дека Максим ја примил Христовата вера, нареди со стапови безмилосно да го бијат додека не ја предаде својата душа во рацете на Господ. Телото на светиот маченик Максим го зеде света Кикилија и го погреба со телата на светите Тивуртиј и Валеријан.

Барајќи ги нивните имоти, кои што Кикилија успеа да ги раздаде на сиромашните, градоначалникот прати свои слуги да ја фатат. Во својот дом таа почна да им зборува за наградата којашто ги очекува праведните, и сите што слушаа беа трогнати. А во нејзиниот дом се собраа мноштво луѓе и жени. Сите одговорија: „Веруваме и исповедаме дека Христос Кого ти го проповедаш е витинскиот Бог, а ти вистинска слугинка Негова“. Света Кикилија веднаш прати по епископот Урбан, кој тогаш крсти до 400 луѓе кои поверуваа во Христа. И домот на света Кикилија стана црква Христова. Штом за ова дозна градоначалникот Алмах, тој нареди слугинката Христова да ја изведат пред суд. Кога ја принудуваше да им принесе жртви на идолите таа покажуваше дека е спремна веднаш да умре за Христа. Мачителот нареди Кикилија да ја одведат во нејзиниот дом и да ја убијат во прегрејано купатило. Три дена и три ноќи ја мачеа со врелина и чад, но, благодатта Божја ја ладеше и оживуваше. Дознавајќи дека маченичката толку време во прегреано купатило останува жива, мачителот нареди таму да ја посечат со меч. Џелатот отиде кај неа, трипати ја удри со меч по вратот, но не ѝ ја отсече главата до крај, и оставајќи ја така си отиде. Верните ја собраа нејзината крв со сунѓер и убрус, а светителката остана жива уште три дена, расудувајќи потполно здраво и утврдувајќи ги присутните христијани во верата. Најпосле, за време на молитва, таа го предаде духот свој во рацете Божји. И беше чесно погребена од верните.

(Во житијата се опфатени светители коишто живееле во раната Црква, во првите векови на христијанството, коишто се во тесна врска со катакомбната Црква.)

Со љубезност на списанието „Премин“.

На Растку објављено: 2008-02-13
Датум последње измене: 2008-02-13 13:48:12
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија